Кредитната агенција „Фич“ го намали рејтингот на Франција, што е нов удар за политички загрозениот претседател Емануел Макрон кој се обидува да ги зајакне јавните финансии на земјата со непопуларни мерки.
„Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Франција на АА- од АА, со стабилна перспектива, доведувајќи ја втората по големина економија во еврозоната на исто ниво со земјите како Ирска и Чешка. Проектираните буџетски дефицити на Франција за оваа и следната година се многу поголеми од средната вредност за земјите оценети со АА, се вели во белешката на „Фич“.
Намалувањето на рејтингот на Франција го нарушува кредибилитетот на Макрон како економски реформатор кој ветува дека ќе го намали долгот и ќе го поттикне растот.
Неодамнешниот обид на Макрон да ги затвори дупките во пензискиот систем со зголемување на старосната граница за пензионирање, предизвика масовни протести и распад на парламентот, што го отежнува добивањето на потребната поддршка за идните реформи. Владата тврди дека ова треба да вклучи уште една реформа на пазарот на труд за да се поттикне вработеноста. Најавува и закон за зелена индустрија за да се поттикнат инвестициите во климатската транзиција.
„На среден до долг рок, неодамнешното донесување на пензиските реформи ќе биде умерено позитивно, генерирајќи годишни бруто заштеди од 17,7 милијарди евра до 2030 година (0,6 отсто од БДП)“, напиша „Фич“.
Намалувањето на рејтингот, исто така, фрла сомнеж за тоа дали владата на Макрон ќе успее таму каде што претходниците не успеаја, да го намали товарот на јавниот долг на Франција по години речиси немилосрдни зголемувања.
„Оваа одлука е првенствено резултат на песимистичката проценка на „Фич“ за изгледите за раст на Франција и траекторијата на долгот“, рече министерот за финансии Бруно Ле Мер во саботата, додавајќи дека рејтинг фирмата го потценила влијанието на структурните реформи.
Минатата недела Министерството за финансии презентираше долгорочен план за ограничување на буџетскиот дефицит и намалување на долгот. Тој се потпира на подобрување на економскиот раст со пониски даноци и реформи на пазарот на труд за зајакнување на вработеноста како и ставање крај на фискалната поддршка за олеснување на високите цени на енергијата.
Националното тело за надзор на јавните финансии предупреди дека плановите се потпираат на проценките за раст кои „изгледаат оптимистички“ и прогнозите за инфлација кои се „малку потценети“.
Ле Мер рече дека намалувањето на долгот е императив бидејќи трошоците за сервисирање ќе пораснат на околу 70 милијарди евра (77 милијарди долари) годишно во следните пет години.
„Подобро да го забрзаме намалувањето на долгот денес отколку да ги зголемиме даноците утре“, Ле Мер претходно овој месец.