Поткаст... Нов тренд, нов медиум, нов трансмитер на размислувања, на размена на информации, споделување искуства, нов канал за забава, но и за едукација. Дали сте и вие дел од „навлечените“ на поткасти? А дали сте дел од тие што сакаат и да заработат? На пазарите на капитал сега владее оптимизам, па биковското расположение ги одоброволува граѓаните, меѓу кои и тие што се помалку едуцирани, да бараат и брза заработка.
Работите се отидени дотаму што вештачката интелигенција нуди и кратко прераскажани поткасти за тие што немаат доволно време, а сепак наишле на содржини од нивни интерес. Но можна ли е манипулација?
Велиме нов, ама поткастот сега ја живее својата слава, а како формат постои речиси две децении. Најпознатите поткасти пласирани преку каналите „Спотифај“ (Spotify), „Епл поткаст“ (Apple Podcasts), „Гугл поткаст“ (Google Podcasts), „Јутјуб“ (YouTube) итн. имаат над 10 милиони прегледи. А трендот на раст на популарноста продолжува. Тоа го користи и бизнисот, и тоа за нов начин на промоција. Сè за што нема време во рекламите или во кратките специјализирани емисии во традиционалните медиуми, тука може да се каже надолго и нашироко. Токму таа предност за поопширна промоција ја користат низа професии и бизниси.
Прочитај повеќе
Преглед на пазарот: „Енвидија“ и биткоинот блескаат, еврото поразено
Главнaта вест од минатата недела беше за деловните резултати за третиот квартал на највредната компанија во светот, „Енвидија“.
25.11.2024
„Уника“ го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Албанија и Косово на Авни Понари
Договорот за купопродажба на акции се очекува да биде потпишан во наредните денови.
21.11.2024
За 100 долари инвестирани во „Енвидија“, денес на сметка би имале 2.800
Се поставува прашањето уште колку има простор за раст на „Енвидија“ и дали тој е воопшто одржлив...
20.11.2024
„Македонијатурист“ ја тресе берзата: Продаден блок акции за 6,7 милиони евра
Се продадоа 30.741 акција коишто претставуваат 6,80 проценти од основната главнина на друштвото.
19.11.2024
Љубљанската и Загрепската берза се поврзуваат со уште пет берзи
Берзите од Братислава, Будимпешта, Букурешт, Софија, Љубљана, Варшава и Загреб ќе се поврзуваат, потпишан е Меморандум за разбирање.
19.11.2024
Бизнисмен од Сингапур обвинет за измама со никел вредна 1,1 милијарда долари
Стотици клиенти, од кои многумина се истакнати личности во Сингапур, ги вложиле своите пари во шема вредна 1,1 милијарда долари.
26.11.2024
Голема измама со транспортни контејнери вредна три милијарди евра
Како компанијата „Пи енд ар контејнерс“ (P&R Containers) се префрли од транспорт на попрофитабилна работа со мамење луѓе.
12.11.2024
Во нашиот текст фокусот го ставаме на поткастите на тема финансии. Имено, сè повеќе инвестициски советници се одлучуваат да снимаат поткасти. Македонските не се исклучок. За идејата, целта и ефектите од комуникацијата со јавноста преку финансиски поткасти разговаравме со Коста Костадиновски и Билјана Станковска-Арсова, основачи на „Капитал асет менаџмент“ и „Капитал финансиски центар“ (capitalam.mk).
„За идејата за поткасти нè поттикнаа некои предавачи што ги користиме за обуки за нашите соработници и продажната мрежа, кои рекоа дека е време, светот се менува и мора да правиме малку поинаков начин на комуникација со јавноста и дека поткастите се соодветен начин како да се прави тоа за поновите генерации“, вели во разговор за „Блумберг Адрија“ Билјана Станковска-Арсова од „Капитал финансиски центар“ (КФЦ).
За нивниот поткастерски почеток е виновна и нивната колешка Марија Велковска, која веќе почнала да снима поткасти под насловот „Ваш финансиски водич“ (Your financial coach), а идејата е да ја запознаат јавноста подетално со тоа што работат, бидејќи сметаат дека на ваков начин луѓето доаѓаат до соодветни информации од причина што нивната дејност не може да се рекламира.
„Ако рекламираш фонд, никој ништо нема да разбере, а за тоа како да штедам, зошто да штедам, тоа е некоја комуникација што треба да се направи дополнително. И покрај тоа што имаме многу работилници, семинари, ова некако ни беше нов предизвик да почнеме да работиме и на тоа подрачје на поткасти“, вели Станковска-Арсова.
