Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба изјави дека ќе поднесе оставка, по неколкунеделни повици за негово повлекување поради вториот последователен неуспех на националните избори.
„Бидејќи преговорите за трговијата со Соединетите Американски Држави завршија, почувствував дека сега е вистинскиот момент да се повлечам и да му отстапам место на мојот наследник“, изјави тој на прес-конференција во Токио во неделата. На функцијата премиер ќе остане сè додека неговиот наследник не ја преземе должноста.
Оставката на Ишиба го означува крајот на мандатот обележан со понижувачки изборни резултати кои ја лишија владејачката коалиција од мнозинство во двата дома на парламентот и ги оставија инвеститорите несигурни во поглед на фискалните планови на Јапонија. Неговото заминување веројатно ќе предизвика дополнителна неизвесност на пазарите во наредните недели, сè додека Либерално-демократската партија (ЛДП) не избере нов лидер.
Прочитај повеќе

Голем удар за „Нипон лајф“, загубите од обврзници нагло се зголемија
Најголемата јапонска осигурителна компанија трпи притисок поради нагло зголемени загуби од обврзници и нестабилност на пазарот.
07.08.2025

Јапонските обврзници остануваат ранливи по поразот на Ишиба
Јапонските државни обврзници се на лизгав терен, по политичките турбуленции во земјата
22.07.2025

Пет јапонски акции на Ворен Бафет: Каде се тие денес?
„Беркшир Хатавеј“ е фокусирана главно на инвестиции во САД, но во последниве години ги зголемува и своите инвестиции во Јапонија.
25.04.2025

Кина, Јапонија и Јужна Кореја се поврзуваат за слободна трговија наспроти царините од САД
Иако нема јасен сигнал за значителен напредок кон пактот, сепак преговорите покажуваат зголемена подготвеност меѓу трите земји да ги зајакнат врските.
30.03.2025
Ризикот од понатамошна нестабилност може да влијае врз јенот и долгорочните обврзници кога тргувањето ќе започне в понеделник во Азија. Јапонската валута минатата недела беше меѓу најслабите од групата на десет најсилни светски валути, додека приносите на долгорочните јапонски државни обврзници достигнаа највисоки нивоа во последните неколку децении.
ЛДП требаше в понеделник да одржи гласање за тоа дали изборите за раководството да се поместат две години порано, но тоа гласање сè повеќе изгледаше како гласање за недоверба на премиерот. Ишиба рече дека сега тоа гласање ќе биде откажано.
„Почувствував дека како лидер на ЛДП морам да ја преземам одговорноста за изборните резултати“, одговори Ишиба на прашањето зошто решил да се повлече.
Законодавците кои сакаат да се кандидираат за премиер мора да обезбедат поддршка од најмалку 20 други пратеници за да влезат во трката. Кој и да победи на внатрепартиските избори, потоа ќе мора да освои мнозинство во парламентот за да стане премиер во поделеното законодавно тело. Иако ЛДП ја изгуби апсолутната власт, владејачката коалиција на оваа партија сè уште има најмногу места во долниот дом, што го прави нивниот кандидат најверојатен за избор, но тоа не е гарантирано.
Меѓу потенцијалните кандидати од редовите на ЛДП се:
- Санае Такаичи, поранешна министерка за внатрешни работи, која минатата година заврши како втора зад Ишиба на внатрепартиските избори. Таа е наклонета кон фискални стимулации и веројатно би сакала Банката на Јапонија да биде повнимателна со зголемувањето на каматните стапки.
- Шинџиро Коизуми, министер за земјоделство и син на поранешен премиер, за кого се очекува дека ќе влезе во трката и би можел да донесе свеж имиџ за ЛДП и да привлече помлада генерација.
- Такејуки Кобајаши, поранешен министер за економска безбедност, кој припаѓа на десното крило на партијата.
- Јошимаса Хајаши, актуелен генерален секретар на кабинетот, и министерот за финансии Кацунобу Като, исто така се разгледуваат како можни наследници.
Приоритет за следниот лидер на ЛДП ќе биде враќањето на поддршката за владејачката коалиција. Поразот на јулските избори следеше по неуспехот во долниот дом минатиот октомври, веднаш по доаѓањето на Ишиба на функцијата. Како резултат, ЛДП првпат од основањето во 1955 година беше приморана да владее без мнозинство во ниту еден дом од парламентот.
На изборите за горниот дом, ЛДП изгуби дел од своите конзервативни гласачи во корист на Сансеито, десничарска популистичка партија со агенда „Јапонија на прво место“. Тоа може да им помогне на кандидатите од десното крило на ЛДП. Демократската партија на народот, пак, го зголеми бројот на места повикувајќи на зголемување на нето платите, додека главната опозициска сила, Уставно-демократската партија на Јапонија, остана со ист број места, не успевајќи да ја капитализира слабоста на ЛДП.
Иако традиционално доминацијата на ЛДП во парламентот речиси гарантира дека лидерот на партијата станува премиер, овој пат поради изборните неуспеси и ослабениот легитимитет, постои мала шанса кандидатот на ЛДП да не успее да ја освои функцијата. Но, за тоа би била потребна координирана соработка на опозицијата, која засега е длабоко поделена.
Кој и да биде избран за нов лидер на ЛДП, ќе мора да бара поддршка и од помалите опозициски партии за да обезбеди доволно гласови за премиерската функција и за спроведување на својата политичка агенда. Следните редовни национални избори не мора да се одржат уште три години, но новиот лидер може да распише и предвремени избори за долниот дом за да ја зацврсти власта – ризичен потег ако не успее да ги придобие гласачите.
Новиот премиер, покрај тоа, ќе се соочи со предизвици како што се глобалните трговски притисоци и растечкото незадоволство на граѓаните поради сè повисоките трошоци за живот. Ишиба повика на нова финансиска помош за потрошувачите, додека опозициските партии бараа намалување на даноци или зголемување на јавната потрошувачка – предлози кои предизвикуваат загриженост кај инвеститорите.
Оставката на Ишиба најверојатно дополнително ќе ги оптовари обврзниците, особено оние со многу долг рок на доспевање, што ќе ги турне приносите нагоре, изјави Кацутоши Инадоме, виш стратег во„Сумитоно Мутсуи Трас асет менаџмент“.
„Премиерот Ишиба беше познат по својот строг став кон фискалната дисциплина“, рече тој. „Иако сè уште не е јасно кој ќе биде следниот премиер, тешко е да се замисли некој со ист или построг став кон фискалната дисциплина од неговиот“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...