За секој човек што станува родител, покрај сите други обврски и предизвици со кои се соочува, една од најголемите одговорности е да обезбеди финансиска сигурност за своите деца и да им го олесни пробивањето низ животниот пат.
Во Македонија, земја меѓу тие со најнизок животен стандард во Европа, тоа прашање добива уште поголема тежина. Не станува збор само за обезбедување образование или основна егзистенција туку и за создавање сигурна финансиска подлога врз која децата ќе ја градат својата иднина. Македонците традиционално се приврзани кон штедењето во банка и купувањето станови, но навиките пополека се менуваат, особено кај помладите генерации на родители.
„Како родител, постојано, свесно или не, си соочен со прашањето - и стравот - што кога/ако ме нема. Што им оставам на моите деца, не само финансиски секако“, вели Бојан Б., вработен како правник во финансискиот сектор и татко на две мали деца. Финансиски, дома претпочитаат едноставни алатки - минимален напор и внимание - и имаат доста конзервативен пристап, како што објаснува тој.
Прочитај повеќе

ЕУ сака да го примени шведскиот модел за поттик на луѓето да инвестираат во акции
ЕУ сака да ја преслика праксата од Шведска, каде што луѓето многу инвестираат во акции, но условите се значително олеснети и се ослободени од данок на капитална добивка.
17.08.2025

Портфолио менаџер од „Генерали“: Нема лошо време за инвестирање
Интервју со Алеш Локар, портфолио менаџер од „Генерали Инвестментс“ во Љубљана
16.07.2025

Како до помирна старост: Во што да штедите за поголема пензија?
Како да се заштеди повеќе за помирни пензионерски денови е дилемата што ја имаат многумина денес.
07.04.2025

Македонија, по Србија, има највисоки камати за штедење во регионот
Штедачите во Србија имаат највисок принос на своите заштеди, а во Хрватска и Словенија најнизок.
18.02.2025

Македонска банка оценета за христијански ЕСГ-стандарди
„Инспајар импакт скор“ е алатка што се користи во инвестицискиот свет за да се процени колку добро компанијата работи во согласност со христијанските вредности.
09.05.2025

Ќе има ли системски реформи за згрижување на сите деца во градинките?
Во државните градинки се запишани 37.609 деца, а на листа на чекање во моментов се 6.528 деца. Приватни детски градинки се со капацитет од речиси 2.300 деца.
15.07.2025