Костадиновски од „Капитал асет менаџмент“ потенцира дека недостига врската со пошироката јавност, а поткастот нуди можност за подлабинско и поквалитетно објаснување и разјаснување на управувањето со финансиите.
„Дефинитивно дека фали да се спроведе информацијата до секого и како идеја, како можност дека може да го прават тоа, а фали врската и во делот на тоа пазарно размислување, капиталистичко размислување дека треба да се создава капитал за да се остварат некои финансиски цели. Кај нас сè уште стои тоа дека земам добра плата и тоа е врвот, сè уште се чувствува кај луѓето дека платата ултимативно ги задоволува нивните потреби да платат сè што замислиле, а тоа не е светот кон кој се стремиме“, вели Коста Костадиновски.
Може ли со поткасти за управување со парите до поголема финансиска писменост?
Финансиските поткасти на Запад се во полн ек. Тие не само што придонесуваат за финансиско едуцирање туку содржините одат дотаму што се нудат совети и предлози, но и целосно анализи за инвестирање во различни средства, па дури и комплетна аналитика за конкретни акции.
„Ние секако заостануваме зад западниот тренд на описменување преку поткасти, како и за сè друго. Меѓутоа, новите генерации и новите технологии овозможуваат таков начин на пристап. Класичните медиуми, телевизиите и весниците, веќе не се медиум преку кој може да се комуницира. Сега социјалните мрежи доаѓаат во преден план, особено кај младите генерации. Ако зборуваме за најмладите, дури овие социјални мрежи што ние сега се навикнуваме да ги користиме, како на пример Фејсбук и Инстаграм, тие едноставно не ги користат и комуницираат на некои сосема трети апликации со доток на содржини што ги интересираат“, вели Коста Костадиновски, посочувајќи дека тоа е неминовен тренд што постои и едноставно ако сакаш да бидеш јавно присутен, тогаш мора да си присутен на сите нови медиуми.
„Ако порано луѓето, потенцијалните клиенти имале време да посветат еден час да гледаат некоја емисија, сега сакаат скратена најава од емисиите да им излегува во некои формати како рилсови или некои микротизер-информации, односно само поентите, за да видат дали евентуално ќе го гледаат подолго тоа видео. Така што тоа е нешто на кое мора да се приспособат бизнисите за да бидат видени од потенцијалните клиенти“, вели Костадиновски.
Според финансиската советничка Билјана Станковска-Арсова, финансиската писменост значи начин на функционирање на семејните финансии. Таа вели дека многу луѓе кај нас живеат стихијно, од денес за утре, и тоа е нешто што прво треба да се смени во начинот за размислување за парите, а токму поткастот го гледа како можност за позитивно да влијаат кај луѓето.
„Секогаш кога ќе одиш кај некого да му кажеш дека треба да создава имот, капитал од својата плата, одговорот е ‘еј, каде со мојата плата јас ќе направам капитал’. Сите мислат дека тоа е само за големите луѓе, а во суштина баш има финансиски инструменти што ние ги знаеме и ги работиме 20 години, а кои се наменети баш за тие што живеат од платите, значи немаат свои бизниси, за да влезат во делот на бизнисот со некои мали заштеди вложувајќи ги во инвестициски фондови или директно во акции преку портфолио-менаџмент итн. Поентата е бидејќи ние живееме во капитализам, луѓето да можат со тие мали износи на средства во текот на долг работен век да создадат имоти на кои ќе може да се потпрат. А тие не го сфаќаат тоа така“, вели нашата соговорничка. Нејзиното искуство покажува дека кога ќе им посочат на нивните потенцијални клиенти дека треба да се штеди, тие најчесто им велат дека нема од каде да штедат.
„И денес ако немаш можност да заштедиш додека работиш, како мислиш да живееш кога ќе престанеш да работиш? Или, еве, се случи ковидот, кога доста луѓе затворија фабрики, не се знаеше што ќе биде, хотелиерскиот бизнис беше пред пропаст... И што во такви ситуации? Преживеаја тие што немаа задолжувања и имаа кеш, односно заштеди и некакви инвестиции во други бизниси. Тоа е таа диверзификација. Дури и во личните финансии човек мора да го прави тоа ако сака да има слобода еден ден“, вели Станковска-Арсова.
Какви се ефектите од финансиските поткасти?
Искуството на нашите соговорници, кои како финансиски советници сега се и во улога на поткастери, покажува дека влијание има, тоа е видливо, но не е мерливо.
