Колку милијарди повеќе од лани е главното прашање што се поставува во исчекување на финансиските извештаи на големите нафтени компании за првиот квартал од 2026 година, кои треба да покажат како војната во Иран влијае врз профитот на таканаречените „биг оил“ (Big Oil). Причината е едноставна - прекинот на транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец, низ кој вообичаено минува една петина од светската потрошувачка, ги ограничи понудата и редовното снабдување, што предизвика цената на нафтата од типот брент да се зголеми од околу 60 долари за барел на почетокот на годинава до врв од 118 долари за барел на крајот на март.
„Гардијан“ неодамна објави истражување според кое стоте најголеми нафтени и гасни компании во светот заработувале повеќе од 30 милиони долари секој час во првиот месец од американско-израелската војна во Иран. Според истражувањето, „Сауди Арамко“, „Газпром“ и „Ексон мобил“ се меѓу најголемите добитници. Во него се прогнозира дека ќе бидат потребни месеци за снабдувањето да се врати на нивоата пред војната и дека нафтените компании би заработиле 234 милијарди долари до крајот на годината ако цената на нафтата и понатаму биде во просек 100 долари.
Што вели „Блумберг интелиџенс“?
Прочитај повеќе
Најголемите трговци со нафта предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа
Најголемите светски трговци со нафта сметаат дека уништувањето на побарувачката предизвикано од војната во Иран ќе се продлабочи, што е знак дека целосното економско влијание од конфликтот допрва ќе се почувствува.
21.04.2026
Хаос и неизвесност во Ормускиот Теснец: закани, пукање и прекини
Ормускиот Теснец повторно е затворен по само 24 часа „отворање“ - пукање врз танкери, хаос на море и милиони барели нафта заглавени во Персискиот Залив.
20.04.2026
САД заплени ирански брод, расте сомнежот за мировните преговори
Тензиите во војната се засилија во текот на викендот, кога американската морнарица отвори оган врз товарен брод под иранско знаме.
20.04.2026
Можат ли САД и Иран да постигнат траен договор за крај на војната?
Додека трае одбројувањето за двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран, клучното прашање е дали тие можат да постигнат договор за завршување на војната што однесе илјадници животи и предизвика глобална енергетска криза.
18.04.2026
Иако меѓу големите нафтени компании има разлики во зависност од тоа колкав дел од дејноста е насочен во ископ и производство на нафта, а колкав во рафинирање, како и во однос на тоа дали црпат нафта од полиња на Блискиот Исток или само во други делови од светот, на повеќето од нив актуелната состојба и растот на цената на нафтата им одат во прилог на приходната страна односно на профитот според „Блумберг интелиџенс“.
Вил Харес, постар аналитичар во „Блумберг интелиџенс“, смета дека заработката на „Тотал енерџис“ (TotalEnergies) за првиот квартал треба да се зајакне, првенствено поттикната од зголемувањето на цените на нафтата, гасот и течниот природен гас (ЛНГ) поради прекините во снабдувањето во Персискиот Залив.
„Ова следува по стабилниот четврти квартал, каде што послабите реализации во производствениот сектор беа компензирани од силната продажба на ЛНГ и поцврстите маржи на рафинирање“, напиша Харес.
За „Еквинор“ (Equinor), тој посочува дека рекордното производство во четвртиот квартал достигна 2,2 милиони барели дневно, што е највисоко ниво во последните 15 години.
„Оперативните изгледи за 2026 година предвидуваат раст од 3 проценти, а силните придружни ветрови од ефектите на цените на војната со Иран ќе ја зголемат заработката барем во првиот квартал“, напиша Харес.
Многу повисоките цени на нафтата и гасот треба да ги зголемат резултатите на „Ексон мобил“ за првиот квартал за дури 2,9 милијарди долари, додека привремените нарушувања на обемот поврзани со војната би можеле да намалат околу 500 милиони долари од резултатите, прогнозираат од „Блумберг интелиџенс“ (БИ).
„Одржувањето, отсуството на ефектите од резервите и помалкуте денови во кварталот од минатата година би можеле да ја намалат вкупната нето-заработка за уште 1,5 милијарда долари“, напишаа во белешка Винсент Пијаца, постар аналитичар во „Блумберг интелиџенс“, и неговиот колега Метју де Марино, помлад аналитичар.
Слично како и за „Ексон мобил“, тие сметаат дека единицата на „Шеврон“ за производство на нафта ќе има позитивно влијание од повисоките цени на стоките во првиот квартал, додека помалото производство ќе ги одрази застојот во Тенгизшевроил и намалениот обем на Блискиот Исток, поточно Израел и поделената зона.
„Дневното производство блиску до горната граница на приспособените процени од 3,8-3,9 милиони барели нафтен еквивалент се чини разумно, при што повисоките цени имплицираат позитивно влијание од дури 2,2 милијарди долари“, напишаа двајцата аналитичари.
Слични се прогнозите и за „Петро Чајна“ (PetroChina). Заработката во првиот квартал веројатно ќе се зголеми откако глобалниот шок за снабдување ги зголеми цените на нафтата, сметаат Хеник Фунг и Хиа Чен, аналитичари во „Блумберг интелиџенс“.
