Кога „Опен еј-ај“ (OpenAI) го лансираше својот ЧетГПТ (ChatGPT) четбот во 2022 година, изгледаше дека новата генерација на алатки за вештачка интелигенција (ВИ) ќе ја трансформира секоја сфера од економијата и животите на луѓето. Гледајќи од аспект на 2024 година, функциите на вештачката интелигенција се додадени во безброј услуги, но влијанието не е толку драматично.
Вештачката интелигенција не создаде живописни нови професии. Ниту пак, досега не уништи целосно некоја индустрија. Сè повеќе високо профилирани и добро финансирани стартапи се откажуваат од трката за развој на врвни модели на вештачка интелигенција. Некои од водечките развивачи на вештачка интелигенција исто така почнуваат да забележуваат намалени приноси од своите скапи напори да изградат напредни системи што значително можат да ги надминат претходните верзии.
Сепак, сè уште е рано, а компаниите се обложуваат на нови пристапи за да ја поттикнат технологијата напред. Во септември, „Опен еј-ај“ поддржан од „Мајкрософт“ (Microsoft) започна да воведува ажуриран модел кој компанијата го опиша како способен да се вклучи во размислување слично на човечкото за решавање на поприлично комплексни прашања од корисниците, вклучувајќи решавање на комплицирани математички и програмерски проблеми. Генералниот директор на „Опен еј-ај“, Сем Алтман, го нарече тоа „почеток на нова парадигма“. „Алфабет“ (Alphabet) во чија сопственост е „Гугл“ (Google) работи на слични способности за своите производи.
Прочитај повеќе
Бевме на „прошетка“ со четбот: Што значат термините поврзани со ВИ
Потребно е да се познава терминологијата за да се снајдеме во светот управуван од вештачка интелигенција.
11.11.2024
Како „роботите“ им помагаат на македонските претприемачи и менаџери?
Програмери, адвокати, брокери од Македонија... објаснија за „Блумберг Адрија“ како секојдневно користат ВИ-алатки.
01.11.2024
Таткото на вештачката интелигенција меѓу добитниците на Нобеловата награда
Еден од највлијателните академици во областа на вештачката интелигенција, Џефри Е. Хинтон, е награден со Нобеловата награда за физика.
08.10.2024
Професор од МИТ: Вештачката интелигенција ќе замени само 5 отсто од работните места
Иако вештачката интелигенција ветува многу, Дарон Аџемоглу вели дека е малку веројатно таа да ги исполни тие очекувања.
03.10.2024
Влијанието на ВИ врз економијата само што започна, вели директорка во „Опен еј-ај“
Најновиот модел ГПТ-4о на „Опен еј-ај“ им помага на корисниците да генерираат содржини како текст, презентации и видеа.
30.05.2024
„Опен еј-ај“ претстави нов модел на ВИ со способност за расудување
„Опен еј-ај“ пушта нов модел на вештачка интелигенција, познат внатрешно како „јагода“ (Strawberry).
13.09.2024
Концептот на размислување е тежок за дефинирање и мерење, но целта на технолошките компании е јасна: Тие се обидуваат да докажат дека алатките за вештачка интелигенција можат да функционираат како софистицирани „копилоти“ и „агенти“, способни да помагаат на луѓето со лични и професионални задачи. Со тоа, тие се надеваат да го зајакнат долгорочниот потенцијал на вештачката интелигенција.
Што е генеративна вештачка интелигенција?
Тоа е тип на софтвер кој може да извршува сложени задачи како пишување приказна или создавање слика како одговор на едноставни текстуални упатства. За време на обуката, овие системи добиваат огромни количини информации (на пример, секоја книга што е слободно достапна на интернет) и се учат како да ја користат таа податочна база за да создадат нешто ново, како на пример, реклама за нов роман.
Системите го применуваат она што го научиле од таквите обиди во идните задачи и нивните одговори стануваат сè пософистицирани и нијансирани. Резултатите се уникатни и – во еден смисол – оригинални, но се сепак сложена форма на имитација.
