Индексот на трошоците на животот во август 2025 година, во однос на август 2024 година, бележи зголемување од 4,4 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,1 проценти, соопшти вчера Државниот завод за статистика. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, изнесува 0,2 проценти. Зголемувањето на инфлацијата во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: ресторани и хотели за 2,1 проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 проценти, храна и безалкохолни пијалаци и разновидни стоки и услуги за 0,6 проценти, рекреација и култура за 0,3 проценти и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 процент. Всушност ретки се производите и услугите кои не поскапеле или кај кои има намалување на цените.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Колку чинат 10 години во некоја македонска банка
Македонските граѓани се повеќе бараат потрошувачки и станбени кредити, покажува статистиката на Народната банка. Во првото полугодие од 2025, на домаќинствата им биле одобрени потрошувачки кредити за 98,2 милиони евра, што е двојно повеќе од истиот период во 2024, додека износот на нови одобрени станбени кредити е 109,2 милиони евра или за 67 отсто повеќе во однос на првите шест месеци лани.
Вкупниот износ на одобрени потрошувачки кредити на 30.06.2025 изнесувал околу 2,18 милијарди евра и е за 4,73 отсто повисок во однос на состојбата на крајот на годината, додека кај станбените кредити износот е 1,64 милијарди евра, односно за 7,11 отсто поголем износ за шест месеци, што укажува дека станбените кредити растат со побрза динамика. Во првото полугодие лани, пак, потрошувачките кредити растеле со стапка од 2,54 отсто, а станбените со 4,8 отсто, со што се потврдува дека годинава и едните и другите кредити растат со посилна динамика во однос на 2024.
ББА-анализа: Послаба жетва на пченка во регионот, но и цените пониски
Жетвата на пченка започна, а глобалната прогноза за 2025 година укажува на мал пораст на производството благодарение на поголемиот род во САД и Индија. Спротивно на тоа, Европската комисија неодамна ја ревидираше својата прогноза за Европската Унија надолу, очекувајќи жетва од 57,6 милиони тони, што е пад од 2,5 милиони тони во споредба со нејзината јунска процена. Главната причина е сушата што го погоди поголемиот дел од континентот.
Сликата е слична и во регионот: Србија веќе објави пад на родот од 7 до 8 проценти, додека Хрватска и остатокот од регионот очекуваат слични резултати. Петгодишниот просечен принос во Европската Унија е 7 тони на хектар, а земјите во регионот се околу овие нивоа, со исклучок на Словенија (9 тони на хектар) и Македонија (5 тони). Србија е најголемиот производител, со речиси милион засеани хектари, по што следува Хрватска со нешто помалку од двесте илјади хектари засеани со пченка.
Приносите уриваат рекорди: „Тепачка“ за обврзници од европските економски сили
Инвеститорите се нафрлија на купување долгорочни обврзници издадени од големите европски држави, а главната причината за тоа е висината на приносите коишто не биле толку високи со децении наназад. Долгорочните државни хартии од вредност од земји како Велика Британија и Франција станаа попривлечни за инвеститорите отколку акциите, американските обврзници и валутите бидејќи нудат ретка рамнотежа меѓу зголемени приноси и фискална рамка што е сепак многу помалку ризична отколку американската.
Минатата недела трошоците за задолжување на Велика Британија стигнаа до нивото од 5,75 проценти, што е највисокото ниво од 1998 година, а француските каматни стапки стигнаа до највисоко ниво од 2011 година наваму. Овие движења се одразија низ целиот свет, бидејќи вознемиреноста околу постојаната инфлација и поголемото задолжување на властите го држат долгорочниот долг на нишанот на инвеститорите. Иако расположението останува кревко, а вознемиреноста околу фискалните дефицити е сè уште висока, некои се подготвени да се изложат на приход на такви нивоа.
Француската политичка неизвесност ги крена европските акции
Европските акции пораснаа додека инвеститорите ги следат следните чекори на Франција во обидот да ги поправи јавните финансии, откако политичкиот ќор-сокак собори втор премиер за помалку од една година.Индексот Stoxx 600 се зголеми за 0,2 отсто, додека францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе назначи нов премиер во рок од неколку дена. CAC 40 во Париз оствари подобри резултати од регионалните пазари.
Акциите на „Англо Американ“ (Anglo American Plc) скокнаа за повеќе од 8 отсто по договорот за спојување со канадската „Тек рисорсиз“ (Teck Resources Ltd). Француските државни обврзници останаа речиси непроменети. Кај американските средства, фјучерсите на S&P 500 пораснаа за 0,2 отсто, откако индексот ја затвори трговијата блиску до историскиот рекорд. Растот на американските државни обврзници запре, при што најголемите загуби ги забележаа обврзниците со пократок рок на достасување. Доларот благо ослабна, насочен кон трет ден на пад.
Кинеската БЈД со двојно повеќе модели на возила ја освојува Европа
БЈД (BYD Co.) ја засилува својата европска експанзија со нови модели и салони, во услови на жестока ценовна војна на домашниот пазар во Кина. Производителот на автомобили преговара со стотици локални доставувачи и ќе има повеќе од 1.000 продавници во 32 земји низ Европа до крајот на годината, изјави во понеделникот на автомобилскиот саем во Минхен извршната потпретседателка Стела Ли. Компанијата сега нуди 13 модели во регионот во споредба со шест пред две години.
Најновиот европски модел на БЈД е „сил 6 ДМ-ај туринг“ (Seal 6 DM-i Touring), плагин хибриден караван со комбиниран опсег на возење на бензин и батерија од 1.350 километри (839 милји). БЈД, „Икспенг“ (Xpeng Inc.) и „Жеџијанг липмотор текнолоџи“ (Zhejiang Leapmotor Technology Co.) се меѓу кинеските производители на автомобили што го користат овонеделниот настан во Германија за да ги претстават своите линии додека се обидуваат да го прошират уделот на пазарот што го стекнаа во Европа во последниве години. Нивниот притисок се засилува во услови на војна со цените на електричните возила во Кина.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...