„Цената на ВТИ беше 72,67 долари за барел во првиот квартал, што е за 1,8 отсто повеќе отколку пред една година, поттикната од прекините во протокот на сурова нафта низ Ормускиот Теснец поради конфликтот на Блискиот Исток. Производството на кинескиот нафтен гигант би можело да продолжи да расте за да ја исполни агендата на Пекинг за енергетска безбедност, додека профитот од нафтените производи се соочува со тешкотии од слабата побарувачка поради падот на недвижностите во Кина, поширокото усвојување на електрични возила и владините насоки за цените на нафтените производи“, напишаа во белешка двајцата аналитичари.
Во однос на „Сауди Арамко“ од „Блумберг интелиџенс“ велат дека заработката во однос на цената на нафтата е ограничена од изложеноста на инфраструктурата и ограничениот капацитет за пренасочување поради војната во Иран.
„Рас Танура веќе беше погодена од напад со беспилотно летало, а постојаните загуби на извозот претставуваат материјален ризик. Зголемувањето на цената на брентот од 10 долари за барел додава околу 3 милијарди долари месечна ЕБИТДА, но прекинот од 1 милион барели дневно би го компензирал поголемиот дел од тој раст“, наведоа во белешка Салих Јилмаз и Вил Харес, постари аналитичари во „Блумберг интелиџенс“.
Американските производители меѓу најголемите добитници?
„Ројтерс“ објави дека според ЛСЕГ (LSEG) во изминатиот месец, шест аналитичари што ја покриваат „Шеврон“, ги ревидирале своите проекции за заработката по акција на американскиот нафтен гигант за првиот квартал, зголемувајќи ги процените за просек од околу 40 проценти.
Според анализата, консензусот на Волстрит проценува дека компанијата „Дајмондбек“ (Diamondback), американски производител на нафта од шкрилци, која нема капацитети надвор од САД, ќе објави заработка во првиот квартал од близу 3 долари по акција, што е 28 проценти повеќе од процените направени пред војната. Аналитичарите се чини дека очекуваат сличен пораст за целата година и ги зголемија своите проекции за заработката по акција на компанијата за 22 процента од процените пред конфликтот.
Моќ да се ограничи понудата
Денес станува сѐ поочигледно дека војната што започна со нападите на САД и Израел врз Иран, со првично образложение дека има цел да се смени диктаторскиот режим, всушност прерасна во војна околу прашањето кој ќе го контролира Ормускиот Теснец односно понудата на нафта и, следствено, цените на овој енергент.
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека концептот за „енергетска доминација“ веќе извесно време повторно е во центарот на американската геополитичка стратегија. Политиката што ја промовира администрацијата на Доналд Трамп има цел да ја претвори енергетската моќ на САД во инструмент за економско и геополитичко влијание. Преку зголемување на домашното производство на нафта и гас, олеснување на регулативите и активна надворешна политика кон држави како Иран и Венецуела, Вашингтон се обидува да ја зацврсти својата позиција како водечки играч на глобалниот енергетски пазар.
Официјалната стратегија на Белата куќа, „Американска енергетска доминација“ (American Energy Dominance), подразбира агресивно проширување на домашната енергетска индустрија, зголемување на извозот на енергенти и намалување на зависноста од странски ресурси. Целта не е само економски раст туку и користење на енергетската моќ како средство за геополитичко влијание. Во рамките на оваа политика, во 2025 година беше формиран и Националниот совет за енергетска доминација, тело чија задача е да ги координира федералните институции и да го забрза развојот на нови енергетски проекти.
Американската стратегија се потпира на фактот дека САД во последната деценија стануваат најголем светски производител на нафта и гас. Според анализите на Меѓународната агенција за енергија, производството на нафта во САД достигна историски нивоа благодарение на технолошките иновации, особено во експлоатацијата на шкрилци. Овој раст значително ја промени глобалната енергетска карта и ја намали зависноста на земјата од увоз на енергенти.
Не треба да се заборави и дека САД и Кина подолг период се во своевидна трговска војна и борба за првото место на листата најсилни светски економии. Истовремено, САД континуирано ја гледаат Кина како една од најголемите безбедносни закани. Индикативно е тоа што со нападот врз Иран и запирањето на протокот на нафта низ Ормускиот Теснец всушност САД ѝ нанесоа тежок енергетски удар на Кина. Имено, дури 34 проценти од нафтата што во 2025 година минала низ Ормускиот Теснец завршила во Кина.
Воен профит на краток рок
Силвана Милиќ, аналитичарка за корпоративни финансии во тимот на „Блумберг Адрија“, неодамна во анализа на актуелната состојба на нафтениот пазар укажа дека нафтените компании несомнено ќе профитираат од повисоката цена на нафтата на краток рок, но оваа висока цена ги забрзува процесите што ја поткопуваат нивната профитабилност на долг рок.
„Воената премија, а не фундаменталната побарувачка, ги зголемува цените во 2026 година, од кои имаат корист чистите производители на нафта и компаниите со дисциплинирани трошоци. Но истата таа висока цена истовремено ја забрзува електрификацијата, ја намалува побарувачката за сообраќај и го пренасочува растот само кон петрохемикалии“, наведува Милиќ.
Таа додава дека нафтените компании несомнено ќе профитираат од високата цена на краток рок, но на долг рок истата таа висока цена го поттикнува уништувањето на побарувачката и ја намалува одржливоста на идните заработки.
„Пазарот на енергија така влегува во фаза во која високата цена повеќе не е гаранција за стабилна добивка, туку сигнал за длабока структурна транзиција“, нагласува Милиќ.