„Дека има влијание - има, ама не знам дали може да го измериме, поради тоа што во голема мера таквиот начин на споделување информации помага во постојната инфраструктура што ја имаме и ги извршува на некој начин склучувањата на продажбите и договарањето за користење на нашите услуги. Убеден сум дека тоа им помага на нашите луѓе, кои се присутни внатре, и нам, кои на некој начин вршиме презентирање, директна продажба или контакт со крајниот клиент поради тоа што тој веќе е подготвен или видел некаква информација. И тука сигурно помага поткастот за да го квантифицираме работењето“, посочува Костадиновски.
Тој вели дека на резултатот влијаат многу варијабли, особено интересот за самото движење на берзите. Кога берзите одат нагоре, луѓето имаат поголем оптимизам и поголема верба, а кога берзите се надолу, тие се порезервирани.
„И сега ти може да имаш берзи надолу и поткасти истовремено и да немаш никаков ефект. Меѓутоа, ако имаш, пак, добри содржини, тоа може да ги поттикне луѓето во некој момент да изреагираат како што треба. Така што премногу е испреплетена работата за да може толку едноставно да се измери и да се најде некое равенство како функционира. Меѓутоа, во секој случај поткастот помага во сите компоненти во нашиот систем“, уверува Костадиновски.
Според Станковска-Арсова, поткастите се особено корисни откако веќе потенцијалните клиенти оствариле средба со финансиските советници што ги презентираат работата и услугата што ја нудат.
„Откако потоа ќе се приклучат, ќе ги пуштат тие поткасти да ги прегледаат уште еднаш и малку повеќе да ја разберат филозофијата, веќе почнуваат да размислуваат поинаку, односно ја согледуваат суштината зошто е важно да управуваат со личните финансии. На пример, ако имам мали деца - за малите деца, ако сум со големи деца треба да се обезбедам во следниве 15 години што ќе работам за да имам поголем имот, за да можам да се потпрам, или ако сум на почеток на работниот век - па да не работам до 70, туку да си ја обезбедам финансиската слобода на 50 години итн. Меѓутоа, откако веќе ќе настапи контактот со потенцијален клиент, поткастите многу добро влијаат за да може тие уште еднаш да гледаат, да слушаат, па да видат зошто и како. На таков начин е океј да се прави тоа, а колку е навистина мерливо само поткаст како поткаст е неможно да се каже“, заклучува таа.
Искуството на нашите соговорници покажува дека влијанието на поткастите како начин на пренесување на информациите е во постпродажната грижа и мотивацијата на клиентите да останат во системот без оглед на тоа што се случува во околината, која генерално на финансиските пазари е турбулентна, а кај акциите уште потурбулентна. Поткастите им помагаат на клиентите во одредени моменти да ги разјаснат нејаснотиите и да ги сузбијат стравовите и решат дилемите за тоа дали донеле вистинска одлука, што ако дојде до голем пад на пазарот, дали згрешиле и како да се заштитат од големи загуби.
„Во голема мера тој тип на едукација како поткастите, кои се нели подолги, поголеми содржини, во постпродажбата е добра содржина за на клиентите едноставно да им ги одржи подолгорочно мотивацијата и истрајноста да бидат присутни на пазарот поради тоа што порано или подоцна пазарите секогаш, без исклучок, испорачуваат позитивен резултат без разлика што се случува. Сме виделе големи кризи, најненадејни, брзи резови, брзи закрепнувања и долготрајни кризи, меѓутоа каква и да била кризата, на крајот секоја економија, секој жив организам наоѓа начин да се исправи и да отиде чекор погоре. На пример, почна војна во Украина, имаше енергетска криза, но се среди, се оправија работите и цените на акциите се подобри отколку што беа пред тоа. Претходно имаше корона и одеднаш дојде до лудо голем рез од 50 проценти, каков што немало во историјата, и тоа да паднат сите берзи од Токио до Њујорк. Се расчисти прашината околу короната, се виде што е, како е, како ќе се менаџира и како ќе се излезе од тоа и, еве, сега веќе ја заборавивме пандемијата, а цените на некои компании се неколкупати подобри отколку што биле пред короната, за време на короната и веднаш по неа. Така што има тука доста постпродажен ефект“, смета Костадиновски.
