Спроведувањето на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за обнова на проблематичната нафтена индустрија на Венецуела под водство на САД би можело да биде долготраен и сложен процес, чија цена би надминала 100 милијарди долари.
Години корупција, недоволни инвестиции, пожари и кражби ја оставија нафтената инфраструктура на земјата во распад. За производството да се врати на врвните нивоа од 1970-тите, компании меѓу кои би можеле да бидат и „Шеврон“ (Chevron Corp.), „Ексон Мобил“ (Exxon Mobil Corp.) и „КоноКоФилипс“ (ConocoPhillips), би требало да инвестираат околу 10 милијарди долари годишно во следната деценија, вели Франциско Моналди, директор за енергетска политика за Латинска Америка при „Бејкер институтот за јавни политики“ (Baker Institute for Public Policy) на Универзитетот Рајс.
„Побрзо закрепнување би барало уште поголеми инвестиции,“ додава Моналди.
Прочитај повеќе
Како Трамп гради своја нафтена империја
На светот денес не му е потребна дополнителната венецуелска нафта, но во 2030-тите може да стане клучот за глобалната нафтена моќ на САД. Како Трамп гради нова енергетска империја од Алјаска до Патагонија?
05.01.2026
Делси Родригез го ублажи тонот и повикува на соработка со САД по апсењето на Мадуро
По апсењето на Николас Мадуро, вршителката на должност претседател на Венецуела, Делси Родригез повика на соработка со САД, но го смени првичниот остар тон кон Вашингтон.
05.01.2026
ОПЕК+ ќе продолжи да испорачува нафта со исто темпо
ОПЕК+ ќе се држи до плановите за паузирање на зголемувањето на производството во текот на првиот квартал.
04.01.2026
Кои се целите на Трамп преку отстранувањето на Мадуро од Венецуела?
Со апсењето на Мадуро и неговото гонење во САД, официјалните лица тврдеа дека тој бил вмешан во трговија со дрога. Но, Трамп јасно стави до знаење дека има и други планови
04.01.2026
Танкери натоварени со руска нафта испловија кон индиската рафинерија на „Рилајанс“
По кратката пауза во увозот поради американските санкциски притисоци, „Рилајанс“ повторно набавува руска сурова нафта, а три танкери се веќе на пат кон Индија.
02.01.2026
Венецуела располага со најголемите резерви на нафта во светот. Но, производството драматично опадна за време на 12-годишниот мандат на претседателот Николас Мадуро, кој во саботата рано наутро беше уапсен од американските сили. Земјата моментално произведува околу еден милион барели дневно, наспроти речиси 4 милиони во 1974 година.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за „Еј-Би-Си њус“ (ABC News) изјави дека очекува американските нафтени компании со нетрпение да ја искористат можноста да истражуваат и експлоатираат венецуелска тешка нафта (нафта со висока густина), која е клучна за рафинериите на брегот на Заливот во САД.
„Не сум разговарал со американските нафтени компании во изминатите неколку дена, но прилично сме сигурни дека ќе има огромен интерес,“ изјави Рубио. „Верувам дека ќе има многу силна побарувачка и интерес од приватниот сектор, доколку им се даде простор да работат.“
Bloomberg
Сепак, пред воопшто да влезат во Венецуела, компаниите најнапред ќе сакаат да бидат сигурни дека ситуацијата е стабилна, вели Лино Карило, поранешен менаџер во државната нафтена компанија „Петролеос де Венецуела“ (Petróleos de Venezuela SA), кој од земјата избегал пред повеќе од две децении.
„За нафтените компании навистина сериозно да размислуваат за инвестирање во Венецуела, неопходно е да има нов конгрес или Национално собрание,“ изјави Карило. „Не ова што се случува сега. Дефинитивно не.“
Во меѓувреме, обемот на работа потребна за обновување на националната инфраструктура е огромен.
Во нафтените терминали на Венецуела, опремата е во толку лоша состојба што за целосно полнење на супертанкерите што транспортираат сурова нафта за Кина се потребни и до пет дена. Пред само седум години, за тоа беше доволно само еден ден.
