Економијата во еврозоната во првиот квартал од годинава порасна над проекциите. И растот на најголемата европска економија забрза повеќе од прогнозите. Европската централна банка ги прима сигналите и се подготвува за првото намалување на каматните стапки веќе на следниот состанок, кој ќе се одржи на 6 јуни.
Сепак, платите создаваат главоболка. Повторно Германија е негативецот во оваа приказна и може да биде причина ЕЦБ да биде повнимателна со олабавувањето на политиките. Американскиот Фед, од друга страна, веќе објави дека ќе ги задржи каматите повисоки уште некое време.
Македонската Народна банка, пак, прогнозира дека домашната економија ќе расте, но побавно од претходно проектираното. Инфлацијата има надолна патека, а целта од два отсто ќе биде постигната до 2026 година, објави централната банка во своите најнови проекции.
За 2026 година остануваат и проекциите дека земјава ќе се приклучи на европскиот енергетски пазар преку поврзување со некоја од соседните земји, Бугарија или Грција. Тоа се двете земји што новата претседателка ги налути на првиот работен ден. Освен политички, енергетскиот сектор во земјава се соочува со уште еден проблем – струјата од обновливи извори нема каде да се чува, па балансирањето на системот нè чини сè поскапо.
Скапо нè чинат и фриленсерите. УЈП не ги препознава нив, па плаќањето данок е оставено на добрата волја. Домашниот даночен систем не е дел ниту од системот на ОЕЦД преку кој се вршат размени на податоци за даночни прашања за избегнување затајување или измами.
Неделава ја обележи највисоката цена на бакарот во последните две години. Ова е добра вест за двата рудника за бакар во земјава, но не е добра за индустријата, која стравува од зголемување на трошоците, губење на пазарите и намалување на бројот на работници.
Расте и цената на какаото на светските берзи, што значи дека чоколадите ќе бидат и поскапи и помали. Нашите аналитичари прогнозираат раст на цените на месото во регионот, особено на пилешкото поради зголемената побарувачка.
Високите трошоци се проблем дури и за Швајцарија, која по победата на Немо ќе треба да организира Евровизија в година.
Во време кога група македонски студенти го изработуваат првиот македонски болид, ве потсетивме на автомобилите што порано најчесто ги гледавме на патиштата.
Негативен настан на неделата број еден е обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо. Ова е прв ваков напад во Европа по атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.