Крајот на животот има своја цена. Во Македонија, долг е списокот на основни работи што неизбежно треба да се купат за едно семејство да го испрати покојникот. Ние во овој текст ги анализираме цените само на услугите за погребувањето кои ги следат и почитуваат православните верници.
Уредувањето и потребната опрема за самиот чин на погребување се со вртоглави цени во споредба со купувањето гробно место, за што цената е иста, без разлика на локацијата. Градските гробишта само продаваат гробни места, додека сите други работи за самиот чин на погребување ги прават приватни оператори.
Градските гробишта во Бутел, Ѓорче Петров и Камник со утврдена цена за гробното место
Гробно место на градските гробишта во Скопје се добива откако ќе се приложи лекарски извештај за причините за смртта, со кој се потврдува дека одредено лице е починато. Со купувањето ново гробно место се потпишува договор, со што се воспоставува лична службеност на гробното место, која е трајна односно таа е за неопределен временски период. Од претпријатието АД „Бутел“ велат дека цената за ново гробно место е утврдена.
„Цената на ново гробно место е 11.824 денари и во таа цена влегува односно е збир од надоместок за доделување ново гробно место со бетонски фундамент 10.400 денари, надоместок за обележување и изработка на протокол за регулациска, градежна и нивелациска линија 354 денари, гробна евиденција 750 денари и надомест за одржување на гробиштата 320 денари“.
Обврска на купувачите останува еднаш во годината да плаќаат гробарина во висина од 320 денари, која е наменета за тековно одржување на гробиштата.
Селските гробишта со различен тарифник
Иако според Законот за гробишта и погребни услуги гробиштата треба да бидат во надлежност на локалната самоуправа, во практика тоа не е така. Низ територијата за земјава има огромен број селски гробишта. Тие во суштина се во надлежност на месната заедница или црковните одбори, кои купуваат парцели, па потоа ги наменуваат за гробишта. На пример во скопското село Бардовци жителите годишно плаќаат околу 1.500 денари за одржување на селските гробишта, додека во селото Волково тарифата е 500 денари. Гробното место во одредени селски гробишта може да достигне и до 600 евра, но секое село има различна утврдена цена, а во некои тоа не се плаќа.
Бескрајна листа за купување неопходни работи за еден погреб
Венец, верски симбол, постелнина, перница, декор, ковчег се основните работи за да може чинот на погребување да биде извршен. Во неколку компании што се занимаваат со погребни услуги прашавме колку чинат тие производи. За купување ковчег најниската цена е 9.500 денари, додека највисоката е 56.000 денари. Венците се со почетна цена од 1.000 денари, верските симболи од 2.000 денари нагоре, додека за потребната опрема, како постелнина и декор, треба да се одвојат најмалку 3.900 денари. Изборот секако зависи од самото семејство. Покрај сето ова, треба да се одвојат пари и за превоз на покојникот, како и за ископ и закоп на гробното место, за што треба да се одвојат по 3.000 денари во зависност од приватниот оператор.
Уредувањето на гробното место со вртоглави цени
Со оглед дена купеното гробно место е само со бетонски фундамент, следува уредувањето, односно купување надгробна плоча, споменик на кој се печатат букви и слика, вазни, свеќници и кандила. Сето тоа се наплаќа одделно. За самата надгробна плоча треба да одвојат најмалку 25.000 денари, додека изработка на споменикот, кој најчесто е мермерен, цената се движи од 20.000 до 60.000 денари. Сликата е 1.200 денари, додека гравирањето на една буква се движи од 50 до 150 денари, во зависност од материјалот.
Колку поблиску од Алејата на великаните толку поскапо
Огласи за продавање гробни места може да се најдат речиси во секој огласник во Македонија. Цените се движат од 1.000 до 5.000 евра. Локацијата се чини е пресудна за тоа колку ќе чини гробното место. „На самиот почеток, кај борците“ или „оддалечено само 150 метри од главната капија“ се дел од описите што ги нудат продавачите на гробници.
Она што се забележува низ огласите е дека продавачите на гробници во голема мера ја креираат цената и во зависност од тоа во каква состојба е гробното место и колку е опремено. Во описот на едно гробно место што се продава по цена од 3.700 евра е наведено: „Продавам гробно место комплет, со гранитен надгробен споменик, мермерен тротоар и вазни, на премиум-локација – прв ред, веднаш спроти капелата“. Најниските цени од 1.000 евра се нудат најчесто за стари гробни места купени и пред 20 години.
Солидарен фонд
Помош од 30.000 денари за членовите на семејството се добива само доколку покојникот е корисник на пензија и со негова согласност му се запира дел од пензијата за исплата на посмртна помош. За да може оваа помош да биде исплатена, до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување членовите на семејството поднесуваат барање, извод од матична книга на умрените, последен чек за пензиските примања на покојникот, како и фактура за извршен погреб.