Во басенот Ориноко, огромен регион во внатрешноста на Венецуела за кој се проценува дека содржи речиси половина билион барели искористливи резерви на нафта, бурињата се напуштени, а истекувањата не се контролираат. Бушотинските платформи се ограбувани среде бел ден, а опремата се продава како делови на црниот пазар.
Разгранетата мрежа на подземни нафтоводи во земјата е позната по честите протекувања, а во одредени случаи дури била демонтирана од државната нафтена компанија и продавана како старо железо. Пожари и експлозии уништиле дел од опремата.
А, масивниот рафинирачки комплекс „Парагуана“ (Paraguana Refining Complex) на брегот северозападно од Каракас работи само повремено и со ограничен капацитет поради честите дефекти. Дел од четирите постројки за надградба на нафтата, кои некогаш беа современи погони за претворање на густата венецуелска нафта во суровина погодна за рафинерии, веќе се затворени.
Bloomberg
Она што остана од нафтеното производство на Венецуела во голема мера се потпира на „Шеврон“, единствената голема американска нафтена компанија што сè уште работи во земјата. Компанијата со седиште во Хјустон учествува со околу 25 отсто од националното производство, работејќи врз основа на специјална дозвола што ѝ овозможува да остане таму и покрај санкциите на САД.
Другите две американски компании што би биле најдобро позиционирани да помогнат во обновата на венецуелската нафтена индустрија, со оглед на нивната големина и искуство, се „Ексон Мобил“ и „Коноко Филипс“, велат аналитичарите. Двете порано работеа во земјата, но се повлекоа откако нивните средства беа национализирани за време на претходникот на Мадуро, починатиот Хуго Чавез, во средината на 2000-тите.
Од „Ексон Мобил“ и „Коноко Филипс“ не одговорија на барањата за коментар. „Ексон Мобил“ претходно изјави дека би разгледал инвестирање во Венецуела, но само доколку условите бидат соодветни.
„Шеврон“ во соопштение наведе дека фокусот останува на безбедноста и благосостојбата на вработените, како и на заштитата на средствата што ги има компанијата во Венецуела. „И понатаму работиме во целосна согласност со сите релевантни закони и прописи,“ соопшти компанијата.
Венецуелски нафтени платформи
Бројот на активни бушотински платформи е речиси на историски минимум
Bloomberg
И натаму е сосема неизвесно како ќе се одвива политичката транзиција во Венецуела и каква ќе биде деловната околина за работа на нафтените компании. Засега санкциите остануваат на сила, а американската морнарица го контролира морскиот појас околу земјата. Трамп изјави дека потпретседателката Делси Родригез е таа што сега ја води државата, иако таа е тврд сојузник на Мадуро.
„Очекувам нафтените компании да почнат да ги обновуваат своите планови и предлози за учество, но да не преземаат обврски сè додека не стане извесна барем основната политичка стабилност,“ изјави Клејтон Сигл, виш соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Работата на администрацијата на Трамп за да го процени интересот на западните нафтени компании делумно ја водат министерот за внатрешни работи Даг Бергам и министерот за енергетика Крис Рајт, кои се претседател и потпретседател на Националниот совет за енергетска доминација на Трамп.
Bloomberg
Дополнителен предизвик за компаниите да инвестираат во нафтеното производство во Венецуела е и фактот дека светскиот пазар моментално е преплавен со нафта, а глобалните цени се движат околу најниското ниво во последните пет години. Во исто време, многу компании сè уште имаат ненаплатени побарувања од милијарди долари по основ на кредити и обесштетувања, откако нивните средства беа одземени за време на владеењето на Хуго Чавез.
Сепак, нафтените компании би можеле повторно да бидат привлечени доколку цените и ризичните премии бидат доволно поволни, вели Кевин Бук, управен директор во вашингтонската компанија „Клир Вју“ (ClearView Energy Partners).
„Ќе бидат потребни навистина поволни услови за да се надомести огромната неизвесност,“ изјави Бук. „Компаниите што имаат капацитет профитабилно да експлоатираат нафта во Венецуела тешко дека ќе ја игнорираат големината на резервите, доколку видат знаци на релативна стабилност и успеат да обезбедат поволни договорни услови.“