Недовербата во државата клучна за демографските предизвици на Македонија
Падот на наталитетот е процес што започна од пред 20-тина години, но сега неговото темпо забрзува.
15.07.2025
„Најпрво важно ни е да обезбедиме двете деца да имаат имот (обезбеден ‘кров над глава’). Паралелно, одреден износ редовно распределуваме помеѓу депозит наменет за детско штедење, селектирани две-три криптовалути и две-три акции на домашни компании. Идејата е потоа сопственоста од овие производи да се пренесе на двајцата синови откако ќе наполнат 18 години. Со оглед на тоа што иднината е многу неизвесна, особено со брзиот развој на вештачка интелигенција, немаме конкретна цел што со овие средства. Далеку од високодоходовна ‘стратегија’, но идејата е повеќе да се пренесе филозофијата на долгорочно размислување, дека трпението се исплатува, како и важноста на сопственост и т.н. ‘skin in the game’, да си дел од нешто во кое веруваш (на пример кеш, крипто и домашни компании)“, вели нашиот соговорник.
Тој додава и за важните, но кај нас често подзаборавени финансиски инструменти чие некористење може да создаде голем проблем или товар за децата во случај на несреќа или ненадејна смрт на родителот, како што се животното осигурување (или кредитно животно осигурување), осигурување на имотот, планирање на наследството, кое денес може да вклучува и кодови и лозинки до важни информации, криптопаричници и сл., но и чиста поделба на имотот (тестамент) и оставање на ова прашање на наследниците.
„Од друга страна, за голем број семејства моќта да се штедат посериозни суми е доста ограничена. Животот е скап, а иднината неизвесна“, вели Бојан.
На домашниот финансиски пазар, пак, изминативе години се разви поширока понуда на производи поврзани со штедење и инвестирање за деца.
Банкарскиот сектор нуди различни видови штедни сметки со поволни услови за малолетни штедачи, осигурителните компании имаат производи со едукативен или животен карактер за обезбедување на иднината на децата, додека инвестициските фондови им овозможуваат на родителите и старателите да инвестираат за своите најмлади на најголемите и најрегулираните светски пазари на капитал. Со други зборови, понудата постои, производите се достапни, а можностите реални и флексибилни, велат нашите соговорници на темава.
Сепак, поголемиот предизвик со кој се соочуваме не е во понудата, туку во побарувачката – велат од бизнис-секторот за финансиски услуги.
„Во Македонија, финансиската едукација сè уште е на ниско ниво, а личните финансии ретко се третираат како суштинска тема во формалното образование или во семејната средина. Тоа резултира со ограничена свесност за потребата од штедење и инвестирање на долг рок, особено кога станува збор за обезбедување финансиска стабилност и поддршка на иднината на децата. Често гледаме дека многу семејства ги насочуваат своите приходи исклучиво кон тековна потрошувачка, без да остават простор за создавање финансиска резерва, што води кон поголема ранливост при неочекувани животни ситуации“, вели Драган Наумов, портфолио-менаџер во „ВФП Фонд менаџмент“, друштво што управува со неколку инвестициски фонда.
„Научив дека можеме да штедиме и кога мислев дека тоа е невозможно“
Таков бил случајот и на Анета Х., вработена во јавниот сектор, која вели дека потекнува од семејство во кое немало навика за планско штедење, туку, во најдобар случај, ако остане нешто на крајот на месецот, да се тргне настрана и потоа таа симболична заштеда да се потроши за нешто при првата потреба.
„Сакав да го променам тоа, но не знаев како. Поточно, не се ангажирав доволно. И дури откако создадов сопствено семејство ја сфатив важноста на инвестирањето во иднината. Не сакам и моите деца да започнат од нула како мене, па затоа се фокусирав на финансиска дисциплина, со цел барем малку да се обезбеди некаква сигурност за нив, иако немаме никакви дополнителни приходи освен редовната плата“, вели Анета, која е мајка на две мали деца на предучилишна возраст.
Пребарувајќи по алтернативите, таа се одлучила за приватно здравствено осигурување со компонента на штедење. Правејќи ја математиката на приходите и основните трошоци, пресметала дека без проблем може да се одвојат 10 проценти од месечните приходи за оваа намена.
„Тоа значи дека по пет проценти од платата за секое од децата одат за таа намена, при што дел е за приватно здравствено осигурување, а дел за штедење. Делот, пак, за штедење го поделивме на пасивно, како посигурна варијанта, и активно, со вложување во инвестициски фонд, со кое почнавме нешто подоцна и одвојуваме уште 10 отсто од приходите. Ваквото штедење е договорено до навршувањето полнолетство на децата“, објаснува Анета. Таа вели дека веќе се научиле да живеат без тие 20 отсто од редовните месечни приходи, пари што се вложени за помирна иднина на децата.