Зошто толкава возбуда?
Способноста на генеративната вештачка интелигенција брзо да усвои нови вештини и да ги извршува со висока брзина значи дека може да помогне во сите видови работи што сега ги прават луѓето, како што се нацрт правни договори или откривање софтверски грешки. Компаниите од „Форчун 500“ (Fortune 500) сега користат верзии на четботови од „Опен еј-ај“ и неговите конкуренти за сумирање документи, забрзување на задачи за кодирање и пишување е-пошта. „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) посочи дека генеративната вештачка интелигенција може да преземе дури една четвртина од работата што сега ја вршат луѓето. Аналитичарите од УБС (UBS Group AG) сметаат дека пазарот за оваа технологија лесно може да ја надмине вредноста од 1 трилион долари.
Како се развива генеративната вештачка интелигенција?
Многу од вниманието во 2022 година беше насочено кон ВИ системите кои можат да генерираат текст и слики. Денес постојат независни ВИ услуги кои можат да клонираат нечиј глас, да создадат песна за неколку секунди или да направат кратки видеа. Сè повеќе, компаниите за вештачка интелигенција се фокусираат на „мултимодални“ системи кои можат да обработуваат и одговараат на различни видови на влезни содржини, вклучувајќи текст, слики и аудио.
На пример, изнервиран родител може да покаже слика од математичка задача на четбот и да побара објаснување за тоа како да ја реши. Демис Хасабис, извршен директор на „Дип мајнд“ DeepMind (ВИ лабораторијата на „Гугл“), прикажа прототип на ВИ асистент кој може да одговара на влезни видео содржини во реално време. Генеративната вештачка интелигенција исто така се интегрира во популарни производи. „Гугл“ ја додаде во својот основен пребарувач. „Епл“ (Apple) исто така донесе пакет на ВИ алатки за ајфон во октомври.
Во исто време, технолошките компании инвестираат во т.н. агенти кои можат да резервираат патувања, пишуваат кодови и обработуваат други задачи за корисниците со минимален човечка надзор. „Мајкрософт“ лансираше сет на алатки за агенти кои се дизајнирани да испраќаат е-пошта и да управуваат со записи за работниците. „Антропик“ (Anthropic) создаде агенти кои можат да обработуваат што се случува на компјутерот на корисникот во реално време и да преземаат дејства во негово име. А „Опен еј-ај“ планира да објави сличен софтвер почетокот на следната година.
„Ќе имаме подобри и подобри модели“, напиша извршниот директор Сем Алтман, во објава за време на сесијата Ask Me Anything на Редит во октомври. „Но, мислам дека она што ќе изгледа како следен голем пробив ќе бидат агентите.“
Што значи вештачката интелигенција да размислува?
Во текот на последните две години, корисниците на ЧетГПТ се навикнаа на брзи одговори од четботот – некои точни, а некои не толку многу – на широк спектар на упатства. Но, новиот модел 01 на „Опен еј-ај“ ќе се однесува малку поинаку. Пред да одговори, новиот софтвер ќе направи кратка пауза, додека, зад сцената и невидливо за корисникот, ќе разгледа неколку поврзани можности и потоа ќе ја сумира најдобрата верзија во одговор. Оваа техника понекогаш се нарекува „ланец на размислување“.
Во блог пост, „Опен еј-ај“ го нарече ова „размислување“. Во тестовите на „Опен еј-ај“, овој пристап не направил голема разлика за прашања поврзани со пишување и уредување на текстови, но упатените сметаат дека резултира во подобри одговори за сложени прашања поврзани со компјутерско програмирање, анализа на податоци и математички проблеми.
„Следното ажурирање на моделот има слични перформанси како упатени студенти во физика, хемија и биологија. Откривме и дека се истакнува во математиката и кодирање“, посочи компанијата. „За комплексните задачи за размислување, ова е значаен напредок и претставува ново ниво на способност на вештачка интелигенција.“
Каков е потенцијалниот економски ефект на генеративната вештачка интелигенција?
