По повеќе од еден месец неизвесност предизвикана од затворањето на американската влада, инвеститорите и аналитичарите сè повеќе се прашуваат што ќе се случи следно. Многу податоци останаа недостапни во овој период. Што ќе се случи кога податоците повторно ќе почнат да пристигнуваат? Како ќе реагираат пазарите и што значи тоа за монетарната политика? Засега е јасно само дека крајот на затворањето е ќе биде почеток за аналитичарите.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Владата и приватниците во Македонија можат да бидат добра компанија
Јавно-приватните партнерства (ЈПП) се модел што во светот одамна се користи за реализација на големи инфраструктурни проекти и други инвестиции во функција на забрзан економски раст, но, за жал, во Македонија сѐ уште се ретки успешните примери за ваков начин на соработка меѓу државните институции и приватниот сектор.
Главна причина за тоа е недостигот од капацитет на државните институции на централно и локално ниво, како и дупките во законската регулатива, кои оневозможуваат ефикасно спроведување проекти меѓу јавниот и приватниот сектор.
Приказната за големиот пресврт на АМД
Подемот на вештачката интелигенција ја катапултираше американската „Енвидија“, како и многу други компании, во вселената. Меѓу нив, дефинитивно можеме да го вброиме производителот на чипови „Адвансд микро дивајсис - АМД“ (Advanced Micro Devices - AMD). Компанијата, која во минатото беше на работ на банкрот и секогаш беше на второ место, сега зема голем дел од колачот со вештачка интелигенција. Како успеаја да направат толку голем пресврт?
Кога извршната директорка на АМД, Лиса Су, ја освои престижната награда за извршен директор на годината на списанието „Тајм“ во декември 2024 година, акциите на компанијата вредеа околу 127 долари. Помалку од една година подоцна, тие се искачија на 256 долари, што е зголемување на вредноста од повеќе од 100 проценти. Октомври беше најдобриот месец на АМД на берзата во последните речиси 25 години - на компанијата ѝ беа потребни 19 години за да го достигне својот врв од 2000 година.
ТСМЦ со пад на продажбата, расте сомнежот во одржливоста на ВИ-бумот
Тајванската компанија за полупроводници (ТСМЦ) пријави забавување на растот на месечните приходи, што го отвори прашањето за одржливоста на бумот на вештачката интелигенција, иако индустриските гиганти како „Енвидија“ (Nvidia) продолжуваат со зголемени нарачки на чипови.
Компанијата забележа раст на продажбата од 16,9 отсто во октомври, што е најбавното темпо од февруари 2024 година. Аналитичарите во просек очекуваат зголемување од 16 отсто во тековниот квартал. Сепак, акциите на ТСМЦ се повисоки за околу 37 отсто од почетокот на годинава.
Енергетските гиганти во Европа остварија подобри резултати од очекуваното
Европските енергетски компании остварија многу подобри резултати од очекуваните во третиот квартал, бидејќи посилните рафинериски маржи го надоместија ефектот од пониските цени на нафтата, иако изгледите за 2026 година остануваат неизвесни.
Според податоците на „Блумберг интелиџенс“ (Bloomberg Intelligence), индексот MSCI Europe Energy забележа раст на заработката по акција од 2,7 отсто, наспроти очекуваниот пад од 6,8 отсто. Компаниите од секторот за нафта и гас имаа и највисок процент на резултати подобри од прогнозите во тој период.
Климата стана (не)важна за светските лидери
Оваа година конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП30 / COP30) не е необична само по тоа што се одржува во бразилскиот град Белем, на устието на реката Амазон во Атлантски Океан, каде што учесниците имаат можност да спијат во касарни, училишта и речни бродови, туку и по необичниот пристап на бразилските домаќини, кои сакаат да постигнат напредок во тешките преговори со тоа што ја избегнуваат досегашната практика да се усвои сеопфатен документ на крајот од конференцијата.
Всушност, претседателот Луиз Инасио Лула да Силва и неговиот тим цврсто се држат до својот план за КОП30, кој во споредба со повеќето други годишни состаноци на КОП има многу поголем печат од земјата домаќин, меѓу другото и со тоа што инсистираат дека до договор во преговорите за климатските цели може да се дојде преку користење на бразилскиот концепт „мутирао“ (mutirao), термин што во бразилската култура означува заеднички напор каде што група на луѓе работи заедно на заеднички задача, често за заемна корист.