Сонот на Доналд Трамп за голема церемонија во Давос за потпишување за неговиот Одбор на мир се топи брзо како и тоа малку снег што го има во швајцарскиот скијачки центар. Загрижени дека администрацијата на Трамп составува соперничка организација на Обединетите нации, неговите колеги, лидери од Групата седум, учтиво ја одбиваат поканата. Трамп пак не губеше време - го искажа својот гнев кон сите нив, еден по еден.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Кинеската извонредна десетка - кој може да ѝ парира на американската величествена седумка?
Додека со години американските технолошки акции беа речиси синоним за глобалниот раст на пазарите на капитал, 2026 година започнува со еден интересен пресврт. Инвеститорите сè почесто го вртат погледот кон Кина, каде што група водечки технолошки и индустриски компании се опишуваат како извонредната десетка – пандан на американската величествена седумка.
Величествената седумка – „Епл“ (Apple), „Мајкрософт“ (Microsoft), „Алфабет“ (Alphabet), „Амазон“ (Amazon), „Енвидија“ (Nvidia), „Мета“ (Meta) и „Тесла“ (Tesla) – беше моторот на глобалниот пазарен раст во изминатиот период. Овие компании самостојно учествуваа со повеќе од една третина од вкупниот раст на индексот S&P 500 во одредени години, додека „Енвидија“ стана симбол на ВИ-револуцијата, со пазарна капитализација што за кратко време ја надмина вредноста на цели национални берзи. Нивната доминација се темелеше на комбинација од силен раст, технолошка супериорност и речиси неограничен пристап до капитал.
Најбогатите го потрошија годишниот лимит за CO₂ за само десет дена, данок како можна санкција
На најбогатите во светот им требаше помалку време отколку на просечниот човек да се откаже од новогодишните одлуки за да го потрошат целиот свој годишен јаглероден буџет. Имено, тие успеаја во тоа за само десет дена од почетокот на 2026 година.
Додека јануари уште немаше земено замав, најбогатите еден отсто луѓе на планетата веќе го надминаа количеството јаглерод диоксид што би смееле да го испуштат во текот на целата година доколку светот сака да остане во рамките на целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен. Најбогатите 0,1 отсто тоа го постигнаа уште на 3 јануари.
„Тиквеш“ и зелената трансформација: Климатска адаптација што ја менува винската индустрија
Една од најнаградуваните винарници во светот, прва во регионот што веќе две години подготвува свој ЕСГ-извештај, лидер во иновации и зелена технологија за намалување на јаглеродниот отпечаток, лидер и кога станува збор за дигитализација и примена на алатки со вештачка интелигенција (ВИ) што помагаат за оптимизација на производството и максимизирање на квалитетот.
Не раскажуваме за некоја далечна интернационална компанија што произведува вино, ја пренесуваме приказната на домашната, македонската винарска визба „Тиквеш“.
Европа мора да инвестира во ВИ со отворен код или да ѝ препушти сè на Кина
Европа мора да инвестира во сопствени лаборатории за вештачка интелигенција (ВИ) со отворен код и да се справи со растечките цени на енергијата. Во спротивно, блокот брзо ќе стане зависен од кинеските модели, рече поранешниот извршен директор на „Гугл“ (Google) и технолошки инвеститор Ерик Шмит.
„Компаниите во САД во голема мера се префрлаат на затворен код, што значи дека ќе се купуваат, лиценцираат итн. Кина е во голема мера отворена, со отворен код во својот пристап“, рече денеска Шмит на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија. „Освен ако Европа не е подготвена да потроши многу пари за европски модели, па ќе заврши со користење на кинеските модели. Тоа веројатно не е добар исход за Европа.“
Маск објави анкета на Х дали треба да го купи „Рајанер“ – јавната караница се вжештува
Онлајн расправијата меѓу Илон Маск и „Рајанер холдингс“ (Ryanair Holdings Plc) се провлекува веќе втора недела, а најбогатиот човек во светот повторно ја изнесе идејата за купување на авиокомпанијата откако се скара со нејзиниот извршен директор.
Маск вчера објави анкета на X прашувајќи дали треба да го купи „Рајанер“ и „да го врати Рајан како законски сопственик“. Претходно во текот на денот, тој одговори на објава од нискобуџетниот авиопревозник во која праша колку би чинело да ја купи компанијата и повторно побара да го отпуштат Мајкл О’Лири, долгогодишниот извршен директор на авиокомпанијата кооснована од покојниот Тони Рајан во 1984 година.