Македонија до вторник ќе биде во црвена фаза. Температурите, според УХМР, ќе надминуваат 40 степени, а освежување се најавува дури за среда. Владата усвои препораки за заштита на населението од пеколните горештини.
Ситуацијата е иста во цела Европа неделава, регистрирани се смртни случаи, а почна и битката со пожарите. Црвените метеоаларми стануваат новото нормално, а климатските цели насушна потреба, иако им задаваат главоболки на европските лидери.
Жешка тема е и белата чума што одамна ја зафати земјава, а сега се интензивира. Премиерот Мицкоски вели дека за четири години сме изгубиле цел еден град колку Кавадарци и најавува борба со проблемот. Тој сериозно размислува да ги даночи немажените и неженетите за да има повеќе бракови и повеќе деца, а и отселените да се вратат назад.
Нови даноци се најавуваат и во Европа. Преку таканаречениот данок за излез, земјите ќе се трудат да ги задржат богаташите да не се отселуваат во инвестициските раеви. Кога сме кај даноците, Конгресот во САД го усвои „прекрасниот“ закон на Трамп кој го налути неговиот довчерашен соработник Илон Маск. Тој најави политичка одмазда, а Трамп го потсети дека може да се врати во Јужна Африка.
Прочитај повеќе:
Дваесет и пет години подоцна: Купувај македонско – но што?
Во Охрид следува бум во изградба на станови, во Скопје стагнација
Пазарите на капитал се на рекордни нивоа во моментов. Анализиравме дали е време за купување и каде е поволно да се вложат 50.000 евра во следните пет години. Пишувавме дека инвеститорите се подготвени за купување и ако дојде до пад на пазарите, а проверивме и кои акции се подобри – европските или американските.
Неделава поминува во знакот на царините на Трамп, кои треба да стапат во сила на 9 јули. Трамп вели дека овој пат нема да го одложува рокот, а американскиот министер за финансии најавува зголемени царини за стотина земји. Со некои сè уште се преговара за склучување договори. Таков договор беше склучен со Виетнам, пошироки договори без детали има и со Кина и со Обединетото Кралство. Но има и земји како Јапонија со кои тешко дека ќе дојде до договор затоа што, како што вели Трамп, се многу разгалени.
Го анализиравме и пазарот на криптовалутите. Биткоинот од почетокот на годината се тргува во најтесен опсег, а неговата нестабилност, која му беше главен адут, е на најниско ниво во последните две години.
Откако им порача на македонските банкари да ги намалат или укинат провизиите за своите услуги, гувернерот на НБРМ, Трајко Славески, во Базел се сретна со претседателот на Фед, Џером Пауел, човекот што засега не ги намалува каматните стапки во САД. Последниот извештај за работните места во САД оди во прилог на тоа дека и на следниот состанок нема да има намалување на трошоците за задолжување. На темава разговараа и најмоќните централни банкари во светот за време на состанокот во Португалија. Друга дилема што се отвори таму е растот на еврото – дали тоа ќе биде благослов или проклетство.
Прочитај повеќе:
Тесна трка: Кои се најдобрите електрични автомобили?
Увоз на половни наспроти нови возила: Македонија близу до 4:1
Дилеми има и во НБА. Дали го гледавте финалето на НБА-лигата меѓу Оклахома сити и Индијана? Некои не го гледале, бидејќи не можат да се навикнат помалку атрактивни тимови да бидат дел од големото финале. Прашањето што се поставува е – дали е тоа проблем? Дилеми нема „Њу баланс“ (New Balance), кој во новата ѕвезда Купер Флег гледа своја шанса за поголем пазарен ефект. Дали сте слушнале за „Дин“ (Dyn), новата германска стриминг-платформа за спортови? Сопственикот на „Лидл“ ја гледа како уште една своја инвестициска можност.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...