Македонија

Компаниите должат и кон надвор и во долари: Колку се ранливи?

Автор: Александра Томиќ

20. Септември 2022, 07:00

Домашниот долг на корпоративниот сектор изнесува 3,4 милијарди евра на крајот на 2021 година

Тоа е раст за 8,5 отсто во однос на 2020 година

Главен носител на годишниот раст бил токму надворешниот долг

Компаниите должат и кон надвор и во долари: Колку се ранливи?

МИА

Александра Томиќ Главен уредник на Bloomberg Adria Makedonija digital

@tomikaleksandra

Расте долгот на домашните компании. Во текот на минатата година вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор порасна со стапка од  9,9 отсто, што е највисок уште од 2008 година. Пресметките ги прави Народната банка, а ние анализираме колку овој долг влегува во опасната зона, колкав дел се долгови кон домашните банки, колкава е задолженоста кон надвор, но и каков е карактерот на ризиците кои го оптоваруваат овој долг. Кoга надворешниот долг е во прашање клучно e дали освен растот на каматните стапки носи ризик и изложеноста во долари, а во услови кога вредноста на оваа валута расте. Ранливи ли се домашните компании и кој е степенот на ранливост?

Ако ја анализираме минатата година во која почна пост-пандемиското закрепнување на економската активност и кога имаше подинамичен раст на бруто домашниот производ се доаѓа до заклучок дека стапката на задолженост на корпоративниот сектор на крајот годината е на ниво слично како и претходната. Имено долгот изнесува 68,5 отсто од БДП наспроти наспроти 68,7 проценти во 2021 година.

Домашниот долг на корпоративниот сектор изнесува 210.293.000.000 денари (3,4 милијарди евра) на крајот на 2021 година, наспроти 193.745.000.000 денари (3,15 милијарди евра)  колку што изнесувал на крајот на претходната година, што претставува раст за 8,5 отсто.

Нивото на долгот на корпоративниот сектор мерено преку учеството во БДП и натаму е под изведениот праг на ранливост, но го надминува просекот на задолженоста во изминатиот десетгодишен период. Доколку долгот на домашниот корпоративен сектор се изрази без краткорочните трговски кредити како инструмент за финансирање на трговската размена со странство, кој вообичаено е бескаматен, тогаш учеството на вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор во БДП на крајот од 2021 година е пониско и изнесува 54,7 отсто, при што бележи намалување споредено со 2020 година.

Зошто расте долгот

Главен носител на годишниот раст на задолженоста на корпоративниот сектор во 2021 година бил надворешниот долг, кој условил над 60 отсто од годишниот раст на вкупната задолженост. Забрзување на растот во 2021 година имало и кај домашниот долг, што главно се должи на кредитната активност на банкарскиот сектор како главен домашен кредитор на корпоративниот сектор.

Од Народната банка велат дека за домашниот корпоративен сектор карактеристично е отсуство на финансирање преку емисија на должнички хартии од вредност на домашниот или на странските финансиски пазари, дури и покрај релативно поволните движења на пазарните каматни стапки за корпоративниот долг на меѓународните финансиски пазари во текот на изминатата декада. Воедно, за разлика од компаниите од други земји, дури ни поголемите домашни компании немаат побарано и добиено кредитен рејтинг од некоја од меѓународно активните кредитни рејтинг агенции.

Колку компаниите должат кон надвор

Прашавме во Народната банка колкав е во моментов надворешниот долг на компаниите во земјава и кој е трендот на раст, но и каква е структурата на надворешниот долг, па и кои се најголеми доверители.  Последните податоци се од крајот на март, односно за првото тромесечје. Според нив бруто надворешниот долг на компаниите во земјава, изнесува 40,9 отсто од БДП, од кои 19,7 проценти од БДП се однесуваат на бруто долгот на „останатите сектори“ во економијата кој е сегмент во кој главно доминира корпоративниот сектор, додека останатите 21,2 отсто од БДП го сочинуваат заемите меѓу поврзани претпријатија или таканаречениот меѓукомпаниски долг.

Од Народната банка велат дека во структрата на долгот, доминантен дел во долгот има државата со учество од 33 отсто во вкупниот долг, потоа следат „останатите сектори“ и меѓукомпанискиот долг, додека остатокот се однесува на долгот на банкарскиот сектор и централната банка.

„Истовремено, анализата на бруто долгот според инструментите укажува дека 53,1 отсто од долгот е во форма на финансиски заеми, а потоа во форма на трговски кредити и должнички хартии од вредност, со по околу 20 проценти, соодветно. Тука треба да се напомене дека токму ваквата структура односно високо учество на трговските кредити, како форма на финансирање на надворешната трговија и на меѓукомпанискиот долг како форма на финансирање на работењето на компаниите со странски капитал, значајно го ублажуваат профилот на ризик на должничката позиција на економијата, велат од Народната банка.

Ризик од раст на доларот

Ако се анализира од валутен аспект во 2021 година долгот со валутна компонента во рамки на валутната структура на вкупниот долг на корпоративниот сектор  има доминанто учество или 73,1 процент. Задолженоста во долари на крајот на минатата година зафаќа 19,1 отсто од вкупниот надворешен долг и скромни 0,5 проценти од изложеноста на домашните банки кон корпоративниот сектор.

EURUSD:CUR

EUR-USD X-RATE

1,0026 USD

+0,0002 +0,02%

почетна цена

1,0024

претходна цена на затворање

1,0024

промена од почетокот на годината

-11,8382%

дневен опсег

1,00 - 1,00

опсег на 52 недели

0,99 - 1,18

„Со оглед на тоа што курсот на американскиот долар во однос на еврото и последователно со денарот, се одредува слободно на девизниот пазар, практичнo токму долгот во американски долари ja претставува суштинската изложеност на домашните компании на валутен ризик, стои во извештајот за финансиска стабилност на Народната банка. Сепак на нашето прашање за овој проблем од Народнат абанка велат дека ризиците од апрецијацијата на курсот на доларот, би имале ефект врз оние земји коишто имаат поголем износ на долг изразен во долари, и кои може да имаат поголеми обврски за негово сервисирање преку валутните промени.

„Позначајни ефекти врз нашата економија не се очекуваат, со оглед на малото значење на САД доларот за надворешниот долг, односно учеството на долгот изразен во САД долари изнесува 7,6 отсто од вкупниот надворешен долг, велат од Народната банка за Блумберг Адриа.

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра
Општо

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра

Зекири се товари дека спротивно на Законот и без спроведена постапка за јавна набавка склучил два договора за консултантски услуги за Пошта и Железници Транспорт вредни скоро 1,5 милиони евра.

пред 3 часа

Сите новости од рубриката Економија

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите
Адриа

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите

Тој вели дека во првата половина на годината има договори од една четвртина милијарда евра. Извозот во првото полугодие од зоните е за 11 отсто повисок во споредба со истиот период минатата година.

14.07.2022

Автор: Наташа Стојановска

Економија

сите новости од рубриката Економија