„Епл“ е на чекор да испише историја со вредноста на компанијата, која во моментов изнесува речиси три илјади милијарди долари, бидејќи акциите на технолошкиот гигант годинава пораснаа за 35 проценти. Но не е секаде розово. „Нетфликс“ се бори со споделувањето кориснички пристапи. „Боинг“ алармира на проблеми со синџирот за снабдување во авиоиндустријата, кои ќе траат уште неколку години.
Еве ги вестите што треба да ги знаете ова утро:
* Третина од корисниците добиваат вода без договор
Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатирал дека од вкупно 295.750 корисници на вода, ЈП „Водовод и канализација“-Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 89.634 корисници или со 30 проценти од нив. Најголемиот дел од нив се домаќинства. Според ДЗР, тоа може да предизвика отежната наплата.
Дури 60 проценти од водата се водат како загуби, а скопски „Водовод“ должи кон државниот буџет околу три милиони евра за надоместоци за користење и испуштање во води.
* „Атлантик група“ го купува сопственикот на „Донкафе“
За 40,5 милиони евра „Атлантик група“ ќе ја купи „Штраус Адријатик“, компанијата во чија сопственост се брендовите на кафе „Донкафе“ и „Ц кафе“, кои преку аквизицијата би им се придружиле на регионалните лидери „Гранд кафе“ и „Баркафе“.
Се очекува склучувањето на трансакцијата да биде одобрено од Комисијата за заштита на конкуренцијата во Србија.
„Атлантик група“ има намера значително да инвестира во развојот на бизнисот со кафе во малопродажбата и сегментот ХоРеКа.
* Проблеми поради вештачката интелигенција
Лажна фотографија од експлозија во близината на Пентагон широко се распространи на социјалните мрежи, што накратко ги турна акциите во САД. Ова е веројатно првиот пример на слика генерирана од вештачка интелигенција што го размрда пазарот.
На лажната фотографија, која првпат се појави на Фејсбук, се гледа голем облак од чад за кој корисник на платформата тврдел дека е во близината на седиштето на американската војска во Вирџинија.
Дежурни офицери во Пентагон брзо ја демантираа веста.
* Роботи работници
Компанијата „Роботајр“ од Плимут, Мичиген, развила систем со два робота од „Кавасаки“ што можат да променат четири автомобилски гуми за 18 минути со притискање само едно копче. На едно лице би му било потребно речиси двојно повеќе време за да ја заврши истата работа.
„Роботите може да ги намалат трошоците за работна сила дури за 40 отсто, што би значело дека три роботи во работилница за гуми ќе ја вршат истата работа како петмина вработени“, велат од компанијата.
* Следиме...
Очекуваме податоци за деловната клима во Германија, најголемата европска економија, а ФЕД ќе ги објави записниците од последниот состанок на кој ги покачи каматните стапки за четвртина процент и најави дека можеби чекорот е последен во најагресивната кампања за заострување на монетарната политика во САД од 1980-тите години.