Донесена е пресуда дека вештачката интелигенција може да го наруши доминантниот статус на „Гугл“, но две нови книги тврдат дека монополите ретко се коригираат сами од себе.
Во неодамнешната епизода на поткастот „Аквајрд“ (Acquired), инвеститорите Бен Гилберт и Дејвид Розентал тврдеа дека катастрофалниот старт на четботот Бард (Bard) на „Гугл“ во февруари 2023 година, кој доведе до пад на акциите на компанијата за осум проценти во еден ден, всушност бил „маскиран благослов“. Според нив, тоа е така затоа што две години подоцна, американски федерален судија пресуди дека „Гугл“ незаконски го монополизирал интернет-пребарувачот, но исто така ја вклучи можноста дека претстојната закана од вештачката интелигенција ќе обезбеди нова конкуренција за компанијата. Судот одлучи дека „Гугл“ не треба да направи значителни промени во своето работење, делумно затоа што се очекува дека ВИ ќе ги реши проблемите самостојно.
„Колку и да беше ‘Гугл’ изненаден кога се појави ЧетГПТ, ако исходот од ова е да ги избегнат нарушувањето и штетата по нивниот бизнис од страна на ‘Мајкрософт’, поради пресудата за монопол на американскиот федерален суд“ рече Розентал, „тогаш тоа е исплатлива ситуација“. „Тоа всушност го спасува ‘Гугл’.“
Прочитај повеќе
Водоводџиите, фризерите, молерите остануваат човечки професии: До кога во Македонија?
Најотпорни на вештачката интелигенција и автоматизацијата се професиите што вклучуваат физички труд во непредвидливи средини и директна работа со луѓе.
19.11.2025
Агенти со вештачка интелигенција што ги разбираат јазиците од регионот може да работат за вас
Целосно интегрирани во интерните системи на компаниите, ВИ-агентите на компанијата „Вондерфул“ веќе обработуваат десетици илјади сложени интеракции дневно, од решавање поплаки за сметки до закажување термини, а во над 80 отсто од случаите човечка интервенција не е ни потребна...
12.11.2025
„Енвидија“ - од неславни почетоци и фијаско до највешт играч во вештачката интелигенција
„Енвидија“ денес привлекува внимание не само поради својата водечка позиција во секторот за графички процесори туку и поради својот многу висок коефициент на цена-заработка, кој варира околу 56-57×.
12.11.2025
Прашавме македонски креативци дали вештачката интелигенција им ги загрозува правата
Вештачката интелигенција го менува светот на креативноста, но што значат новите технологии за авторските права?
14.11.2025
Во својата одлука од август 2024, судијата Амит Мехта утврди дека, иако технолошкиот гигант во сопственост на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) стекнал доминација благодарение на својот супериорен пребарувач, останал на врвот делумно затоа што им плаќал милијарди долари годишно на конкурентите како „Епл“ (Apple Inc.) и „Самсунг“ (Samsung Electronics Inc.) за да го задржи статус квото.
Една година подоцна издаде уште една одлука од 230 страници за тоа како да се реши незаконското однесување, заклучувајќи дека „Гугл“ нема да мора речиси ништо да промени. Пребарувачот нема да биде принуден да го продаде својот популарен прелистувач Хром (Chrome), што беше побарано од Министерството за правда, ниту ќе мора да престане да плаќа милијарди за да обезбеди дека неговиот пребарувач останува број еден. „Појавата на генеративната вештачка интелигенција го промени текот на овој случај“, напиша Мехта. Никој на првичното судење за монополизација не сведочеше дека ВИ ќе ја потресе индустријата за пребарување, рече тој, додека слушањето во 2025 година било полно со сведоци што го тврделе токму тоа.
Меѓутоа, никој всушност не се согласил кој ќе го предизвика тоа потресување. Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, сведочеше за неговите стравувања дека „Гугл“ ќе ја прошири својата доминација во пребарувањето и на вештачката интелигенција, што го натерало „Мајкрософт“ да инвестира повеќе од 13 милијарди долари во „Опен еј-ај“ (OpenAI). Министерството за правда повеќепати тврдеше дека стравот од губење на монополот врз пребарувањето го натерал „Гугл“ да го потцени сопствениот напредок во ВИ. Во меѓувреме, Прабакара Рагаван од „Гугл“, кој тогаш го водеше пребарувањето, сведочеше дека навечер лежел буден, загрижен поради тоа што младите веќе не се потпираат на „дедо Гугл“.
