Тука сме за минимална плата од 500 евра, помножена по коефициент за сложеност затоа што 500 евра плата не е доволно. Затоа што две минимални плати не овозможуваат основни трошоци за живот на едно четиричлено семејно домаќинство. Ќе дојдеме многу повеќе ако не ги зголемат платите. Бараме пристојна плата за пристојна работа, истакна Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) пред Владата каде што заврши првомајскиот протестен марш.
Трендафилов од учесниците на протестот побара „и на Владата да и се сврти грб како и на Собранието претходно“ затоа што, рече, четири месеци „им вртат грб на работниците, се умилкуваат на газдите, си бараат владини синдикати, за да не ја зголемат платата“.
„Со 160.000 денари лесно се кажува дека со 24.000 се живее. Затоа што не водат грижа за нас, работниците, ние работниците денеска дојдовме тука да им свртиме грб да почувствуваат како изгледа да ви врти некој грб четири месеци. Четири месеци се борат против синдикатите и против сите нас за да не ни се зголемат платите. За тие да уживаат, а ние да преживуваме“, рече Трендафилов.
Прочитај повеќе

Минималната плата ги извади синдикалците на протест
Протестот ќе почна на пладне пред зградата на Собранието
01.04.2025

Минималната плата во ќор-сокак - се крчка ли закон за субвенции на платите
Седумдесет отсто од компаниите би покачиле и повеќе ако добијат државна поддршка.
24.02.2025

Анализираме: Кој зема минимална плата во Македонија?
Помалку од четири отсто од вработените во земјава земаат минимална плата од 22.567 денари.
05.02.2025
Тој побара Владата да биде на страната на работниците, на граѓаните и на нејзините гласачи и да предложи измени и дополнувања на Законот за минимална плата со кои ќе ги зголеми за најмалку 30.000 денари или 500 евра минималната плата „онака достоинствено како што тоа го направија насекаде владите во регионот“.
Трпе Деановски од УПОЗ порача дека „без работници нема економија, нема развој и нема иднина“.
„Години наназад слушаме ветувања ќе има повисоки плати, безбедни работни места и социјална правда. А што добивме – неисплатени плати, скратени додатоци на плата во Обвинителство и во судство, 200 луѓе во судството без договор за работа, зголемени цени, иселени млади. Досега во Македонија тоа го немало. Оваа влада ветуваше дека ќе биде на страната на работникот, а денес не само што молчи туку не напаѓа кога ќе побараме повисоки плати. Но не не плашат нивните напади, нивните лаги и прес-конференции полни со манипулации. Ништо од тоа што го прават нема да не сопре, а ние ќе продолжиме понатаму затоа што бараме достоинствени плати за достоинствен живот. Нема да молчиме и нема да престанеме“, рече Деановски.
Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ истакна дека иако неколку синдикати учесници на протестот имаат различни гледишта, денеска се споени за иста цел и нема делби меѓу нив – „а тоа е борбата за повисока плата“.
„Денеска не протестираме против Владата туку сакаме да им укажеме на функционерите од сите политички партии кои земаат 79 отсто покачена плата, патни трошоци и разни додатоци, да им кажеме и да им укажеме дека платата на работниците со 1.800 покачување не може да биде доволна. Не може луѓе со околу 2.000 евра плата да им кажуваат на луѓе со 400 евра дека е доволно. Поради мизерната плата се иселуваат младите и цели семејства. Кај нас се случува егзодус на младите и на работоспособното население. Нека ги видат барем земјите во регионот каде што платите се покачени. Останавме земја со највисока инфлација која ги изеде платите, со најниска стапка на раст на економија, земја со најниска плата“, рече Ампева.
Томислав Гиевски од НСОН побара да се почитуваат колективните договори и да се одржат ветувањата што на работниците им се дадени во минатите години.