Дали шопингот има терапевтско дејство? Купувањето нешто ново, честопати непотребно, до скоро се сметаше дека го подобрува расположението. Најновите истражувања одат во спротивен правец.
Минатиот ноември академици од Универзитетот во Мелбурн и Австралискиот национален универзитет открија дека практикувањето минимализам може да ја подобри благосостојбата. Тие откриле дека луѓето што стекнале навика помалку да трошат се чувствуваат посреќно и помирно. Тоа го намалува „менталниот неред“ и ја подобрува нивната лична благосостојба.
Други претходни истражувања покажале слични резултати. Студијата на Универзитетот во Аризона од 2019 година - која била спроведена врз 968 млади луѓе од првата година на колеџ до две години по дипломирањето - покажа дека оние што заштедувале пари со тоа што не трошеле непотребно, генерално, биле посреќни и трпеле помал психолошки стрес.
Прочитај повеќе
Како ќе изгледа шопинг-искуството во иднина
Препродажба, изнајмување, нови артикли и аутлет: патот до поодржливо купување.
15.05.2024
Високите цени ги променија македонските потрошувачи
Помалку се купуваа брендирани производи, повеќе се шеташе по маркети.
08.03.2024
Како да се препознае „продавање ветар“ на интернет
За време на предновогодишната шопингманија е зголемен ризикот од сајбер-измами.
25.12.2023
„Купи сега, плати подоцна“ станува хит меѓу купувачите во Австралија
Оовеќе од 40 отсто од лицата на возраст од 18 до 39 години се задолжиле за плаќање на рати
27.11.2023
Како да се одвикнете од импулсивно купување?
Кога емоциите се високи, многу луѓе имаат желба да купат работи при брз наплив на ендорфин.
10.06.2023
Една од причините за намалувањето на терапевтското дејство на шопингот е инфлацијата. Високите цени многумина натераа, додека купуваат, да се фокусираат само на потребното. Кога станува збор за купувањето облека, пак, влијание има и свеста за климатските промени - фрлањето текстил не ѝ помага на планетата.
Високата инфлација ги смени приоритетите
Инфлацијата, која врвот го достигна во текот на 2022 година, беше највисока кај најпотребните ставки во домаќинството - храната и енергентите. Кај облеката и обувките на пример, според податоците на Државниот завод за статистика, цените немале значајна осцилација.
Анализата на статистичките податоци во земјава покажува дека токму во времето на највисоката инфлација, во текот на 2022 година, се намалиле трошоците на домаќинствата за облека и обувки. Домаќинствата ја свеле потрошувачката на 200 евра, што е помалку дури и од времето на пандемијата, кога луѓето, главно, седеа дома. Лани купувањето забрза, не сè уште е далеку од претпандемиските нивоа.
„Високите трошоци за живот, особено растот на цените кај храната и другите основни потреби ги растегнаа домашните буџети и ги натераа граѓаните на приоритизирање на потребите, рационализација на трошоците и промена во изборот на производи. Генерално тоа донесе и потрага по поевтини производи и откажување сè што не е нужно. Во оваа насока, за да биде појасно, сегментите на култура, спорт, релаксација и лична нега речиси целосно се исклучија или се сведоа на минимум, а тука некаде се најде и купувањето облека“, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ Билјана Дуковска, активистка против сиромаштија.
Таа објаснува дека кризата создаде нови навики, облеката се носи подолго или се наоѓаат алтернативни начини за обнова и дополнување - преку размена на парчиња, преку донации на облека или преку купување облека во продавници за облека од втора рака. „Секогаш приоритет имаат децата и младите, за да не бидат цел на потсмев и дискриминација во училиштето и меѓу другарите, а најмалку внимание се обрнува за највозрасните“, додава Дуковска.
Среќата со пари не се купува, ама …
Психолозите објаснуваат дека во денешното глобализирано општество парите се на врвот на пирамидата, речиси сите потреби се задоволуваат со пари. И така се влегува во тркало што води до анксиозност - за повеќе пари, треба повеќе работа, што, пак, води до отуѓеност и остава помалку време за вистински задоволства, објаснува за „Блумберг Адрија“ професорката по психологија Мирјана Јовановска-Стојановска.
