Словенката Марта Кос е нова еврокомесарка за проширување. Претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, вчера ги претстави новите еврокомесари и ресорите со кои ќе раководат. При составувањето на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па, така, во Комисијата ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.
Добро утро, ова се најважните вести за почеток на денот, а ако утрото го уживате со кафе, имајте предвид дека тоа задоволство ќе стане уште поскапо.
Постојаните прекини во снабдувањето ги зголемија трошоците за премиум зрна oд сортата арабика на највисоко ниво во последните 13 години. Цените се зголемени за приближно 40 отсто годинава, бидејќи недостигот од поевтини зрна од сортата робуста ја поттикна побарувачката за арабика, која е фаворизирана од специјализираните синџири.
Климатските промени значително влијаат врз производството на кафе, предизвикувајќи проблеми во главните земјоделски региони. Но, глобално цената на кафето се зголемува и поради неколку други клучни фактори, како зголемените трошоци за транспорт и гориво кои го отежнуваат извозот, но и глобалната инфлација, која ги притиска трошоците за труд и суровини.
„Мајкрософт“ одвои милијарди за сопствени акции, колку откупуваат домашните компании?
Веста дека светскиот технолошки гигант „Мајкрософт“ (Microsoft) претстави нова програма за откуп на сопствени акции вредна 60 милијарди долари вчера беше во центарот на вниманието на меѓународните инвеститори. Иако македонскиот пазар на капитал е светлосни години назад во однос на американскиот, практика на откуп на сопствени акции постои и кај нас.
Од почетокот на годинава, заклучно со 16 септември, 11 компании објавиле одлуки за откуп на сопствени акции, а само пет извршиле откуп на акции. Меѓу најактивните купувачи на сопствени акции е „Окта“, која во три наврати во текот на јули годинава откупи вкупно 84.636 сопствени акции, кои претставуваат 10 проценти од вкупниот број акции на компанијата.
„Стандард енд Пурс“ повторно го намали кредитниот рејтинг на Град Скопје
Глобалната рејтинг агенција „Стандард енд Пурс“ (S&P Global Ratings) го намали кредитниот рејтинг на Град Скопје од „ББ-“ на „Б+“ со стабилен изглед, што е второ надолно ревидирање за период од една година. Во образложението се вели дека Град Скопје продолжи да акумулира заостанати долгови кон добавувачите во текот на 2024 година, при што вкупниот долг пораснал од 450 милиони денари (7,3 милиони евра) на крајот на 2023 година на речиси 700 милиони денари (11,3 милиони евра) заклучно со јуни годинава.
„Според нас, ова се случува во позадина на послабо финансиско управување и постојани тензии меѓу градската администрација и советот. Сега мислиме дека локалното политичко опкружување би можело да остане конфронтирачко барем до следните општински избори (до 2025 година) со негативни импликации врз способноста на општината да се задолжува и целосно да ја спроведе својата програма за јавни инвестиции“, велат од „Стандард енд Пурс“.
ЈСП ита кон климатските цели со автобуси постари и од 30 години
Во следната деценија јавниот транспорт во Лондон целосно ќе се електрифицира. Јавниот транспорт во Македонија, пак, уште лани требаше да почне транзиција кон биогорива, а нивниот удел во вкупната потрошувачка годинава требаше да стигне до 10 отсто, а до 2028 година да изнесува 30 отсто. Наместо тоа, јавниот превоз во Скопје е најголем загадувач на воздухот во градот, особено во зимските месеци. Главна причина за тоа се староста на автобусите и ниските еколошки стандарди.
Освен што многу од автобусите кои циркулираат по скопските улици се постари (некои дури и по 30 години), главниот град се соочува со сериозен недостиг од нив. Во последниве месеци дневно во сообраќај беа пуштани од 190 до 200 автобуси, а и зимскиот и летниот возен ред се правени за да бидат опслужувани од околу 350 автобуси.
Паралелно, општината Струмица е првата во земјава, но и во регионот, која обезбеди целосно електрифициран јавен превоз.
Кои се најголемите загадувачи на Балканот?
Електроцентралите на јаглен во Македонија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина лани емитувале за 5,7 пати повеќе сулфур диоксид од дозволеното. Според најновиот извештај на „Бенквоч нетворк“, емисиите растат шест години по стапувањето во сила на правилата за контрола на загадувањето во согласност со договорот на Енергетската заедница.
Загадувањето од прашина од постројките на јаглен во 2023 година низ целиот регион беше речиси 1,75 пати над границата, а загадувањето со азотни оксиди исто така беше за 1,3 пати поголемо од дозволеното.
Забелешките за Македонија се дека отстапува од плановите бидејќи се одложува затворањето на електроцентралите на јаглен, а во меѓувреме не се преземаат мерки за решавање на проблемот со загадувањето.