Лошото време и војната се закануваат да ги задржат ниско резервите од пченица во светот. Од влажните полиња во Западна Европа до исушената почва во Австралија и инвазијата на Москва, која ги спречува украинските резерви, земјоделците се соочуваат со неуспеси.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонски компании меѓу берзанските ѕвезди во регионот Адрија
На истекот на првите четири месеци од 2024 година раст на вредноста бележат речиси сите главни берзански индекси во регионот Адрија (Македонија, Србија, Хрватска и Словенија). Исклучок во регионот е Босна и Херцеговина каде што има пад кај клучните индекси на берзите во Сараево и Бања Лука. Во услови на позитивни раздвижувања на повеќето берзи во регионот, „Блумберг Адрија“ анализираше кои се компаниите што се истакнуваат како регионални ѕвезди во досегашниот период од годината.
Убедлив лидер по растот на вредноста на акциите од почетокот на годината до крајот на април е српската компанија „Месер Техногас“. Акциите на оваа компанија во периодот јануари-април 2024 година се зголемија за 57,81 проценти. На второто место се најде хрватската компанија „Кончар Електроиндустрија“ чиишто акции во овој период пораснаа за 42,25 проценти. Третото место на оваа листа го зазеде „НЛБ Банка“ од Македонија којашто забележа раст на акциите за 40,39 проценти.
Поделбата на акциите на „Реплек“ поттик за малите инвеститори и за ликвидноста
Каков ефект ќе има неодамнешната одлука на македонската фармацевтска компанија „Реплек“ да ги подели акциите во сооднос 1:10 е прашање што заслужува внимание, со оглед на тоа што станува збор за несекојдневен потег, кој е реткост на македонскиот пазар на капиталот за разлика од светските пазари, каде што ваквите чекори се многу почести. Добар пример за тоа е поделбата на акциите на „Алфабет“ (Alphabet), компанијата што стои зад „Гугл“ (Google), која се случи во јули 2022 година. Тогаш акционерите на „Алфабет“ на годишното генерално собрание на компанијата гласаа за одобрување на поделбата на акциите во сооднос 1:20, со што секој акционер што поседувал една акција стана сопственик на 20 акции од компанијата.
Поделбата на акции претставува корпоративното дејство, кое се спроведува во согласност со одлука на собранието на акционери на друштвото врз основ на одредбите од Законот за трговски друштва. Постојниот број акции што е дистрибуиран на вкупниот број акционери се зголемува во согласност со утврдениот сооднос во одлуката.
Илон Маск на работ да обезбеди 18 милијарди долари за „Екс еј-ај“
Стартапот за вештачка интелигенција на Илон Маск, „Екс еј-ај“ (xAI), е на чекор да го затвори кругот на финансирање од 18 милијарди долари уште неделава, според луѓе запознаени со ова прашање.Вредноста на инвестициската рунда не е финализирана, велат луѓето, барајќи да не бидат идентификувани бидејќи информацијата не е јавна. Производителот на четботот за вештачка интелигенција, Грок (Grok), требаше да собере 6 милијарди долари во круг во кој, меѓу другото, е вклученa и „Секвоја капитал“ (Sequoia Capital), објави „Блумберг“ (Bloomberg).
Дискусиите се во тек, а деталите, како што се вреднувањето на стартапот и времето, може да се променат, велат информирани извори. Претставниците на социјалната мрежа Х на Маск, порано позната како Твитер, не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Путин ги обнови нуклеарните закани кон Западот на воената парада
Претседателот Владимир Путин го предупреди Западот да не ѝ се заканува на Русија додека тој ја продолжува својата инвазија на Украина и го заживеа својот говор за нуклеарна моќ на годишната воена парада во Москва по повод победата во Втората светска војна.На годинешната парада на Црвениот плоштад имаше 9.000 војници и оружје, вклучувајќи напредни системи за воздушна одбрана и интерконтинентални нуклеарни ракетни фрлачи, но само еден тенк Т-34 од Втората светска војна.
Гледачите беа облечени во капути поради ниските температури, а во ТВ-преносот наместа на земјата можеше да се видат делови од снег.Русија ги засили заканите против САД и нивните сојузници додека Украина се бори на бојното поле по неколкумесечно одложување на новата воена помош, поради што ѝ недостига муниција.
„Тесла“ го зголемува бројот на откази во Кина
Глобалното забавување на побарувачката за електрични возила ги предизвика најголемите отпуштања во „Тесла“ досега. Во Кина компанијата се соочува со најголем предизвик, бидејќи интензивната конкуренција од ривалите како БЈД и слабото расположение на потрошувачите ја повредуваат продажбата. Испораките од нејзината фабрика во Шангај се намалија за 18 отсто во април, иако вкупниот пазар за возила со нова енергија порасна за 33 отсто.
Пазарниот удел на „Тесла“ во Кина се намали на околу 7,5 отсто во првиот квартал од 2024 година, од 10,5 отсто во истиот период минатата година, според пресметките на „Блумберг њуз“. Повеќето од отпуштените вработени во Кина ќе добијат исплата еднаква на едномесечна плата за секоја работна година, плус дополнителни три месеци плата, според еден од луѓето.