Инфлацијата во јануари изнесувала 3,2 отсто на годишно ниво, соопшти вчера Државниот завод за статистика. Ваквата стапка претставува значително забавување во однос на мерењата од лани и е во рамките на очекувањата на властите. Неколку дена порано, НБРМ ја задржа каматната стапка на благајничките записи на нивото од четири проценти и соопшти дека ќе продолжи со внимателниот пристап што произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата блиску до долгорочниот просек.
Стабилизирање нема кај цените на становите. Со секој нов извештај доаѓаат и нови рекорди. Во последниот квартал лани најскапиот квадрат во Центар чинел 3.000 евра, а продажбата расте исто како што расте и бројот на станови во градба. Високите цени на становите се пресликуваат и на другите недвижности. Растат цените и на земјоделското земјиште, втората најпродавана недвижност во земјава.
Крајот на неделата донесе нов трговски договор меѓу Македонија и САД. Земјава ги укина царините за американските производи, а нашите главно ќе се извезуваат таму со стапка од 15 отсто. Со цел дивирзификација на снабдувањето, земјава ќе купува и американски гас. Но за да се случи тоа, прво ќе треба да се изгради интерконекторот со Грција.
Прочитајте повеќе:
Владата разгледува ново задолжување до 300 милиони евра на меѓународниот пазар
На глобалните пазари, компаниите се во трка да обезбедат нов капитал за да ги финансираат проектите поврзани со вештачката интелигенција. „Антропик“ обезбеди 30 милијарди долари. „Алфабет“ собра 20 милијарди преку долгорочни обврзници, меѓу нив и стогодишни.
Недостигот од мемориски чипови ги разнишува пазарите, а според прогнозите, најлошото допрва доаѓа. Новата трговија на Волстрит е распродавање на секоја акција што ќе се најде на удар на ВИ, додека трговците на „Голдман“ предупредуваат дека распродажбата на акции не е завршена, а за „Дојче банк“ софтверскиот сектор претставува историски ризик за шпекулативен рејтинг. Уредништвото на „Блумберг“ анализира како вештачката интелигенција може да биде трансформативна и сепак да биде меур.
Прочитајте повеќе:
Болести и неплодност: И Македонците во опасност од хемикалиите и пестицидите
Аватари, разговори, задачи: Колку струја трошите за разговор со четбот?
Ви откривме како да пронајдете и препознаете добра „value“ акција и што вели Блаж Бродњак за работењето на НЛБ. Ватиканската банка објави дека лансира берзански индекси засновани на католички вредности.
Биткоин-китовите повторно купуваа, па прашавме дали криптовалутата ја избегна „спиралата на смртта“. Златото надмина 5.000 долари, додека купувачите на попуст се враќаат на нестабилниот пазар, а рударските компании стануваат неизбежни за инвеститорите.
Прочитајте повеќе:
Каде ги чува Македонија седумте тони злато, сега вредни над милијарда долари?
Македонија урива рекорди во увоз на злато, главно од Швајцарија и Турција
Анализиравме како предолгата „еднонасочна“ приказна на американскиот пазар поврзана со технолошкиот сектор и дигиталната економија ги врти инвеститорите кон малите европски компании. Во исто време Кина ги повика банките да ја ограничат изложеноста кон американските државни обврзници, а царинските политики на Доналд Трамп го доживеаја најсилниот политички удар, откако Претставничкиот дом, под водство на републиканците, усвои законодавство насочено кон укинување на претседателските царини за увоз од Канада.
Документите за Епстајн остануваат во фокусот. Универзитетот „Колумбија“ „со врски“ ја запишал неговата девојка. Поврзаноста со педофилот го разниша и кабинетот на британскиот премиер Стармер, а „Голдман Сакс“ остана без главната адвокатка. И братот на Илон Маск бил поврзан со „девојките“ на Џефри Епстајн, а соработничката на Епстајн се брани со молчење.
Анализиравме колку заработија регионалните спортисти во 2025 година, кој има право на НБА-пензија и зошто и озборувањата се финансиски производ.