„Сакам да истакнам дека во семејството не чувствуваме дека нешто битно недостига, што мене лично ми кажува дека навиките биле пресудни да не почнам да штедам и порано за себе, па затоа се радувам што го правам тоа навреме за моите деца. Финансиската писменост е премногу важна и искрено се надевам дека нашата и генерациите по нас повеќе ќе се грижат и повнимателно ќе управуваат со парите со цел да си обезбедат подобра иднина, особено кога станува збор за некласично штедење во банка за минорни камати, кои најчесто ги јаде инфлацијата, туку инвестирање во алатки што нудат поголеми приноси, но на подолг рок, што секако бара трпение и дисциплина“, вели Анета.
Во банка само сума за да издржите една година без плата
А, дека македонските граѓани се навикнати претежно да штедат во банка, добро илустрира и споредбата што ја даде Наумов од „ВФП Фонд менаџмент“ со поразвиените пазари, како Австрија на пример, каде што е седиштето на нивната компанија-мајка „ВФП груп“ (WVP Group) .
„Таму соодносот на средствата вложени во депозити наспроти средствата во инвестициски фондови изнесува околу 2:1, додека во Македонија тој сооднос е околу 20:1. Финансиската писменост во Австрија е поддржана и од образовниот систем и од јавните институции, па темите како штедење, инвестирање и планирање на личните финансии се дел од воспитно-образовниот процес уште во основното училиште. Слично е и во Хрватска, каде што во последната деценија значително е зголемен бројот на индивидуални инвеститори, а семејствата ја препознаваат важноста на долгорочното штедење за децата, особено преку инвестициски фондови и образовни производи“, објаснува Наумов.
Ниските каматни стапки на банкарските депозити не се привлечни ниту за Никола Ц., вработен во ИТ-секторот, татко на двајца тинејџери.
„Некаде прочитав дека во депозити треба да имате само онолку пари колку што ви се потребни да издржите една година без плата, и се придржувам на тоа правило. Претежно сум фокусиран на инструменти, каде што ризикот е поголем, но и евентуалната заработка исто така. За македонски услови би било во ред и инвестирањето во недвижности, но не толку заради остварување принос, бидејќи растот на кириите сѐ уште доста заостанува зад цената на самите станови, колку фактот што становите поскапуваат постојано со стапки доста повисоки од инфлацијата и се добра опција за чувари на вредноста на парите, лесно може да ги продадете, а во краен случај помагате во обезбедувањето кров над глава и на сопствените деца“, вели Никола.
Тој додава дека неговата инвестициска стратегија е повеќе насочена кон постигнување финансиска независност на семејството како целина, во што се вклопува и поддршката за децата во одредена фаза од животот.
„Поборник сум на теоријата дека секој од нас треба да се стреми кон што поголема финансиска независност, и покрај ограничувачките фактори во економија како македонската – понизок животен стандард во однос на западните земји, пониска финансиска едукација итн.“, вели нашиот соговорник.
Парите да работат за вас, а не вие за нив
Главната цел е, по повеќегодишно инвестирање и штедење, да дојдете до точка кога сѐ повеќе ќе може да се потпрете на пасивните приходи – дивиденди, камати, ренти, приноси од фондови и сл. - односно, што се вели, парите да работат за вас наместо вие за нив.
„Гледаме дека во поразвиените економии станува сѐ попопуларна идејата за т.н. рано пензионирање, што значи, да создадете доволно капитал за да не мора да работите до 65 или 70 години, туку времето да го искористите повеќе за себе, за патување, поминување време со блиските, хобија и сл. Кај нас е потешко остварлив овој концепт, но младите генерации имаат повеќе шанси од нас – растат и учат со помош на висока технологија, отворен им е светскиот пазар каде што со стекнати вештини може да заработуваат како да се во западна компанија, а сепак да се дома, имаат на располагање повеќе можности за инвестирање одошто ние кога влегувавме на пазарот на работна сила итн. Дотолку повеќе е важно уште од мали нозе да стекнат финансиска писменост и да научат како всушност функционираат пазарите и како парите да работат за нив“, вели Никола.
Тој лично одлучил да инвестира во диверзифициран сет на финансиски инструменти, па портфолиото му се состои од акции на домашната и странските берзи, ЕТФ и нешто помалку во банкарски депозити.
Што се однесува до финансиската писменост, Наумов од „ВФП Фонд менаџмент“ вели дека како компанија тие работат на подобрување на финансиските навики и писменост, охрабрувајќи ги луѓето да гледаат кон повисоки цели и да стекнат доверба дека со дисциплина и правилен пристап, преку долгорочно инвестирање може да се постигнат значајни резултати.
