Губењето на независноста на Федералните резерви (Фед) би претставувало „сериозна опасност“ за светската економија, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во интервју за француско радио.
Изјавата доаѓа во време кога Трамп отворено го напаѓа Фед, барајќи драстично намалување на каматните стапки. Тој веќе се обиде да ја отпушти гувернерката Лиза Кук, која моментално по судски пат се бори против разрешувањето.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
На ПИОМ догодина ќе му требаат над 211 милиони евра повеќе
Буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување в година треба да биде потежок за над 211 милиони евра за институцијата да може нормално да функционира. ПИОМ вчера соопшти дека Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на својата последна седница го усвои предлогот на буџетското барање на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за 2026 година.
„Директорот на Фондот, Никола Мемов, ги информира членовите на Одборот дека за следната година се предвидува поголем буџет за околу 13 милијарди денари. Причината е, како што објасни тој, предвиденото зголемување на пензиите во април и септември следната година, а што е во согласност со Законот за ПИО“, се наведува во соопштението.
Извештајот за извршување на буџетот за првата половина од годината исто така покажува раст на наплатата на придонеси за пензиско осигурување. Тие годинава биле за 8,8 отсто поголеми од лани, но тоа не е доволно за остварување на главната цел на ПИОМ – навремена исплата на пензиите. Затоа се зголемуваат и трансферите од централниот буџет – годинава тие биле за близу 16 отсто повисоки од лани.
Каде вложуваат Македонците за своите деца?
За секој човек што станува родител, покрај сите други обврски и предизвици со кои се соочува, една од најголемите одговорности е да обезбеди финансиска сигурност за своите деца и да им го олесни пробивањето низ животниот пат.
Во Македонија, земја меѓу тие со најнизок животен стандард во Европа, тоа прашање добива уште поголема тежина. Не станува збор само за обезбедување образование или основна егзистенција туку и за создавање сигурна финансиска подлога врз која децата ќе ја градат својата иднина. Македонците традиционално се приврзани кон штедењето во банка и купувањето станови, но навиките пополека се менуваат, особено кај помладите генерации на родители.
Паралелно со тоа, на домашниот финансиски пазар изминативе години се разви поширока понуда на производи поврзани со штедење и инвестирање за деца.
Во Македонија недостигаат над 10.000 работници
Во второто тримесечје од годинава во Македонија имало 10.323 слободни работни места што е убедлив рекорд во изминативе неколку години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Стапката на слободни работни места во второто тримесечје од 2025 година изнесува 2,08 проценти, а најголем број на слободни работни места, 2.008, има во петтата група занимања: работници во услужни дејности и продажба. Југоисточниот Регион има највисока стапка на слободни работни места од 2,54 проценти.
Највисока стапка на слободни работни места од 3,77 проценти има секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, додека најмала е стапката во секторот јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување, во кој изнесува 0,36 проценти.
„Алибаба“ со вртоглав раст благодарение на вештачката интелигенција
Акциите на „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) скокнаа за над 19 отсто по објавата за значителен раст на приходите од производи поврзани со вештачка интелигенција (ВИ), што ги увери инвеститорите во новата насока на технолошкиот гигант. Ова е најголем раст во еден ден за „Алибаба“ од ноември 2022 година, со што пазарната вредност на компанијата се зголеми за над 50 милијарди долари.
Компанијата прикажа тројно зголемување на приходите од производи за ВИ и 26 отсто раст на продажбата во дивизијата за облак (cloud) - сегмент што е директно поврзан со развојот на вештачката интелигенција. Според аналитичарите, овие резултати покажуваат дека „Алибаба“ сѐ повеќе се ориентира кон долгорочна технолошка релевантност наместо само кон доминација во е-трговијата.
Што ќе се смета за „работа од соништата“ во модата?
Меѓу најбараните позиции во модниот сектор, Линкдин (LinkedIn) во своите објави ги наведува оние што се поврзани со е-трговија, анализа на податоци и развој на дигитална содржина, што го потврдуваат и потезите на најголемите модни куќи. „Гучи“ (Gucci), „Баленсијага“ (Balenciaga) и „Барбери“ (Burberry) веќе развиваат виртуелни бутици и кабини за пробување за да создадат искуства за генерацијата зед, која еднакво ги вреднува виртуелното и физичкото. Позицијата дигитален моден дизајнер од футуристички концепт стана реална и комерцијално оправдана, пресудна за брендовите што сакаат да останат релевантни во свет во кој дигиталните идентитети стануваат еднакво важни како и вистинските.
Истовремено, вештачката интелигенција веќе темелно ја трансформира модната индустрија – се користи за креирање содржина, дизајн, корисничка поддршка и аналитика, што носи ризик од намалување на бројот на работни позиции, особено на почетните нивоа. Во своите маркетиншки кампањи, брендови како „Ливајс“ (Levi’s) и „Манго“ (Mango) веќе тестираа манекени генерирани со ВИ, објаснувајќи дека тие носат „бесконечна разновидност“ и овозможуваат поголема инклузивност.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...