Од идната недела повторно се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи. Европската централна банка уште еднаш ја зголеми каматата. Вредноста на акциите на италијанските банки не може да се стабилизира по најавата за данок на екстра-профит за нив. Има ли простор за ваков данок кај нас и како порасна продуктивноста на македонските банки се само дел од нештата што треба да ги знаете денеска.
Добро утро, ова се петте вести без кои не треба да го почнете денот.
ЕЦБ ги зголеми стапките по десетти пат
Европската централна банка (ЕЦБ) повторно ги зголеми каматните стапки, дејствувајќи по 10-ти последователен пат за да ја задуши инфлацијата во сè послабата економија на еврозоната.
Во најфино избалансираната одлука откако почнаа да ги покачуваат трошоците за задолжување минатата година, официјалните лица ја зголемија стапката на депозити за 25 базични поени, на рекордни 4 отсто, и рекоа дека новото ниво на затегнување ќе даде „значителен придонес“ за ставање на инфлацијата под контрола.
Изјава на Мелони одново ги покоси акциите на италијанските банки
Цените на акциите на италијанските банки паднаа во четвртокот и имаа најлошо остварување од сите акции од индексот STOXX Europe 600 Banks. Падот дојде откако премиерката Џорџа Мелони рече дека (без оглед на регулаторните промени) и натаму очекува данокот за екстра-профит на банките сепак да донесе прилив од речиси три милијарди евра.
Пораките испратени од Мелони во средата „треба да ги променат движењата на пазарот на акции на банките, со можен дополнителен пад на цените на акциите“, напишаа во четвртокот аналитичарите на „Медиобанка“ (Mediobanca SpA).
Повеќе земји воведуваат данок на банки - ќе има ли и кај нас?
Идејата за екстра даночење на банките се шири низ Европа. По Италија, ваков данок најавија и Чешка, Шпанија, Унгарија и Литванија. Идејата станува реалност и во регионот Адрија откако словенечкиот премиер Роберт Голоб минатата недела најави даночење на екстра-профитите на банките во тек на пет години.
Според последниот извештај на Народната банка (НБРМ) за банкарскиот сектор, вкупниот профит на 13-те банки во првите шест месеци од годинава изнесува 121 милион евра. Во истиот период лани профитот стигнал до 89,2 милиони евра или 31,8 милион евра помалку. Приходите од камати во истиот период годинава се зголемиле за 57,7 милиони евра во однос на првата половина од 2022 година. Лани изнесувале 132,6 милиони евра, годинава надминаа 190 милиони.
Помалку експозитури, поголема продуктивност кај македонските банки
Континуирано намалување на бројот на деловни единици во банкарската мрежа во Македонија има во изминатиов период, кој лани се сведе на 382 филијали, експозитури и седишта, што е најниско ниво досега. Според податоците на Народната банка, бројот на деловни единици лани е намален за шест единици, а ваквата промена е рамномерна во сите плански региони во земјата.
„Најголемиот дел од вкупниот број деловни единици (околу 43,7 проценти) се наоѓа во Скопскиот Регион, каде што физичкиот пристап до банкарските услуги е најлесен, додека најтежок пристап до банкарските услуги е забележан во Полошкиот Регион“, се наведува во последниот извештај за ризиците во банкарскиот систем на НБРМ.
Следната недела се замрзнува цената на 50 основни прехранбени производи
Цените на над 50 основни прехранбени производи ќе се намалат за минимум десет отсто од наредната среда, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши, по средбата со претставници на осум синџири на маркети, на која присуствуваа директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, и претставници на Стопанската комора. Од производите што ќе подлежат на намалување на цените, 90 проценти се даночат со пет отсто ДДВ, а другите со десет отсто ДДВ.
„Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Тоа како општествено одговорни претпријатија го прифатија и синџирите на супермаркети, што значи дека ќе биде усвоена одлуката на Министерството за економија на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети“, изјави Бектеши.