Финансиска и медиумска едукација за заштита од измами
Неодамна посведочивме на неколку пропаднати финансиски инвестициски шеми во кои се гарантираше брза неколкукратна заработка на вложените пари, па извесно време потоа се дозна дека станува збор за измами, при што многумина останаа без своите заштеди или, уште полошо, се задолжија за да ги оплодат парите, но безуспешно. И тоа не е ништо ново. Низ годините сме сведочеле на многу шеми со различно име, но со ист или сличен начин на функционирање во кои ветените нереални поврати биле мамка за многумина.
Се поставува прашањето дали на луѓето им недостига финансиска писменост за да се зголеми свесноста за управувањето со финансиите, за оплодувањето пари и начинот на штедење и заработување.
„Не знам дали базата на проблемот е само во финансиската неписменост. Базата на проблемот е во очекувањето брзи и експресни резултати од сè, што не е реално да се очекува од кој било финансиски инструмент, ниту од депозит од банка, ниту од обврзница што би имала некоја поголема камата, акција со добра дивиденда итн., дека со тоа прекуноќ ќе се направат некои чуда. Не може. Кај нас луѓето очигледно сакаат такви брзи адреналински потфати, сакаат да слушаат приказни за такви експресни, најдобри заработки. Затоа имаме толкаво присуство на обложувачници и казина, како што нема никаде во Европа, ниту во светот, освен во Лас Вегас. Така што тука е коренот на тој проблем“, смета Костадиновски.
„Најчесто луѓето сакаат да дојдат до брза заработка и не гледаат од каде доаѓа понудата, па затоа добра опција се и поткастите, но има и доста поткасти што не работат на финансиска писменост, туку работат баш директно на манипулација на населението за да дојдат до брзи заработки. И, сега, тука се повторно медиумите во прашање, односно на кој медиум ќе решам да слушам, кого ќе го следам, кого нема да го следам, бидејќи и во нашава работа, мислам сите што работиме легален бизнис имаме регулатор што нè контролира. Затоа во нашите изјави и објаснувања се содржани сите правила како треба да се објасни тоа за да се сфатат и ризиците и можностите што ги презема еден клиент. Кога вие одите на кое било место каде што имате некој поткастер што е нерегулиран, односно се претставува како некаков финансиски советник, инвестициски советник или не знам што, а во суштина нема ниту една лиценца од кој било регулаторен орган што работи финансии во државата, тој не одговара пред никого и може да зборува сè и сешто и да ги наведува луѓето. Затоа, од една страна поткастите се супер, меѓутоа тука треба да гледаме и медиумска писменост да имаат луѓето“, смета Станковска-Арсова.
Пораката од нашите соговорници е да се внимава кој е советникот за финансии и инвестиции што ќе одлучиме да го слушаме и следиме.
„Нашата држава има регулатива и лиценцирање и во делот на берзите, значи лиценцирање инвестициски советници, има лиценцирани инвестициски агенти, има понатаму лиценцирани пензиски советници, има лиценцирани застапници за осигурување... Значи, што и да се прави, мојот апел или пораката од ова треба да биде да се користат исклучиво луѓе што се лиценцирани, кои работат под одреден режим или правна рамка што ја наметнала или ја поставила државата во тој бизнис. Значи, летање на секаков вид платформи, такви брзи комбинации секогаш носат огромен ризик“, советува Костадиновски.
Кај нас, за жал, уште во голема мера важи правилото дека берза или акции е нешто што се смета за ризично.
„Да, има одреден ризик, ама секој бизнис има ризик - дали е тоа маркет што почнал да работи, па станал синџир на маркети или маркет што почнал да работи и пропаднал, ама тоа е бизнис, си вложил - значи си презел некаков ризик. Дали е тоа фармацевтска компанија, дали е телекомуникациска компанија, да, изложен си на одреден ризик и имаш параметри по кои може да видиш колкав ризик преземаш и каква е од друга страна добивката што може да ја добиеш. Значи тоа е мерливо, пресметливо, за разлика од илјадниците комбинации што се појавуваат преку платформи, скоро нели беше ‘Конти’, каде што се извлече доста волумен на пари, пред тоа беше некој ‘Уан поинт’ и постојано има некои шемички тука што си поминуваат, ама тоа пак е и финансиска и медиумска (не)писменост“, вели Станковска-Арсова.
Како финансиски советници, нашите соговорници сметаат дека сите чинители во општеството треба да работат на едукацијата и уште од најмали децата да ги разбираат тие работи, да знаат кого и зошто да одберат да го слушаат, кому ќе му дозволат да ги советува финансиски, односно да знаат да ги одберат луѓето што се лиценцирани од фелата, кои се познати и релевантни во која и да е област.