Американскиот претседател Доналд Трамп отпатува на Блискиот исток за да го заокружи најголемото дипломатско достигнување од неговиот втор мандат. Тој се обрати во Кнесетот, а околу 1.900 палестински затвореници беа ослободени од страна на израелската затворска служба.
Овој потег беше дел од договорот за прекин на огнот. Истовремено, Трамп, обраќајќи се пред израелскиот парламент, му предложи на претседателот на Израел, Исак Херцог, да го помилува Нетанјаху, кој е на судење поради наводна корупција. Ова не е првпат Трамп да повика на прекин на судењето на Нетанјаху, кое трае веќе неколку години.
„Еј, имам една идеја,“ рече Трамп за време на својот говор. „Господине Претседател, зошто не му дадете помилување?“
Добро утро, ова се останатите пет вести што треба да ги знаете на почеток на денот.
Која институција во Македонија ќе ги обработи новите финансиски извештаи?
Меѓународните сметководствени стандарди се најдоа во ќор сокак. Преведени се и објавени во Службен весник на 3 април 2024 година, а требаше да се применуваат од 1 јануари годинава, но и по речиси десет месеци се уште не се целосно и доследно применливи.
Проблемот е во државните институции кои не ги донесоа потребните подзаконски акти за да се регулира примената на новите стандарди. Конкретно, нема нов контен план, не се објавени новите шеми за известување, ниту другите новини предвидени со стандардите. Тоа отвора многу проблеми. „Блумберг Адрија“ пред десетина дена се обрати до Министерството за финансии во врска со проблемот со кој се соочуваат сметководителите, но до пишувањето на текстот одговор не добивме.
Постојат четири вида земји: развиени, неразвиени, Јапонија и Аргентина
Насловната реченица, припишана на нобеловецот Симон Кузнец и цитирана во познатата книга „Зошто народите пропаѓаат“, повеќе од половина век кружи како совршена дефиниција на економските аномалии. Духовита, но длабоко точна, таа ја доловува суштината на два најголеми парадокса на современата економија – Аргентина, земја што од врвот на светот потона во хронични кризи, и Јапонија, нација што од урнатини создаде индустриско чудо, а потоа заглави во децении на дефлација и стагнација.
Двете земји, секоја на свој начин, претставуваат лабораторија на макроекономијата – примери што докажуваат дека растот не зависи само од капиталот, трудот и технологијата туку и од институциите, довербата и политичката доследност. Остроумната забелешка на Кузнец денес звучи поактуелно од кога било, бидејќи Јапонија и Аргентина повторно стојат на раскрсници што би можеле да го обликуваат глобалниот поредок на економските идеи.
Тројца научници ја добија Нобеловата награда за економија
Тројца академици од двете страни на Атлантикот ќе ја поделат Нобеловата награда за економија за 2025 година за нивната работа за улогата на иновациите во поттикнувањето на економскиот раст.
Џоел Мокир од Универзитетот Нортвестерн, Филип Агион од Лондонската школа за економија и Европскиот институт за бизнис администрација од Париз, и Питер Хауит од Универзитетот Браун беа именувани како добитници на наградата за време на денешната презентација во Стокхолм. Наградата се однесува на нивните заеднички напори во идентификување на факторите што го поттикнуваат растот и како концептот на креативно уништување (Creative destruction) придонесува за тоа.
Знаменце за претпазливост со корпоративните обврзници на пазарите во развој
Падот на корпоративните обврзници од Сао Паоло до Истанбул им сигнализира на инвеститорите дека извонредниот тренд на пазарите во развој можеби почнува да покажува некои пукнатини.
Во Бразил, проблемите во хемискиот гигант „Браскем“ (Braskem SA) ги натераа менаџерите за пари да се подготват за потенцијално реструктурирање на долгот, а фирмата за управување со отпад „Амбипар партиципакос е емпреендиментос“ (Ambipar Participacoes e Empreendimentos SA) е на работ на поднесување барање за стечај. Во Турција, владина истрага за индустрискиот конгломерат „Џинер груп“ (Ciner Group) ги урна обврзниците на подружницата „ВЕ Сода“ (WE Soda Ltd).
Гастрономска мапа на Дубаи: Од деловни ручеци до буџетски оброци
Пронаоѓањето на вистинското место за јадење во Дубаи воопшто не е лесна задача. Само во 2024 година Емиратот издал 1.200 нови дозволи за ресторани. Оваа година ќе се отворат уште многу нови локали, бидејќи градот постојано се шири за да се приспособи на растечкиот број жители – особено на богатите странци – како и на туристите.
Еве водич низ пет одлични гастрономски адреси во една од најпознатите светски дестинации, вклучувајќи и места што ги обожава локалното население. Сакате автентично искуство? Имаме такво. Немате резервација? Нема проблем.