Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил блокада на санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела, со што дополнително го зголемува притисокот врз Каракас, во услови на засилено воено присуство на САД во регионот и закани за копнени напади.
„Венецуела е целосно опколена од најголемата армада што некогаш е собрана во историјата на Јужна Америка“, напиша Трамп во вторникот на социјалните мрежи. „Таа флота само ќе се зголемува, а шокот за венецуелскиот режим ќе биде нешто што никогаш досега не доживеале - сè додека не им ги вратат на Соединетите Американски Држави целата нафта, земјиштето и другите средства што претходно ни ги украдоа.“
Трамп изјави и дека режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро го прогласува за „СТРАНСКА ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА“. Тој го обвини „нелегитимниот“ режим дека „користи нафта од украдените нафтени полиња за свое финансирање, наркотероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“.
Прочитај повеќе
Цената на нафтата расте по потврдата на ОПЕК+ за пауза во производството и фокус кон Венецуела
Одлуката на ОПЕК+ да го запре зголемувањето на производството, тензиите околу Венецуела и очекуваниот рекорден вишок ја обликуваат цената на нафтата, а пазарот внимателно ги следи сигналите од Трамп.
01.12.2025
Трамп: Сметајте го воздушниот простор над и околу Венецуела за затворен
Претседателот Доналд Трамп изјави дека авио-компаниите треба да го сметаат воздушниот простор над и околу Венецуела за затворен, во објава на неговата платформа Tрут Сошл во саботата.
29.11.2025
Трамп преку „секундарни царини“ создава ново трговско оружје
Американскиот претседател се закани со „секундарни царини“ за земјите што купуваат нафта од Венецуела.
25.03.2025
Мистериозни експлозии на два санкционирани танкери во Црното Море
Танкерите се наоѓале на брегот на Турција
29.11.2025
Овој потег претставува ескалација на притисокот на администрацијата на Трамп врз Мадуро, кого САД го обвинуваат дека стои на чело на трговската наркооперација. По објавата на американскиот претседател, цените на нафтата пораснаа. ВТИ порасна за 1,7 отсто, отскокнувајќи од најниското ниво во речиси пет години.
Венецуела ја осуди најновата мерка на Трамп како „непромислена и сериозна“ закана.
„Трамп има намера, на целосно ирационален начин, да наметне наводна воена блокада на Венецуела со цел да го ограби богатството што ѝ припаѓа на нашата татковина“, соопшти владата во изјава објавена доцна во вторникот на профилот на Телеграм на потпретседателката Делси Родригез. „Венецуела повторно ја потврдува својата сувереност над сите свои природни ресурси.“
Во соопштението се наведува и дека венецуелскиот амбасадор во Обединетите нации веднаш ќе го осуди, како што се наведува, „тешкото“ кршење на меѓународното право.
Точка на притисок
Со целењето на нафтата, Трамп удира во клучната потпорна точка на венецуелската економија. Приходите од долари на владата речиси целосно зависат од продажбата на сурова нафта, а ограничувањата за трговија со нафта што САД ги воведоа претходно годинава веќе ја туркаат земјата кон работ на хиперинфлација.
Минатата недела САД го запленија санкционираниот танкер за нафта „Скипер“ во близината на венецуелскиот брег. По оваа заплена, веќе следниот ден три супертанкери што биле на пат кон Венецуела го сменија курсот, додека уште еден се врати назад.
Пентагон исто така извршил повеќе од 20 удари врз наводни пловни објекти поврзани со трговија со дрога во водите во близината на Венецуела и Колумбија, при што биле убиени десетици лица.
Трамп во повеќе наврати сугерираше дека САД би можеле да извршат копнени напади врз други земји и дека Мадуро треба да биде тргнат од власт.
Не беше веднаш јасно на кое земјиште и кои средства, за кои тврди дека биле украдени, мислеше Трамп. Во изминатите децении Венецуела ја национализира нафтената индустрија, како и голем број други сектори, што доведе до повлекување на странски компании од земјата. Поголемиот дел од тие експропријации беше спроведен за време на владеењето на Хуго Чавез, претходник и политички ментор на Николас Мадуро.
Владата на Мадуро ги оцени потезите на САД како обид за присвојување на венецуелските резерви од нафта, најголемите во светот. Иако земјата некогаш беше голем производител, производството нагло опадна во последната деценија. Минатиот месец од Венецуела биле извезувани околу 590.000 барели нафта дневно, во споредба со глобална потрошувачка од повеќе од 100 милиони барели дневно. Поголемиот дел од венецуелската сурова нафта се извезува во Кина.
Економијата на социјалистички управуваната земја е под силен притисок откако Трамп претходно годинава ги заостри ограничувањата за трговија со нафта. Приходите од долари на владата, кои речиси целосно зависат од продажбата на сурова нафта, веќе биле намалени за 30 отсто во првите десет месеци од 2025 година. Овој притисок влијае врз девизниот курс и ги турка цените нагоре, при што годишната инфлација се очекува да надмине 400 отсто до крајот на годината, проценуваат локални економисти, кои сакале да останат анонимни поради страв од одмазда.
Иако државната нафтена компанија „Петролеос де Венецуела“ (Petroleos de Venezuela SA – PDVSA) ја контролира нафтената индустрија во земјата, таа соработува со меѓународни партнери, меѓу кои и компанијата со седиште во Хјустон „Шеврон“ (Chevron Corp.), во експлоатацијата на нафта во повеќе региони. Според постојниот аранжман, „Шеврон“ ѝ исплаќа на Венецуела дел од нафтата што ја произведува заедно со „Петролеос де Венецуела“ во заеднички проекти, врз основа на лиценца издадена од Министерството за финансии на САД, со која американската компанија е изземена од санкциите.
По заплената на танкерот „Скипер“, „Шеврон“ ја намали цената на венецуелската сурова нафта што им ја нуди на американските рафинерии. Компанијата во соопштение објавено доцна во вторникот наведе дека нејзините „операции во Венецуела продолжуваат без прекини и во целосна согласност со законите и регулативите што се применуваат на нејзиното работење, како и со режимот на санкции утврден од владата на САД“.
Мотивацијата на Трамп
Во изминатите месеци Мадуро ги повикуваше граѓаните да се обединат против, како што рече, заканите од САД и да ѝ се приклучат на граѓанската милиција, за која тврди дека веќе има повеќе од осум милиони члена. Тој исто така распореди војници, бродови, авиони и дронови по должината на границата со Колумбија, во делови од крајбрежјето и на еден остров.
Претходно неделава Мадуро ја нарече американската заплена на танкерот „криминална и незаконска“.
Шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, во интервју за „Венити фер“ (Vanity Fair), објавено во вторникот, посочи дека мотивацијата на Трамп за потезите во Венецуела се сведува на засилување на притисокот врз Мадуро.
„Трамп сака да продолжи да потопува бродови сè додека Мадуро не попушти“, рече таа. „А многу попаметни луѓе од мене велат дека токму тоа и ќе се случи.“