text size
Работата оддома, која стана нешто сосема нормално по ковид-пандемијата што ја донесе како нужност за голем дел од вработените, долго време се промовираше како симбол на флексибилност, подобар баланс и поголема автономија. Но, искуствата на некои професионалци кои со месеци, па и со години работат од далечина, покажуваат поинаква слика: работниот ден станува подолг, границите меѓу приватното и професионалното се намалуваат, а чувството на постојана достапност станува новата норма. Анкета што ја спроведов меѓу вработени кои работат од далечина, дел од нив повеќе од една година, а некои и повеќе од три години, укажува дека првичниот ентузијазам, „супер, ќе работам од дома по пижами“ постепено се претвора во хроничен замор, психолошка напнатост и чувство дека домот се претвора во канцеларија која е постојано отворена.