„Личноста чувствува анксиозност и недостиг од емоции, па оди на шопинг. Купувањето ја прави помалку анксиозна, па дури на момент анксиозноста ќе исчезне, ќе се почувствува важно кога продавачите, другите купувачи можат да видат како таа купува нешто вредно, исполнета и задоволна. И тоа трае сè додека нешто од реалноста одново не ја вознемири. И тој период трае од неколку часа до неколку дена. Покачувањето на анксиозноста ја тера личноста одново да оди на шопинг за да го сврти одново кругот. Личноста станува зависна од начинот со кој се создава чувство на среќа. Никогаш всушност не се решава вистинската причина поради која личноста станала анксиозна и така никогаш вистински не се задоволува основната потреба“, вели професорката.
Во услови на криза со високите трошоци за живот, купувачите се насочија кон продавниците со користена стока или секнд хенд. Дуковска вели дека таму не купуваат, како што се мислеше, само ранливите категории граѓани, туку сите.
„Некои од купувачите се ’во лов’ на уникатни модели што ги нема во продавниците или, пак, сакаат да имаат брендирано (или дизајнерско) парче облека, кое инаку би им било прескапо да го купат. Има и такви што сакаат да се покажат дека имаат многу разновидна облека, па тука гледаат шанса за малку пари да си купат повеќе парчиња, но и ’да го купат‘ сопствениот статус во околината во која работат или живеат“, вели таа.
Помалку е повеќе
Кога некој има многу имот, тоа може да стане товар, вели Џудит Џозеф, клиничка психијатарка и професорка во медицинскиот центар „Лангон“ на Универзитетот во Њујорк.
„Луѓето што страдаат од емоционална траума често прибегнуваат кон шопинг за да се чувствуваат подобро - иако тоа може да има спротивен ефект. Тоа ја повредува нивната благосостојба и чувството за благосостојба бидејќи предметите го преземат нивниот живот и создаваат неред. Оттука, точна е изреката дека помалку е повеќе“, вели Џозеф.
Според професорката Јовановска-Стојановска, луѓето се среќни ако сакаат и се сакани, разбрани, прифатени, почитувани, а тие нешта не се задоволуваат со купување и поседување предмети, без разлика колкава материјална вредност имаат тие.
„Оние што успеваат да си создадат позадоволен живот, склони се да трошат помалку. А бидејќи ова е потрошувачко општество, нормално дека таквото однесување не е поддржано од општеството и од мас-медиумите и компаниите. Трошењето и парите, обртот на средствата е примарниот двигател на општеството. Колку се луѓето поанксиозни толку повеќе трошат. И тоа е добро за економијата“, вели таа.
„Ми треба“ наместо „сакам“ за намалување на климатскиот стрес
„Не станува збор само за заштеда на малку пари. Купувањето помалку облека може да помогне во ублажувањето на стресот поврзан со заканата од климатските промени, нешто за што експертите за ментално здравје веќе почнаа да зборуваат“, вели Алис Ешби, психијатарка од лондонската психијатриска клиника.
Кога станува збор за текстилниот отпад, во Македонија лани биле создадени 6.695 тони. Според Дуковска, купувањето поевтино, од втора рака, нема да го реши проблемот.
„Треба да бидеме искрени дека голем дел вакви купувачи не го прават тоа затоа што се многу освестени туку затоа што сега добиле шанса да си ги олеснат трошоците. Многу е важно да се зголеми едукацијата за загадувањето што го предизвикува облеката, но важно е и да им се предочи на купувачите каква е нивната одговорност со секое купено парче облека, кои се последиците што ги носат нивните избори, за да може да почнат свесно да одлучуваат меѓу ’го сакам’ и ’ми треба’ конкретното парче облека“, вели таа.
Во услови кога сè се мери преку парите, според Дуковска, примената на концептот „загадувачот плаќа“ на ниво на домаќинство може да влијае на консумеристичките навики.