Меѓународната агенција за енергија предупреди дека сегашното нарушување на снабдувањето е најголемо во историјата на глобалниот пазар на нафта.
Цената на нафтата Брент, која одново надмина 100 долари за барел, претставува психолошки праг за кој учесниците на пазарот велат дека може да го засили политичкиот притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп да ја заврши војната и да ги стави под контрола растечките трошоци за енергија.
Сепак, Трамп на својата социјална мрежа претходно објави дека Иран без нуклеарно оружје е „од многу поголем интерес и значење“ за него отколку цените на нафтата.
Добро утро! Ова во продолжение петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Еуриборот силно осцилира, стравот од инфлација расте
Турбулентно е и движењето на еуриборот – каматната стапка по која банките меѓусебно си позајмуваат пари. Шестмесечниот еурибор, најчесто користен од банките, во вторникот порасна за над 0,1 процентен поен или повеќе од пет проценти, што е најголем дневен скок по три години. Од понеделникот до средата растот изнесуваше дури 7,3 проценти
Трендот на раст на еуриборот е постојан во последните три недели, но тој раст беше постепен. По почетокот на војната на Блискиот Исток растот забрза и еуриборот се врати на нивото од пред една година. Овој забрзан тренд на раст е показател дека и банките очекуваат зголемување на каматните стапки од страна на ЕЦБ.
Ормускиот теснец мора да остане затворен, порача новиот ајатолах
Новиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хаменеи, изјави дека Ормускиот теснец, кој е главната точка за транспорт на енергенти, треба да остане затворен и сигнализираше дека нема да се повлече од војната на Блискиот Исток, во своите први јавни коментари откако го наследи својот убиен татко.
56-годишниот ајатолах, назначен за време на викендот, исто така рече дека ќе бидат отворени и други фронтови во конфликтот доколку борбите продолжат.
Строгиот и пркосен тон уште еднаш сугерира дека Иран верува оти може да продолжи да лансира ракети и дронови низ регионот кој изобилува со енергетски постројки, вознемирувајќи ги пазарите. Неговите напади досега предизвикаа хаос во Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и доведоа до нагло зголемување на цените на нафтата и природниот гас.
Саудиска Арабија ги откупува сите достапни танкери за да го заобиколи Ормускиот теснец
Најголемиот саудиски превозник на нафта започна да резервира танкери по исклучително високи цени, додека огромна флота бродови се упатува кон Црвеното Море за да ја натовари суровата нафта на кралството, како алтернатива на застојот во Ормускиот теснец.
Саудиска Арабија брза да го пренасочи снабдувањето преку нафтовод кон Црвеното Море, додека извозот преку Ормускиот теснец останува практично запрен поради војната на Блискиот Исток. Прекинот на овој поморски пат, кој обично превезува петтина од светските залихи, предизвика скок на цените на нафтата над 100 долари за барел повеќе пати оваа недела, додека клучните цени за изнајмување на нафтени танкери достигнаа рекордни нивоа.
Многу резервации направени од најголемиот саудиски превозник биле по цена од 450 индустриски стандардни Worldscale поени, што претставува стапка поголема од 450.000 долари дневно. Пред војната, референтната стапка во индустријата никогаш не била над 300.000 долари дневно.
Конфликтот на Блискиот Исток ја зголемува неизвесноста за авиоиндустријата
Геополитичките тензии поврзани со Иран доведоа до пораст на цените на нафтата и млазното гориво и пад на глобалните акции на авиокомпаниите, до нивоата од средината на 2025 година.
Растечките цени на горивата не се единствениот предизвик за секторот. Авиокомпаниите се соочуваат и со оперативни нарушувања како што се штрајковите на вработените, што би можело дополнително да ги зголеми трошоците и да го намали капацитетот. Пилотите на „Луфтханза“ најавија 48-часовен штрајк, почнувајќи од 12 март 2026 година, што ќе влијае на голем број летови од Германија. Штрајкот го организираше синдикатот на пилоти „Vereinigung Cockpit“, кој се повика на повеќе од 5.000 вработени. За време на претходниот штрајк во февруари, беа откажани повеќе од 800 летови, а околу 100.000 патници беа погодени. Сепак, летовите до делови од Блискиот Исток и Северна Африка беа ослободени од штрајкот, за да се избегне дополнително оптоварување на воздушниот сообраќај во регионот погоден од безбедносните тензии.
САД ќе укинат старо правило за да ја намалат цената на горивото
Администрацијата на Трамп планира да изземе закон за морепловство стар еден век, кој налага американски бродови да се користат за транспорт на стоки меѓу американските пристаништа, со цел да се намалат растечките цени врз нафтата и бензинот, според лица запознаени со ова прашање.
30-дневното изземање, кое сè уште се разгледува, ќе се однесува на бродови кои превезуваат енергетски стоки и ѓубрива меѓу американските пристаништа, тврдат изворите. Тоа би овозможило генерално поевтини странски танкери да ги пренесуваат тие стоки — вклучувајќи нафта од заливот до фабрики за преработка на источниот брег и гориво од регионот до поголеми населени области.
„Во интерес на националната одбрана, Белата куќа разгледува изземање на законот за морепловство за ограничен период за да се обезбеди непречено снабдување со витални енергетски и земјоделски производи до американските пристаништа“, посочи портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, во соопштение. „Оваа акција сè уште не е финализирана.“