Германија во Рига ја совлада Турција со 88:83, со што по вторпат стана првак на Европа и ги обедини светското и континенталното злато. Резултатот е врв на еден од најуспешните развојни циклуси во европскиот спорт. Од другата страна стои Турција, чија стратегија се потпира на клупски гиганти и државно водени проекти.
Зад финалниот резултат и блескавите играчи како Денис Шредер, Франц Вагнер или Алперен Шенгун стојат две филозофии на вложување во кошарката што денес доминираат на европските терени.
Германската кошарка влезе во циклус на забрзан раст. Сојузот минатата година забележа рекордни 274.025 регистрирани члена, што претставува двоцифрен раст во однос на претходната сезона. Системот на спортски гимназии и задолжителни јуниорски натпреварувања НББЛ (NBBL) и ЈББЛ (JBBL) го стандардизираа развојот на национално ниво. Тоа значи дека речиси секој професионален клуб има систем за развој на млади таленти, слично на инкубаторскиот модел во бизнисот, што обезбедува постојан прилив на нови играчи.
Прочитај повеќе

Зошто осигурувањето на кошаркарите е најголем ризик за репрезентациите?
Богдан Богдановиќ официјално го заврши Евробаскет 2025 поради скинат заден вкрстен лигамент. Кошаркарската асоцијација на Србија објави дека капитенот, во договор со Лос Анџелес клиперс, ќе го продолжи лекувањето во САД.
04.09.2025

НБА ја засилува европската офанзива, ангажира клучен сојузник од Волстрит
НБА-лигата е решена да реализира амбициозен проект за почнување ново големо европско кошаркарско натпреварување. Во тој потфат клучна улога ќе има „ЏП Морган“, една од најголемите глобални банки, како нов стратешки партнер на лигата.
08.08.2025

Дали конкурентноста го уби гламурот на американскиот спорт
Оклахома и Индијана донесоа нова шампионска крв, но по цена на гледаноста.
02.07.2025

Лејкерси ги уриваат сите рекорди, се продаваат за 10 милијарди долари
Семејството Бас се согласи да продаде мнозински удел на сопственикот на Лос Анџелес Доџерс и извршен директор на „Гугенхајм Партнерс ЛЛЦ“, Марк Волтер.
19.06.2025

Извршниот директор на „Арчелор Митал“ вложува милијарда долари за купување на Селтикс
Иако Чизхолм ќе остане најголем акционер, Митал ќе има значаен удел во тимот
24.05.2025
Германија: Базата како инвестициско погонско тркало (flywheel)
Од пазарен аспект, домашната лига бележи историски рекорди. Посетеноста во сезоната 2024/2025 ја надмина бројката од 2,1 милиони гледачи, со просек од речиси 5.800 по натпревар. Тоа е раст од 13 отсто во една година и сигнал до спонзорите дека кошарката веќе не е ниша, туку производ за широка публика.
Хибридната дистрибуција – сите натпревари на стриминг-платформата „Дајн“ (Dyn), а повремено и на канали со бесплатен пристап – создава двоен ефект: овозможува стабилна претплата и истовремено поширока гледаност.
Инвестициите во инфраструктура дополнително го креваат плафонот. Отворањето на „САП Гарден“ (SAP Garden) во Минхен (11.500 места) минатата есен го претвори Баерн во клуб компатибилен со Евролигата и корпоративниот пазар. Распродадените натпревари и растот на ВИП-продажбата покажуваат како новата арена функционира како мотор за приходи.
Берлин, пак, изгради репутација на пионер преку програмата „Алба махт шуле“ (ALBA macht Schule), која го поврзува клубот со десетици основни училишта и го претвора физичкото образование во канал за регрутација.
Турција: Силата на капиталот и централизираниот кампус
Турскиот модел е спротивен, фокусиран на врвот на пирамидата. Анадолу Ефес и Фенербахче последната деценија се држат високо на мапата на Евролигата, со буџети што надминуваат 30 милиони евра. Фенербахче годинава отиде чекор понатаму – титулата шампион на Евролигата 2025 потврди дека Истанбул останува премиум пазар, не само во фудбалот туку и во кошарката.
Во меѓувреме, државата изгради „Баскетбол гелишим меркези“ (Basketbol Gelişim Merkezi) во Истанбул – централен кампус со главна арена од 10.000 места и сопствена спортска гимназија. Проектот вреден над една милијарда турски лири го води државната агенција ТОКИ (TOKİ) и му дава на сојузот алат за централизирана обука. Наместо мрежа на помали програми, Турција има еден центар што ги насочува изборот на играчи, тренинзите и едукацијата на тренерите.
На медиумски план, Турската кошаркарска федерација (ТБФ) го продолжи четиригодишниот договор со „Беин спортс“ (beIN Sports) за домашната лига. Договорот гарантира стабилни приходи и меѓународна дистрибуција, но и потврдува дека лигата останува врзана за моделот на платена телевизија.
Програмите за работа со млади како „12 Дев Адам баскетбол окулари“ (12 Dev Adam Basketbol Okulları) се обидуваат да ја прошират базата, но бројот на регистрирани играчи и понатаму е помал од германскиот – околу 96.000 во 2023 година.
Финале како судир на стратегии
Евробаскетот покажа дека двете стратегии можат да водат до врвот. Германија стигна до финалето потпирајќи се на длабочината на составот и континуитетот во работата, додека Турција играше на силата на индивидуалниот талент и искуството на своите евролигашки ѕвезди. Германија се шири – колку повеќе деца влегуваат во системот толку повеќе се полнат салите и расте домашниот производ. Турција, пак, врвниот квалитет го капитализира – неколку големи бренда во Истанбул создаваат глобален опфат и трофеи.
Германскиот модел се темели на растот на домашната лига и стабилното погонско тркало: регистрациите, посетеноста, инфраструктурата и спонзорствата се дополнуваат едни со други. Главниот ризик е одливот на таленти кон НБА, Евролигата и, од неодамна, американските универзитети. Но растечката комерцијална основа отвора можност барем некои од ѕвездите да останат подолго во ББЛ.
Турција, пак, се соочува со поинаков проблем – ризик од концентрација. Ако Фенербахче или Ефес забават, поради финансиски причини или промени во сопственичките приоритети, целата лига може да изгуби на вредност. Централизираниот кампус во Истанбул го ублажува тој ризик, но не може да ја замени пошироката база на регистрирани играчи.
По Рига, Германија е во позиција домашната лига да ја претвори во стабилен бизнис-производ, додека Турција има шанса новиот кампус да го претвори во фабрика за развој на таленти (pipeline factory) и на тој начин да ја намали зависноста од двата истанбулски клуба. На крајот, двата модела покажуваат дека кошарката во Европа станува инвестициски сегмент вреден за внимание – прашање е само дали следниот циклус ќе донесе поголема предност за широчината на базата или за силата на врвот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...