Корпорацијата „Мајкрософт“ (Microsoft) воведе нов софтвер и компјутери исполнети со карактеристики на вештачка интелигенција - засилувајќи ги своите напори да ги надмине „Гугл“ (Google) на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) и „Епл“ (Apple Inc.) во овој сегмент.
Новата категорија на компјутери фокусирани на вештачка интелигенција ќе се вика Копилот+ПЦ (Copilot+PC), изјави главниот извршен директор Сатја Надела на настанот во понеделникот во кампусот на „Мајкрософт“ во Редмонд, Вашингтон. Машините од линијата „Сурфејс“ (Surface) на „Мајкрософт“ и производствените партнери ќе понудат поголема моќност и ќе бидат 58 отсто побрзи од врвниот „мекбук ер М3“ (MacBook Air M3) на „Епл“, соопштија од компанијата, делумно благодарение на специјалниот чип, кој е посветен на процесирање со вештачка интелигенција. Новите машини ќе стартуваат од 1.000 долари.
„Мајкрософт“ исто така посочи дека ГПТ-4о (GPT-4o) на „Опен еј-ај“ (OpenAI), ажурирана верзија на претходникот ГПТ-4 (GPT-4), која е подобар во управување со текст, аудио и слики во реално време, наскоро ќе биде вграден во асистентот на компанијата Копилот еј-ај (Copilot AI). „Мајкрософт“ ја демонстрираше функцијата наречена „рикол“ (Recall), која е дизајнирана да им помогне на корисниците да најдат потиснат таб, датотека, е-пошта или чет врз основа на говорни инструкции. Тоа ќе биде како „фотографска меморија“, рече Јусуф Мехди, главен маркетинг-директор за потрошувачи на „Мајкрософт“.
„Мајкрософт“ има цел да покаже дека генеративната вештачка интелигенција ќе го револуционизира компјутерот за редовните потрошувачи, а не само за корпоративните клиенти во облак. Иако компанијата рано вгради вештачка интелигенција во својот пребарувач Бинг (Bing), Надела изрази фрустрација што „Мајкрософт“ не лансира привлечни производи за широка потрошувачка побрзо, објави претходно „Блумберг“ (Bloomberg). За да помогне да се поправи ситуацијата, во март тој го ангажира соосновачот на „Дип мајнд“ (DeepMind) Мустафа Сулејман да ги надгледува чекорите кон вештачка интелигенција за потрошувачите.
„Целта отсекогаш била како да изградиме компјутери што нè разбираат, наместо ние да мораме да ги разбираме компјутерите и се чувствувам како навистина да сме блиску до тој голем пробив“, рече Надела.
Функцијата рикол се потпира на неколку јазични модели вградени во Виндоус (Windows) и може да преведе каква било видеосодржина на англиски од 40 јазици во реално време. Бидејќи е дел од оперативниот систем, функцијата работи на која било апликација за конференции или забава. Компанијата исто така додава нов софтвер на вештачка интелигенција што користи повеќе од 40 модели што можат да се справат со различни текстуални, визуелни и аудиоанализи.