Тоа останува нејасно. Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, рече дека генеративната вештачка интелигенција може да го зголеми растот на продуктивноста, но „веројатно не во краток рок“. Некои економисти предвидуваат скок во продуктивноста што ќе предизвика зголемување на платите, што ќе помогне на работниците да го вратат дел од заработувачкиот потенцијал што го изгубиле по глобалната финансиска криза од 2008 година.
Истражување на научници од Универзитетот Стенфорд и Институтот за технологија во Масачусетс покажа дека вработените во една „Форчун 500“ софтверска компанија станале 14 отсто попродуктивни во просек кога користеле генеративни ВИ алатки. Најниско квалификуваните работници станале 35 отсто побрзи. Она што не е јасно е ефектот врз нивните поскапо платени колеги, чии што скапи вештини можеби веќе не се потребни.
Во оптимистичко сценарио, квалификуваните вработени чии работни места се автоматизираат, ќе најдат нова работа во растечките области што ги создава генеративната вештачка интелигенција. Меѓутоа, првичните знаци укажуваат на болен период на потреси. ИБМ (International Business Machines Corp.) планира да го запре или забави вработувањето на илјадници работни позиции за кои очекува да бидат заменети со ВИ. Шведската компанија „Кларна“ (Klarna Inc.), која нуди услуги „купи сега, плати подоцна“, соопшти дека ќе ги замрзне новите вработувања бидејќи ЧетГПТ го скратил времето што е потребно за некои задачи. А компанијата за учење на јазици „Дуолинго“ (Duolingo Inc.) реши да не ги обнови договорите на околу 10 отсто од своите работници, делумно поради ВИ.
Кои се ограничувањата на генеративната вештачка интелигенција?
Одговорите што ги собира од достапните објавени информации може да звучат толку уверливо што корисниците може да претпостават дека тие се потврдени за точност. Овие одговори често немаат важен контекст, како што е изворот на информациите, па содржината може да биде опасна за некого што не е доволно запознаен со темата и не може да забележи дека одговорот е пристрасен, погрешен или едноставно неточен.
Четботовите во континуитет прават грешки кога се прашани за вести поврзани со актуелни настани. Генеративните ВИ системи исто така ја зголемуваат штетната пристрасност и стереотипи присутни во податоците на кои се базираат – значаен проблем бидејќи технологијата сè повеќе се применува во чувствителни области како што се вработувањето и здравството. Компаниите за ВИ се соочуваат со проблеми при решавање на пристрасноста: „Гугл“, на пример, се обиде технички да го реши овој проблем за да го направи својот генератор на слики поразновиден, но тоа резултираше со тоа што алатката престана да генерира слики на бели луѓе.
Што значи генеративната вештачка интелигенција за општеството?
Како што овие алатки стануваат пософистицирани, така и потенцијалот за штети се зголемува.
Некои ВИ платформи беа отстранети или прилагодени за да не повторуваат говор на омраза, а ЧетГПТ им дозволува на корисниците да означат непријатни одговори за да го подобрат системот. Но, корисниците нашле начини да ги заобиколат овие ограничувања. ВИ можеби нема да забележи родови или расни пристрасности кои би биле забележани од човек во книги и други текстови.
Технологијата е и потенцијално оружје за измама. На пример, едно дипфејк аудио на Џо Бајден било искористено за да ги повика луѓето во Њу Хемпшир да не гласаат на претседателските избори во САД. Руски хакери користеле дипфејк видео на Камала Харис за да се обидат да влијаат на јавното мислење пред изборите во САД, според истражувачи. Наставниците се загрижени дека учениците ќе ги користат четботовите да ги решаваат нивните домашни задачи. Лоби фирми би можеле да користат ВИ за да создадат илјадници различни писма кои наводно доаѓаат од граѓаните за да влијаат на одлуките на законодавците.
Во отворено писмо објавено во март 2023 година, 1.000 технолози и истражувачи побараа пауза во развојот на ВИ за да се дозволи повеќе време за проценка на „длабоките ризици за општеството и човештвото“. Наместо тоа, технологијата продолжува да напредува.