text size
Јавната администрација во секоја држава е во суштина сервис на граѓаните и на бизнисите, а нејзината улога за нормално функционирање на секоја економија и општество е секако исклучително важна. Македонија долго време се обидува да го реформира својот државен апарат со цел да биде поефикасен, а помалку да го чини државниот буџет, но сите обиди се некако јалови: не видовме ништо повеќе од стратегии, акциски планови, евалуации, па повторно стратегии, и така триесетина години во круг. Главните причини за тоа ни се добропознати: ниту една влада не сака да го фати „жешкиот костен“ во рацете и да почне вистинска реформа на државната администрација, затоа што тоа подразбира и кратење на значителен број работни места. Па, кој би сакал да си „пука во нога“ и да ризикува веројатно сигурно губење на следните избори доколку ги почне болните резови во општеството. Наместо тоа, државните служби остануваат место за континуирано вработување на партиските кадри, односно преку непотизам, кронизам, корупција и клиентелизам голем број луѓе добиваат работна позиција што реално не ја заслужуваат, односно не се доволно квалификувани и компетентни за неа.