Министерството за правда на САД испрати судски покани до „Енвидија“ (Nvidia Corp.) и други компании, барајќи докази дека овој производител на чипови ги прекршил антимонополските закони. Според „Блумберг“ (Bloomberg), последниот потег на властите е ескалација во истрагата на министерството за доминантниот снабдувач на процесори за вештачка интелигенција (ВИ).
Министерството, кое претходно испраќаше прашања до компаниите, сега испраќа законски обврзувачки барања што ги задолжуваат примателите да ги дадат бараните информации, велат упатените во истрагата. Тоа ја носи американската влада еден чекор поблиску до поднесување формална жалба.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Шефот на „Енвидија“ загуби 10 милијарди долари во еден ден
Богатството на главниот извршен директор на корпорацијата, Џенсен Хуанг, падна најмногу досега, по падот на акциите на чипови и извештајот дека американското министерство за правда испратило покани до технолошката фирма како дел од антимонополската истрага.
Нето-богатство на Хуанг падна за околу 10 милијарди долари, на 94,9 милијарди долари, што е најголем пад во еден ден за него откако индексот на милијардери на „Блумберг“ (Bloomberg) почна да го следи неговото богатство во 2016 година. Падот следуваше по падот од 9,5 отсто на акциите на производителот на чипови што тој го основа. Портпаролот на компанијата одби да коментира.
Поради слабите продажби, две фабрики на „Фолксваген“ се вишок
Производителот „Фолксваген“ (Volkswagen AG) ги брани своите идеи за затворање фабрики во Германија, потег што би бил без преседан, велејќи дека тековната продажба на автомобили ја оставила компанијата со околу две фабрики како вишок.
„Побарувачката во Европа не закрепна по пандемијата, со испораки на автомобили низ регионот околу 2 милиони помалку од нејзиниот врв“, рече главниот финансиски директор Арно Антлиц на собранието на вработените во Волфсбург. Работниците извикуваа против Антлиц и главниот извршен директор Оливер Блум кога тие излегоа на сцената.
Најмалку 16.000 работници се приклучија на состанокот во средата во и околу халите на главната фабрика на „Фолксваген“ во Волфсбург, според портпаролот на работниот совет на компанијата. Многумина кренаа транспаренти или скандираа „ние сме 'Фолксваген' - вие не сте“.
БДП забрза - раст од 2,3 отсто во вториот квартал
Економската активност во земјава забрза во вториот квартал од годината. Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ во периодот април – јуни изнесува 2,3 отсто.
Ова е највисок на раст на БДП по почетокот на енергетската криза во 2022 година. Тогаш БДП порасна за 2,2 отсто, а минатата година забави на еден отсто. Во првото тромесечје од годинава растот изнесуваше 1,2 отсто.
Најголем пораст во вториот квартал бележи секторот уметност, забава и рекреација (9,5 отсто), потоа стручни, научни и технички дејности (8,7 отсто).
БМЗ треба да го зголеми македонскиот извоз, цената на батериите во светот паѓа
Групацијата БМЗ, која постави камен-темелник во Технолошко-индустриската зона во Скопје, е глобален играч во производството на литиум-јонски системски решенија.
БМЗ веќе произведува во земјава во постоен објект во рамките на „Раде Кончар“. Но, според генералната менаџерка на компанијата во Македонија, Јелица Ивановска, потребен им е поголем објект.
„Сега во компанијата работат 110 вработени на пет производствени линии. Веќе имаме комерцијално производство, но имаме потреба од поголем простор. Ќе градиме модерна фабрика, каде што ќе имаме 40 производствени линии, а вкупниот број на вработени ќе изнесува од 770 до 1.000“, рече Ивановска.
Во моментов од фабриката во Македонија се извезува за Германија и Полска, но новиот погон ќе овозможи зголемување на извозот и надвор од Европа. Се очекува производството во новата фабрика да почне во мај следната година.
Величковиќ: ВИ може да креира фудбалски тактики, ама е далеку од Ајнштајн
Вештачката интелигенција од корен го смени светот на технологијата и разбирливо е што се споредува со појавата на Интернетот. Светските технолошки гиганти вложуваат стотици милијарди долари во понатамошниот развој на вештачката интелигенција, што допрва треба да донесе имплементација на оваа технологија во секојдневието.
Тоа беше повод да поразговараме со Петар Величковиќ, кој како научник-истражувач вработен во „Гугл дип мајнд“ (Google DeepMind) е директно вклучен во развојот на вештачката интелигенција.