„Инвестицискиот клуб ‘ВФП јуниор’ е нашата клучна алатка што ја промовиравме за таа цел. Наменет е за млади инвеститори до 18 години и, преку уплаќање во некој од фондовите на ВФП, тие стануваат членови на клубот. Основната цел на клубот е организирање редовни академии за лични финансии и финансиска писменост, во чии рамки децата преку интерактивни активности, едукативни игри и квизови учат за важноста на финансиите. Членувањето во овој клуб на младите инвеститори им овозможува развивање претприемачки дух, бизнис и инвеститорски начин на размислување (рано запознавање и справување со ризикот/профитот) и истовремено им се нуди можност да создадат капитал и да ја осигурат нивната иднина преку вложување во мултинационални компании од најразвиените економии во светот“, објаснува Наумов.
Горан Марковски, директор на инвестициското друштво „КБ Инвест“, вели дека инвестирањето за децата во последно време всушност е една од најчестите причини за вложување во инвестициските фондови.
„Имам впечаток дека во последните три-четири години е подигната свесноста за инвестирањето во фондови и сѐ повеќе родители одлучуваат средствата од различни извори (роденденски подароци, наследени средства итн.) наменети за децата да ги вложат во фондови, бидејќи на долг рок овие финансиски инструменти се покажуваат како најисплатливи. Кај нас во ‘КБ Инвест’ за оваа цел нудиме можност на брз и едноставен начин преку еднократно барање за купување удели во подолг временски период овие вложувања да се направат со поповолни услови во некој од нашите фондови. Инаку, едукацијата за предностите на фондовите и нивното вклучување како една од можностите за долгорочно инвестирање за следните генерации е составен дел од нашите презентации и тоа е една од главните причини за зголемениот интерес на инвеститорите“, вели Марковски.
Магичната формула на сложената камата
И Марковски и Наумов сметаат дека родителите имаат клучна улога во процесот на финансиско описменување на децата – не само преку разговори и личен пример туку и преку практични чекори, како отворање штедни сметки или вложување во инвестициски фондови.
„Со ваквиот пристап, родителите не им пренесуваат на своите деца само финансиски средства туку и чин на одговорност, им овозможуваат сигурна основа врз која тие ќе можат да ги изградат своите лични соништа и иднина“, вели Наумов.
Тој објаснува дека инвестирањето и штедењето од рана возраст, дури и со релативно мали износи (во нивните фондови на пример минималната дозволена сума за инвестирање изнесува само 1.000 денари), ја користи предноста на сложената камата (compound interest) – каде што парите низ времето не растат линеарно, туку експоненцијално.
„Со редовни вложувања и реинвестирања, на долг рок може да се стигне до суми што изгледале невозможни на почетокот. Токму оваа ‘магична формула’ е најсилниот сојузник на помладите генерации: тие го имаат времето на своја страна“, заклучува Наумов.
Фото: (Depositphotos)
Инвестирање и во карактерот и вредностите на децата
Нашиот соговорник Бојан Б. додава и дека не се битни само финансиските инвестиции кога станува збор за посигурна иднина на децата.
„Битно е и како ‘инвестираме’ во нивниот ум и карактер. Ние дома како родители доста време и напори вложуваме да ги изложиме синовите на што повеќе искуства и светови, од сликовници и приказни до внимателно селектиран цртани филмови, но и да им ги храниме љубопитноста и нивните ‘природни’ интереси (на пример машини, алати, автомобили итн.), да ги социјализираме често во различен тип на средини, да поминуваме време во природа и слично. Генерално, пристап на минимум ограничувања. Дете што знае да препознае што е добра приказна, што е убава природа или, пак, како се ракува со шрафцигер, веќе гради самодоверба и љубопитност што тешко се надоместува со што било друго. На крајот, можеби е најважно колку успеваме да поминеме време со нив и како ‘родителствуваме’ на дневна основа: како реагираме под притисок, како се однесуваме со партнерот, пријателите соседите, како обликуваме амбиција без непотребен притисок. Ги учиме да поставуваат прашања, да не лажат и да не крадат, да им попуштаат на помали итн. Основните работи. Не е само да бидат успешни туку и да имаат поширок придонес и да живеат добро и чесно. И да знаат дека тоа се постигнува и со малку (од финансиска гледна точка). Финансиското планирање е важно, но не е најважно. Деца што ќе наследат капитал повторно можат да бидат изгубени; но деца што ќе наследат добри вредности, љубопитност и самодоверба/храброст, наследиле компас во животот.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...