Свет

'Dr. Doom' Рубини очекува долга и грда рецесија

Извор: Natalia Kniazhevich/Bloomberg

21. Септември 2022, 10:25

Смирувањето на инфлацијата без рецесија е невозможно, според Рубини

Глобалната рецесија би можела да трае во текот на целата 2023 година

Вредноста на американските акции би можела да падне за дури 40 отсто

'Dr. Doom' Рубини очекува долга и грда рецесија
Нуриел Рубини

Bloomberg Mercury

Економистот Нуриел Рубини, кој правилно ја предвиде финансиската криза во 2008 година, гледа „долга и грда“ рецесија во САД и во светот, која би можела да трае во текот на целата 2023 година. Тој, исто така, предвиде остра корекција на индексот S&P 500.

„Дури и во нормална рецесија, S&P 500 може да се намали за 30 отсто“, рече Рубини, претседател и главен извршен директор на Roubini Macro Associates, во интервју во понеделникот. При „вистинско тешко приземјување“, што тој го очекува, индексот може да падне и до 40 отсто.

Рубини, чие предвидување за пукање на балонот со недвижности во САД помеѓу 2007 и 2008 година му го донесе прекарот Др. Пропаст (Dr. Doom), рече дека оние кои очекуваат плитка рецесија во САД треба да ги разгледаат високите пропорции на корпоративниот и државниот долг. Како што растат каматните стапки, а исто така и трошоците за сервисирање на долгот, многу „зомби институции, зомби домаќинства, бизниси, банки, банки во сенка и зомби држави ќе изумрат“, рече тој. Високиот долг на земјите, компаниите и домаќинствата ќе ја намали и вредноста на акциите.

Смирувањето на инфлацијата без рецесија е невозможно

Рубини, исто така, рече дека постигнувањето стапка на инфлација од 2 отсто без тешко приземјување ќе биде „невозможна мисија“ за американската централна банка. Очекува зголемување на стапката од 75 базични поени на состанокот во септември и 50 базични поени во ноември и декември. Тоа би ја ставило стапката на ФЕД помеѓу четири и 4,25 отсто до крајот на годината.

Сепак, тековната инфлација, особено во платите и услужниот сектор, значи дека ФЕД „веројатно ќе нема да има друг избор“ освен дополнително да зголемува, рече тој, што може да ги поттикне стапките до пет отсто. Според Рубини, инфлацијата ќе остане висока главно поради ограничената страна на понудата.

Откако светот ќе падне во рецесија, Рубини не очекува мерки за фискални стимулации, бидејќи на владите со премногу долгови „им снемува фискални куршуми“. Високата инфлација исто така значи дека „ако направите фискален стимул, ја прегревате агрегатната побарувачка“. Како резултат на тоа, Рубини очекува стагфлација како во 70-тите и големи должнички бранувања како во последната глобална финансиска криза.

Рецесијата ќе биде долга и болна

Рубини очекува американската и глобалната рецесија да траат во текот на целата 2023 година, во зависност од тоа колку се сериозни шоковите за снабдување и финансиските проблеми. Во кризата во 2008 година најмногу беа погодени домаќинствата и банките. Овој пат, вели тој, корпорациите и банките во сенка како хеџ-фондовите, приватните капитални фондови и кредитните фондови ќе „имплодираат“. „Тоа нема да биде кратка и плитка рецесија, туку ќе биде сериозна, долга и грда“, смета тој.

Неговиот совет до инвеститорите: „Продадете акции и заштедете пари“. Дури и кога инфлацијата ги јаде парите, нивната номинална вредност останува нула, „додека акциите и другите средства можат да паднат за 10, 20, 30 проценти“. При фиксен приход, тој препорачува да се избегнуваат долгорочни обврзници и да се додаде заштита од инфлацијата со краткорочни државни благајнички или обврзници со индекс на инфлација како TIPS.

Сите новости од рубриката Економија

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите
Адриа

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите

Тој вели дека во првата половина на годината има договори од една четвртина милијарда евра. Извозот во првото полугодие од зоните е за 11 отсто повисок во споредба со истиот период минатата година.

14.07.2022

Автор: Наташа Стојановска

Економија

сите новости од рубриката Економија