Мехта изгледа ја прифати идејата дека „дедо Гугл“ е загрозен од технологијата на ВИ, и делумно тоа е точно: некои корисници преминуваат на четботови наместо на пребарувачи, а ВИ-компании како „Перплексити“ (Perplexity) и „Опен еј-ај“ создаваат свои веб-пребарувачи. Но, тоа само по себе можеби нема да биде доволно за да му се стави крај на монополот на „Гугл“, како што објаснуваат две нови книги. Со одбивањето да се применат построги мерки, одлуката на Мехта потпаѓа под она што професорот по право на Универзитетот „Колумбија“, Тим Ву, го нарекува „упорен сон за самокорективна економија“.
Монополите секогаш се плашат дека новите технологии ќе ги заменат, бидејќи новите платформи претставуваат нова форма на конкуренција, пишува Ву во „Ерата на екстракција“ (The Age of Extraction / Knopf, ноември 2025). „Еј-ти енд ти“ (AT&T), на пример, бил длабоко сомничав кон технологиите што не ги контролирал, дозволувајќи им на телефонските секретарки, модемите и на крајот интернет-услугите да се поврзат на неговата мрежа дури откако бил принуден од страна на федералната влада. Но оваа неволја не ги прави монополите полесни за заменување, вели Ву, дури и кога ќе се појават нови технологии.
Depositphotos
„Теоријата за самокорекција на економската моќ рутински ги игнорира предвидливите постапки на оние што имаат економска моќ“, пишува тој. Како што веројатно ќе откриеме со „Гугл“, „големите монополисти не се пасивни“.
Недостигот од конкуренција раѓа самозадоволство. Како што изјави познатата оператерка на „Еј-ти енд ти“, Лили Томлин, во скечот на СНЛ (Saturday Night Live) од 1976 година: „Ние не се грижиме. И не мора да се грижиме. Ние сме телефонска компанија“. Таа динамика е присутна и на интернет, како што тврди дигиталниот активист Кори Докторов во својата најнова книга. Компаниите секогаш ќе сакаат да извлечат што повеќе пари за што помалку труд, пишува тој, дури и деградирајќи ги своите производи, освен ако конкуренцијата или регулацијата не ги дисциплинираат. „Еншитификација“ (Enshittification / MCD, ноември 2025) е насловот на книгата на Докторов и претставува збор што го сковал за да опише зошто денешните технолошки платформи, кои некогаш ветувале толку многу, сега се толку лоши. „Еншитификација“, тврди тој, не е „пцост за капитализмот“, туку подобро се разбира како теорија на неограничена монополска моќ.
Без конкуренција, тврди Докторов, компаниите престануваат да иновираат и почнуваат да ги притискаат корисниците, кои на крајот плаќаат бидејќи немаат друга опција. Докторов му посветува цело поглавје на „Гугл“ како пример за тоа што се случува кога компаниите немаат конкуренција. „Лошиот квалитет на пребарувањето на ‘Гугл’ е избор“, пишува тој. „‘Гугл срч’ е лош затоа што ‘Гугл’ сака да биде лош, бидејќи кога мораме да правиме повеќе пребарувања, ‘Гугл’ ни покажува повеќе реклами и заработува повеќе пари.“
„Гугл“ ја одбива ваквата теза на Докторов за неговиот пребарувач, тврдејќи дека компанијата воведува промени „што ги тестирале и потврдиле дека ќе го подобрат искуството“.
„Луѓето го избираат пребарувачот затоа што обезбедува корисни, сигурни резултати за широк спектар на прашања што ги поставуваат секојдневно, па секоја година воведуваме илјадници подобрувања за да работи уште подобро“, вели Питер Шотенфелс, портпарол на „Гугл“.
Двете книги, и на Ву и на Докторов, се полни со примери: продавачи на „Амазон“ (Amazon.com Inc.) што плаќаат и до 50 отсто од својот приход за услуги поврзани со пазарот на компанијата; програмери што мораат да му платат на „Епл“ или на „Гугл“ такса од 30 отсто за да дојдат до корисниците преку продавниците за апликации; дури и нови компании, како што е „Јунити“ (Unity Software Inc.), кои се обидуваат да наметнат такси на програмерите што креирале производи користејќи го нивниот видеоенџин. Како што објаснува Докторов, повикувајќи се на концептот „технофеудализам“ (Technofeudalism) на грчкиот економист Јанис Варуфакис, овие платформи создадоа „економски систем во кој поголемиот дел од вредноста го преземаат оние што поседуваат нешто, на штета на оние што го прават тоа нешто.“
Јанис Варуфакис | Christopher Pike/Bloomberg
Темата е јасна: монополите се добри за инвеститорите, кои заработуваат многу пари, но лоши за сите други, бидејќи функционираат како данок за остатокот од економијата. Овие аргументи можеби не звучат ново во 2025 година, кога политичарите и регулаторите против монополите стекнаа големо внимание од двете страни на Атлантикот и многу технолошки гиганти мораа да се бранат од антимонополски обвиненија на суд. Но технолошките гиганти сè уште се во завидна позиција. Денес величествените седум („Алфабет“, „Амазон“, „Епл“, „Мета“, „Мајкрософт“, „Енвидикја“ и „Тесла“) сочинуваат околу една третина од вредноста на S&P 500, надминувајќи цели индустрии со својата големина и влијание врз остатокот од пазарот.
