Катастрофа откриваат новите статистичките податоци според кои минатата година во Македонија има најмало производството на грозје во изминативе две децении. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, лани во земјава биле произведени 149.006 тони грозје, што е значително помалку во однос на претходната година, кога биле произведени 265.556 тони грозје, но и во однос на периодот од 2005 година наваму.
Истовремено, статистиката открива дека има значително намалување на приносите на грозје. Имено, во 2013 година приносот на грозје изнесувал четири килограми по пенушка, а лани тој паднал на само два килограма по пенушка.
Се забележува намалување и на производството на вино на точење и на вино во шишиња.
Прочитај повеќе
Ова се 50-те најдобри вина во светот, едно доаѓа од Словенија
Oценети се црвени, бели, розе вина и шампањи кои обезбедуваат врвен квалитет по разумна цена.
14.01.2024
Бумерите сè уште се движечка сила во потрошувачката на вино
Последните препораки на Светската здравствена организација се нула толеранција за консумација на алкохол.
16.02.2024
Што има во виното на славните?
Вината што се во сопственост на познати личности се особено популарни во последниве години, а една од најважните причини за овие бизнис-модели е нивната популарност.
20.02.2024
Климатските промени се тука
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека Македонија деновиве е повторно на удар на топлотен бран, а во иднина ваквите екстремни температури ќе станат уште почести поради влијанијата на климатските промени предизвикани главно од зголемувањето на стакленичките гасови во атмосферата. Мерењата на средната годишна температура на воздухот во Македонија покажуваат покачени вредности во сите региони во земјава во периодот 2009-2023 година, што е доказ дека климатските промени се веќе тука.
Климатските сценарија за Македонија предвидуваат зголемување на деновите со екстремни температури и екстремни временски појави како бури и поплави. Според извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните температури во земјава, подготвен со финансиска и техничка поддршка од Глобалниот фонд за животна средина (GEF) и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Македонија во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, а амплитудата на промената првенствено ќе биде поврзана со идните концентрации на стакленичките гасови. Се очекува зголемување на времетраењето и зачестеноста на топлотните бранови на целата територија.
„Очекуваното зголемување на температурата изнесува 1°C, 2°C и 2,5°C кај ниското, средното и високото сценарио, по тој редослед. Во периодот 2016-2035 кај сите три сценарија очекуваното покачување на температурата изнесува околу 1°C. Анализирајќи ги промените на температурата за различните годишни времиња, кај средното и високото сценарио, годишно време со најголемо покачување на температурата е летото (јуни-јули-август), а до крајот на векот зголемувањето на температурата (кај високото сценарио) е над 5,5 °C во некои делови на земјата“, се наведува во извештајот.
Лозарството на удар
Ваквите промени на климата ги препознаваат и научниците, кои укажуваат дека во иднина може да имаат несогледливи последици кон производството на грозје, кое со постпродуктите важи за еден од главните извозни земјоделски производи од Македонија. Имено, лозарството, заедно со производството на вино, придонесува со приближно 17-20 проценти кон земјоделскиот БДП. Виното, веднаш зад тутунот, е вториот најважен извозен земјоделски производ. Во белешка на дипломираниот инженер агроном Ласта Миленковски, објавена од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, тој меѓу другото вели дека чувствителноста на земјоделскиот сектор кон климатските промени има важни последици за Македонија.
„Климатските промени потенцијално можат да влијаат врз приносите и квалитетот на виновата лоза. Температурните трендови во изминатиот период, особено во лозарските региони, покажуваат дека средните температури на воздухот во периодот на вегетација глобално се зголемени. За некои европски лозарски региони, во Италија, Германија и Франција, одредени студии веќе покажале скратување на периодот на вегетација и порана појава на одредени фенолошки фази“, наведува Миленковски.
Тој додава дека пораната појава на одредени фенолошките фази води до порано зреење за време на потопол период и до зголемување на шеќерноста и опаѓање на киселоста, а со тоа се зголемува алкохолот во виното, со што се менува вкусот на виното и нема свежина поради намалувањето на киселоста.
„Самото тоа може да има негативни влијанија врз квалитетот на виното. Затоа постепено мора да се приспособуваме и да се применуваат некои мерки кон заштита на виновата лоза со ампелотехнички мерки, па до заштита од УВ-зрачењето со заштитни покривни мрежи што имаат повеќенаменска функција, како заштита од директно сончево зрачење, заштита од град и силни ветрови. Под покриените површини се намалува температурната разлика, а со тоа се намалува и испарувањето на земјата, со што се задржува потребната влага и се заштитува од пролетните мразови“, пишува во белешката.
Во неа се додава дека апликација на калциум карбонат, кој на гроздот дејствува како заштитен филтер со тоа што ги рефлектира сончевите зраци, а со тоа го штити гроздот од изгореници, ја подобрува обоеноста, ја намалува температурата и го зголемува приносот.
„Исто така подобро искористување на водата за наводнување и поголема ефикасност на наводнувањето е императив за решавање на дел од проблемите“, наведува Миленковски.
Тој, меѓу другото, вели дека краткорочните мерки за адаптација може да се сметаат како стратегија за заштита од климатските промени и треба да бидат насочени кон конкретни закани, а нивна главна цел треба да биде оптимизација на производството.
„Овие мерки најчесто подразбираат промени во практиките на управување (на пример наводнувањето, мрежите за заштита на лисната маса и сл.), додека промените во енолошките практики, преку технолошки унапредувања, може исто така да имаат позитивен ефект врз квалитетот на виното“, вели Миленковски.
Според него, долгорочните мерки за адаптација главно опфаќаат промени во сортиментот и промена на локацијата, затоа што одредени региони може да станат непогодни за одгледување винова лоза поради прекумерно високи температури и суша, додека други и понатаму остануваат погодни за производство на винова лоза.
„Дислокацијата на лозовите насади на постудени места, на повисоки надморски височини или во крајбрежни предели исто така може да се покаже поволно за лозовите насади што би се подигнале во иднина (промени во микроклиматските и мезоклиматските услови)“, вели Миленковски.