Претседателот на САД, Доналд Трамп, им порачал на европските претставници дека е подготвен да воведе нови сеопфатни царини за Индија и Кина за да го натера рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса со Украина – но само ако тоа го сторат и земјите од ЕУ.
Трамп го поставил барањето кога телефонски се вклучил на состанок со високи американски и европски претставници во Вашингтон, велат лица запознаени со дискусијата, кои побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за приватни разговори. Еден од нив рече дека САД се подготвени да ги усогласат царините со оние што би ги вовела Европа кон која било од двете земји.
Предлогот претставува предизвик, имајќи предвид дека неколку земји, вклучувајќи ја и Унгарија, во минатото блокираа построги санкции на ЕУ насочени кон рускиот енергетски сектор. Таквите мерки би барале поддршка од сите земји членки.
Прочитај повеќе

„Не грижете се“, вели Трамп по воведувањето царини од 50 отсто за Индија
„Индија и САД имаат посебен однос. Нема причина за загриженост. Понекогаш имаме свои моменти“, изјави американскиот претседател.
07.09.2025

Царинскиот „бумеранг“ ја става отпорноста на САД на сериозен тест
Царините воведени за заштита на домашната економија сега им штетат на американските компании.
03.09.2025

Моди ги зацврстува врските со Кина и Русија спротивно на ставот на Трамп
Индискиот премиер Нарендра Моди допатува во Кина по седум години да ја зацврсти соработката. Истовремено, обезбеди и јапонски инвестиции како одговор на царинскиот притисок од Трамп.
01.09.2025

Трговските партнери на САД збунети откако судот ги прогласи царините за незаконски
Одлуката кој беше донесена со 7 гласови за и 4 против од страна на панел на судии во петокот вечерта во Вашингтон беше голем неуспех за Трамп, но сепак им дава на двете страни нешто со што може да се пофалат.
31.08.2025
Други можни мерки за кои разговарале американските и европските претставници вклучуваат дополнителни санкции за „невидливата флота“ на нафтени танкери на Русија, како и ограничувања за нејзините банки, финансискиот сектор и големите нафтени компании, велат соговорниците.
Предлогот на Трамп, првично објавен од „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), следува откако истече рокот што тој му го постави на Владимир Путин да одржи билатерална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ниту тогаш ниту потоа не се појавија знаци дека рускиот лидер – кој се сретна со Трамп кон крајот на минатиот месец во Алјаска – е навистина подготвен за директни мировни преговори.
Наместо тоа, Москва ја засили својата кампања за бомбардирање на Украина, а во вторникот во еден напад беа убиени најмалку дваесетина пензионери додека земале пензиски исплати во источна Украина.
Секоја акција на САД во крајна линија би зависела од Трамп, кој досега се воздржуваше од директно казнување на Русија, и покрај тоа што неколкупати ги проби своите поставени рокови и покрај постојаната неподготвеност на Путин да преговара за крај на војната. Сепак, Трамп веќе ги удвои царините за Индија на 50 отсто поради нејзините продолжени набавки на руска нафта.
Во текот на вчерашниот ден Трамп напиша на социјалните мрежи дека САД и Индија продолжуваат со преговорите за отстранување на трговските бариери и изрази оптимизам дека двете земји ќе постигнат договор за решавање на спорот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „разговор со мојот добар пријател“, индискиот премиер Нарендра Моди, во наредните недели.
Индија сега е еден од најголемите азиски купувачи на руска сурова нафта
Четиринеделниот подвижен просек на испораки на сурова нафта од сите руски пристаништа покажува нагло зголемување на индиските набавки по инвазијата на Украина.
Предлогот за царини на Трамп се разликува од помекиот тон што го имаше во изминатите месеци кон Кина, како дел од очигледните напори да обезбеди самит со претседателот Шји Џјинпинг и трговски договор со втората најголема економија во светот. Минатиот месец тој го продолжи мораториумот на повисоки царини за кинеските стоки до почетокот на ноември, потег што ги стабилизира трговските односи.
Шји најверојатно би возвратил на секоја ескалација. Кинескиот извоз покажа отпорност и покрај царината од 55 отсто на испораките кон САД, што укажува дека Пекинг има простор да издржи уште притисоци. За Трамп, враќањето на политиката „око за око“ би можело да ја наруши испораката на ретки елементи од Кина – клучни за американското производство на сè, од мобилни телефони до ракети.
Такво сценарио исто така би ја довело во прашање секоја можна средба меѓу Трамп и кинескиот лидер, која двете земји се обидуваат да ја договорат и која би можела да се одржи веќе следниот месец, на маргините на голем самит во Јужна Кореја.
Кинеското министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето за коментар за најновиот предлог на Трамп за царини.
Делегација од претставници на ЕУ неделава е во посета на Вашингтон за средби со американските колеги и разговори за можноста за заедничка акција за вршење притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина и да влезе во преговори со Киев.
Премиерката на Украина, Јулија Свириденко, која исто така учествуваше во разговорите, во објава на социјалните мрежи наведе дека ги повикала партнерите на Киев да ги целат на „невидливата флота“, големите нафтени компании, рафинериите, трговците и другите поддржувачи.
Разговорите се одвиваат во момент кога во ЕУ се дискутира за содржината на 19-от пакет санкции.
Москва веќе е под тешки санкции и од САД и од Европа, но успеа да заобиколи дел од ефектите преку снабдување со забранети производи од Кина и други трети земји, како и со наоѓање купувачи за својата нафта и гас во Пекинг, Индија и на други места.
Но како што руската економија покажува сè поочигледни знаци на притисок, мерките насочени кон тие испораки и извори на витални приходи веројатно би го зголемиле притисокот врз руската воена машинерија и финансии.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...