Народна банка ја ревидираше проекцијата за инфлацијата нагоре. До крајот на годината таа ќе изнесува 3,9 отсто, наместо 3 отсто како што беше предвидено во април. На среден рок ќе се врати на историскиот просек од два отсто, смета гувернерот на НБРМ Трајко Славески. Повисоката инфлација е причина НБРМ и овој месец да ја задржи основната каматна стапка на 5,35 отсто. Оваа стапка последен пат беше променета во февруари годинава.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
За стан во Центар, куќа со базен во Бардовци, но растат цените и на плацовите
Стан во Центар или куќа на периферија? Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности на Македонија, најскапиот стан во третиот квартал од оваа година е продаден во општина Центар. За 91 квадратен метар купувачот платил 280.000 евра. За слична сума, според огласите за продажба на недвижности, во скопско Бардовци се продава куќа од 270 квадратни метри, со 600 квадрати двор и со базен.
Статистиката покажува дека во периодот од јули до септември од сите трансакции со недвижности, најголем дел биле станови, 32 отсто, следни се трансакциите со земјоделско земјиште. Уделот на куќите во вкупните трансакции изнесува 14 отсто.
Што значи кога акцијата е скапа или евтина? Краток водич за соодносот цена/заработка и мултипликаторите
Честопати во нашите и глобалните анализи на пазарот на капитал, можете да прочитате дека акциите со вештачка интелигенција се „скапи“ или „преценети“. Но, што всушност значи тоа? Постојат голем број начини за проценка на вредноста на компанијата, од сложени модели на дисконтиран паричен тек до поедноставни индикатори кои нудат брз увид во тоа колку е скапа или евтина една акција. Еден од најчесто користените индикатори за оваа намена се мултипликаторите како што е коефициентот цена/заработка (P/E).
Мултипликаторите им овозможуваат на инвеститорите да добијат груба претстава за вреднувањето на компанијата за неколку секунди, а подолу објаснуваме што всушност значат мултипликаторите и како да ги користите за да процените дали компанијата е реално вреднувана, преценета или потценета.
Земјите на ЕУ се согласија за намалување на емисиите за 90 проценти до 2040-та
Земјите-членки на ЕУ се согласија околи целта за намалување на емисиите за 90 проценти до 2040 година во однос на 1990 година, но оваа климатска промена се случи дури откако некои од првичните предлози беа омекнати.
Договорот беше објавен по маратонските преговори меѓу министрите за животна средина во Брисел и беше постигнат само по серија отстапки, вклучително и таа дека земјите би можеле да постигнат поголем дел од намалувањето со купување меѓународни јаглеродни кредити.
Како ќе функционира забраната за социјални медиуми за деца под 16 години во Австралија?
Од 10 декември, според новиот закон, на младите тинејџери во Австралија ќе им биде забрането користење на платформите на социјалните медиуми како што се Фејсбук, Инстаграм и Тикток - една од најстрогите онлајн мерки во демократскиот свет.
Законот, усвоен од парламентот во 2024 година, има цел да ги заштити децата од токсични содржини на социјалните медиуми, како што се малтретирање, злоупотреба на деца и сексуално изнудување, како и самоубиства кај млади поврзани со онлајн злоупотреба.
Танкерите почнаа да превезуваат сурова нафта наместо горива поради раст на цените за транспорт
Силниот раст на цените за превоз на сурова нафта поттикна бран танкери да се приклучат на профитабилната трговија, при што десетици брода го пренасочуваат својот фокус од превоз на горива кон транспорт на сурова нафта низ светските мориња.
Во првите четири дена од месецов, девет таканаречени танкери од типот „лонг рејнџ 2“ (LR2), најголемите бродови што вообичаено превезуваат горива како авиогориво и дизел, преминале на транспорт на сурова нафта, покажуваат податоците на платформата за следење бродови „Сигнал оушн“ (Signal Ocean). Со тоа бројот на таканаречени премини од „чисти“ кон „валкани“ танкери од почетокот на годината достигна 35.