Одлуката на Мехта за мерките против пребарувањето на „Гугл“ открива нов ризик: дека креаторите на политиките ќе ја третираат вештачката интелигенција како деус екс махина, која ќе ги сруши гигантите за никој друг да не мора да го прави тоа.
Во својата одлука, Мехта зборува за „вчудовидувачкото“ количество на пари што се влеваат во развојот на ВИ-технологијата и вели дека забраната на „Гугл“ да им плаќа на други за инсталирање на неговата апликација Џеминај (Gemini AI) ќе ја стави компанијата во неповолна позиција. Компаниите за ВИ „веќе се во подобра позиција, и финансиски и технолошки, да му конкурираат на ‘Гугл’ отколку која било традиционална компанија за пребарување во последните децении“, напиша тој. Тоа обезбедува „силни причини да не се наруши системот и да им се дозволи на пазарните сили да ја завршат работата.“
Но, како што тврди Ву, пазарите не се коригираат автоматски, особено кога се вложени пари и моќ.
Иако е точно дека трката за ВИ доведе до појава на нови компании како „Опен еј-ај“, „Антропик“ (Anthropic) и „Перплексити“, меѓу оние што учествуваа во сослушувањето за мерките на „Гугл“, ниедна од тие компании не е навистина независна. „Опен еј-ај“ е делумно во сопственост и во голема мера зависна од инфраструктурата на „Мајкрософ“. И „Амазон“ и „Гугл“ инвестираа во „Антропик“. Меѓу инвеститорите на „Перплексити“ се основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и „Енвидија“. Дури и „Екс еј-ај“ (xAI), уште еден „нов“ конкурент, е финансиран од основачот на „Тесла“, Илон Маск. И, освен Маск, сите тие инвеститори се соочуваат со антимонополски тужби или истраги за нелегално доминирање во клучни сектори на економијата.
„Денешните технолошки гиганти ја гледаат ВИ повеќе како што телеграфскиот монополист го гледал телефонот на Александар Бел, како ризик што треба да се контролира“, пишува Ву. „Денешните монополисти би сакале вештачката интелигенција да остане дополнување на нивните основни бизнис-модели.“
„Гугл“ сигурно нема да остане пасивен откако судијата му даде зелено светло да продолжи да користи пари од своите монополи за да ги финансира развојот и доминацијата на своите ВИ-алатки.
Интересно е што Еди Кј, преговарачот на „Епл“ што преговарал за договорот со „Гугл“, сведочел дека компанијата сака да вклучи ВИ во своите уреди користејќи го тоа што го изградиле други, а не развивајќи нешто самата. Оваа недела „Епл“ постигна договор да ја интегрира вештачката интелигенција на „Гугл“ во својот асистент Сири. „Епл“ сака да продава ајфони и да натера други да плаќаат за пристап до неговите корисници, а не да ја наруши тековната пазарна динамика.
Водителите на поткастот „Аквајрд“ се фокусираа на овој аспект на комплементарност кога дискутираа зошто веруваат дека „Гугл“ веројатно ќе помине подобро на долг рок во однос на своите ривали во ВИ. Само „Гугл“ има предност во пристапот до нови информации благодарение на својот монопол за пребарување и Јутјуб. Има огромни компјутерски ресурси од својот основен бизнис и облачни услуги. Има способност да персонализира модели благодарение на огромните количества податоци од корисниците. И има многу, многу пари.
„Ниту една од овие ВИ-компании не остварува нето-профит, а само затоа што сега собираат огромни суми пари не значи дека тоа ќе трае засекогаш“, вели Гилберт. „Ако чешмата некогаш се затвори, ‘Гугл’ нема да има конкуренција што може да се одржи ниту во старото бизнис-пребарување, ниту во ВИ.“ А тоа е особено загрижувачки, забележува Ву, бидејќи уште не знаеме каква алатка ќе биде всушност ВИ.
„Позитивната верзија на приказната е онаа во која ВИ им помага на работниците да направат повеќе за помалку време и, теоретски, порано да си одат дома од работа и да имаат повеќе време за одмор“, вели Ву. Дали ќе ја добиеме таа верзија, во голема мера зависи од тоа кој ја гради и дали ќе биде дисциплиниран од конкуренцијата или ќе биде поттикнат од желбата да го одбрани статус квото.