Стартуваше изградбата на гасниот интерконектор со Грција во должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино, чиј почетен капацитет ќе биде 1,5 милијарда кубни метри годишно.
На означувањето на почетокот на градежните работи премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека проектот ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и, како што нагласи, силна порака - конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа.
Вредноста на проектот е 3,7 милијарди денари (60 милиони евра), обезбедени со поддршка од ЕБОР, ЕИБ и ЕУ.
МИА
„Овој проект не е нова идеја, но досега остана само идеја. Иако беше ветувано претходно, никогаш не беше започнат. Затоа денеска не правиме спектакл за да ги залажеме луѓето, туку да покажеме дека се работи со одговорност, истрајност и вистински намери. Резултатите стигнуваат. Ова е само дел од поголемата слика, се поврзуваме со гасоводите на соседите, што ќе нѐ направи регионална енергетска крстосница“, рече Мицкоски.
Министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека ќе добиеме современ гасовод, подготвен и за идниот транспорт на зелен водород, со можност за двојно зголемување на капацитетот. Тоа, посочи таа, значи енергетска стабилност за домаќинствата и конкурентност за македонската индустрија. Министерката потенцира дека со ова се испраќа јасна и гласна порака дека Македонија повеќе не е заложник на енергетска зависност и инфраструктурна изолација.
МИА
„Со воспоставување на интерконекцијата, Македонија станува активен дел од регионалната енергетска мрежа. Тоа отвора врати за извоз на енергија, привлекување странски инвестиции и изградба на стратешки партнерства. Паралелно, работиме на тоа и конечно да ги завршиме сите формалности за да го ставиме во функција продуктоводот за транспорт на дизел. Успеавме да ги надминеме правните предизвици во однос на царинската регулатива, така што сега нема пречки ниту за користење ниту за наплата. Во тек се технички испитувања и очекуваме продуктоводот да биде ставен во употреба во наредните неколку месеци“, рече Божиновска.
МИА
Таа соопшти дека се финализираат активности и за гасна поврзаност со Србија. Во завршна фаза е изработката на техничката документација, по што ќе следува и изработка на проектот за изградба. Овие два клучни интерконектори – со Грција и со Србија – се поддржани од Европската комисија и се вклучени во Акцискиот план на ЕУСАИР (Јадранско-јонска стратегија за регионално поврзување), појасни министерката Божиновска.
На свеченоста присуствуваа амбасадорите на САД, ЕУ и Грција во државава, како и претставници на ДЕСФА, „Србијагас“, ЕБОР и ЕИБ.
Изведувачот на работите, кумановската компанија „Рапид билд“ треба да ги заврши работите за 22 месеца, односно интерконкторот да биде готов во 2027 година.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...