Инфлацијата во февруари е 16,7 отсто, храната и натаму поскапува
Стапката на инфлација во Македонија во февруари изнесува 16,7 проценти, што е благо намалување во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 17,1 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Но кога станува збор за храната, намалување на цените има само кај неколку ставки: кај маслото за 1,1 отсто, овошјето за 0,8 проценти, млекото за 0,4 проценти и рибата и морските плодови за 0,2 отсто. Цените на сите други прехранбени производи и натаму растат.
Високите цени на енергентите лани беа двигатели на инфлацијата и ја покачија на највисоки нивоа во последните 40 години. Сега познавачите стравуваат дека работите ќе тргнат во спротивна насока. Падот на цените на енергијата може да ги поттикне потрошувачите да трошат повеќе на други работи, што потенцијално ќе ја поттикне инфлацијата во другите делови на економијата.
„Блумберг Адрија“ анализираше дали ниските цени на енергентите може да ја поттикнат потрошувачката до ниво што ќе влијае на натамошен раст на цените и инфлацијата.
ЕУ во април започнува заедничка набавка на гас
Следниот месец Европската Унија (ЕУ) планира да ги преземе првите заеднички чекори за купување гас, што би требало да помогне во намалувањето на цените на енергијата.
Заедничката набавка на гас е нова алатка на ЕУ, која има цел да го ограничи растот на трошоците за енергија. Иако цената на гасот е значително намалена во споредба со август минатата година, трошоците за енергија сè уште ја поттикнуваат инфлацијата и влијаат на конкурентноста на компаниите од ЕУ во споредба со тие од САД и Кина.
Пауел: ФЕД е подготвен за повисоки камати од очекуваното
Претседателот на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел, рече дека ФЕД веројатно ќе ги подигне каматните стапки повисоко отколку што се мислеше и дека по неодамнешната низа на жешки податоци за работните места во САД, како и тие за инфлацијата, се подготвени да го забрзаат темпото на зголемувања доколку е потребно.
Претставниците на ФЕД се обидуваат да ја оладат инфлацијата без да предизвикаат рецесија што ја зголемува невработеноста, а својата агресивна кампања за подигнување на референтната стапка на заеми ја почнаа уште пред една година, достигнувајќи сега опсег меѓу 4,5 и 4,75 проценти. И покрај тоа, американската економија досега покажа извонредна издржливост.
На берзите...
Вчерашниот говор на Пауел, претседателот на ФЕД, со кој остави отворен пат за повеќе зголемувања и повисоки камати од очекуваното за да се скроти инфлацијата, резултира со пад на индексите на светските берзи. Индексот S&P 500 загуби 1,5 процент, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 падна за 1,2 процент. Негативниот тренд продолжува и утрово во рамките на тргувањето на азиските пазари. Во Кина и Јапонија главните индекси се намалија за 0,3 проценти, а во Хонгконг падот е дури 2,4 отсто. Европскиот индекс Euro Stoxx 50 најдобро се држи, со негатива од само 0,1 отсто. Вредноста на еврото падна за 0,2 отсто во однос на американскиот долар и чини 1,0533 долар.
На другите пазари, нафтата вчера нагло падна, а утрово дејствува стабилна. ВТИ по вчерашниот пад од 3,6 отсто, сега се тргува по цена од 77,66 долари за барел, а нафтата брент, која вчера загуби 3,4 проценти од вредноста, утрово порасна за 0,3 отсто и во моментов се тргува по цена од 83,54 долари за барел.
Главните криптовалути, пак, пораснаа. Биткоинот доби 0,3 отсто и чини 22.132,5 долари, а етерот се зголеми за 0,7 проценти, на 1.561,94 долари.
Денеска читајте...
Само Македонија од регионот Адрија има пад во индустријата лани. Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ го оценува индустриското производство во Македонија како „и натаму болно“.
Ги анализираме и финансиските извештаи што деновиве ги објавија компаниите од повеќе индустриски сектори. Кризата удри по сите сектори во земјава. Читајте за македонската индустриска сага.