Новата војна, овој пат во Иран, ги разгоре старите стравови. Светот сѐ уште не закрепна од енергетската и инфлациската криза од воената интервенција на Русија врз Украина, а сега треба да се соочи со истите проблеми. Цената на црното злато на ден пред ударот врз Иран се тргуваше околу 72 долари за барел нафта од типот брент, вчера околу 13 часот надмина 89 долари.
Сѐ се врти околу Ормускиот Теснец, преку кој танкерите ја пренесуваат нафтата. Засега проток низ него речиси нема, што е главна причина за раст на цените. Анализите за Европа одат во правец на тоа дека ако кризата заврши за еден месец, последиците нема да бидат значителни.
Во земјава дериватите неделава мируваа. Во понеделникот Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука да ја зголеми цената на бензините за денар, а кај дизелот немаше промени. Следната одлука ќе биде донесена в понеделник. Зголемувањето, според процените, ќе биде значително, но Владата уверува дека навреме ќе реагира со мерки за да се спречи ценовен шок.
Прочитај повеќе:
Во кое сценарио е Македонија: новиот конфликт ги буди стравовите од 2022 година
Кои земји се најзасегнати од иранската блокада на Ормускиот теснец?
Иранска воена математика: евтини дронови трошат скапи ракетни системи
Во текот на викендот беше убиен врховниот водач на Иран, а како наследник се спомнува неговиот син. Американскиот претседател е свесен дека новото раководство нема да биде помалку проблематично од претходното. И сега тој бара поддршка од Европа, откако претходно се закани дека ќе воведе целосно ембарго за Шпанија (покрај царините на ЕУ) затоа што земјата одби да отстапи база за американските сили.
Силен удар од новата војна доживува и туризмот. Авиосообраќајот е во хаос, а земјите бараат начини за евакуација на своите граѓани од Блискиот Исток.
На берзите војната со Иран ја нарушува омилената стратегија на инвеститорите „продај ја Америка, купи ја Азија“, се случи распродажба на обврзници во исчекување на ново затегнување на монетарната политика од страна на ЕЦБ поради војната во Иран. Суровините, исто како и доларот, флуктуираа.
Прочитај повеќе:
Дали се подготвува нов финансиски удар? Што се крие зад пазарот на приватните кредити?
Зошто Казахастан и Узбекистан се нови ѕвезди на пазарот на капитал?
Војна, буџетска блокада и нарко-картели: Три кризи што го загрозуваат Светското првенство
Државниот завод за статистика (ДЗС) соопшти дека стапката на раст на македонскиот бруто-домашен производ во 2025 година изнесува 3,5 проценти. Истовремено, статистичарите пресметаа дека недостигот од работници никогаш не бил поголем.
Анализиравме и како стои Македонија во однос на стечаите. Во светот бројот на стечаи расте, а во земјава нашата анализа покажа дека компаниите остануваат ранливи главно поради променливите каматни стапки.