Кога Доналд Трамп потврди дека ќе се сретне со Владимир Путин в петок, 15 август, на Алјаска за да преговараат за завршување на војната во Украина, тоа многу ги шокираше набљудувачите, но и некои европски лидери, кои се плашат дека Украина и ЕУ ќе бидат оставени на маргините на мировните преговори, иако резултатот ќе ја формира токму нивната воена и политичка иднина. Додека американскиот претседател зборува за „размена на територии во интерес на двете страни“, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дека нема „да даде ни една педа земја на окупаторот“, Европа во изминатите денови покажа дека е исклучително вознемирена.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Се коцкаме со водата: Се знае кој е губитникот, но колку ќе загубиме?
Се коцкаме ли со водата како неопходен ресурс за живот, која засега, за среќа, сѐ уште ја имаме во изобилство, и тоа речиси за без пари?!
Да, ова е клучното прашање што веќе долго време се поставува, особено откако ќе ги видиме резултатите од анализите на состојбите со водните ресурси во земјава. Се чини дека не знаеме да го почитуваме тоа што го имаме. Додека голем дел од светот се бори за пивка вода и вложува огромни напори да ја обезбеди, што некогаш чини и цело богатство, кај нас како воопшто да не се обрнува внимание на овој драгоцен ресурс. Иако и покрај климатските промени, кои веќе се чувствуваат и кај нас, ние и натаму имаме изобилство од пивка вода, сепак грижата за неа недостига. И тоа недостига од многу чинители во општеството. Негрижата за трошењето на пивката вода во иднина може сериозно многу да нѐ чини.
Европа останува без камионџии: Македонија на удар од транспортната криза
Во Европа во моментов недостигаат околу 500.000 возачи на камиони, а оваа бројка забрзано расте. Недостигот пред две години изнесувал 233.000. Проблемот допрва ќе станува поголем поради сѐ поголемиот број пензионирања. Според процените на ИРУ (International Road Transport Union), до 2029 година во пензија ќе заминат околу 17 отсто од сегашните возачи.
Според официјалните статистики, просечната возраст на европските камионџии е 47 години, а над 30 отсто од нив се постари од 55 години. Само 5 отсто од возачите се помлади од 25 години. Поради ваквите бројки се стравува дека до 2028 година на европскиот континент ќе недостигаат над 745.000 возачи на тешки товарни возила. Најалармантна е состојбата во Шпанија, Италија и Германија.
Новата економија на луѓето во свет на затворени врати
Тоа е дилемата со која се соочуваат универзитетските дипломци од Индија, кои сѐ потешко наоѓаат работа. И тоа е предизвикот што ја дефинира иднината на научниците во САД и на инженерите за роботика во Кина. Луѓето сакаат да ги развиваат своите таленти и работа, а на економиите им се потребни умови и раце за раст - но тоа не значи дека работниците лесно можат да одат таму каде што се работните места.
Деновиве меѓународните трговски војни доминираат во економскиот наратив. Насловите во вестите се полни со конфликти околу имиграцијата, границите и правата на новодојденците бидејќи најголемата и најмоќна економија во светот ги крева барикадите. Тоа што често се губи е суштинската улога на луѓето во поттикнувањето на просперитетот. Скратениот рецепт на економистите е: имајте растечко население, добро образовајте ги тие луѓе и ставете ги таму каде што можат максимално да ги искористат своите способности.
УЈП ќе ги контролира градежниците - цените на становите во договорите се нереално ниски
Управата за јавни приходи најавува спроведување даночни контроли кај градежните компании. Во соопштението се наведува дека ќе се проверуваат „утврдени потенцијални ризични состојби“.
Како ризични состојби Управата ги наведува: продажба на објекти по истекот на пет години од нивната изградба, договори со нереално ниска продажна вредност, непријавени вработувања и ангажмани, значителни разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, издавање фактури без прибелешки во јавните книги, неправилна примена на механизмот за пренос на даночна обврска (reverse charge).
Хрватска преку Фина влегува во Македонската берза?
Финансиска агенција (Фина), државна институција во Хрватска ја започна постапката за преземање на Загрепската берза, која е поседува 29,98 проценти од акциите во Македонската берза и е убедливо најголем поединечен сопственик.
Фина неодамна до Хрватската агенција за супервизија на финансиски услуги (ХАНФА) и Загрепската берза д.д. поднела известување за намера за објавување на доброволна понуда за преземање на Загрепската берза и најави дека во согласност со законските одредби и пропишаните рокови ќе поднесе до ХАНФА барање за одобрување за стекнување на квалификуван удел во Загрепската берза.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...