Автомобилите на „Гугл стрит вју“ (Google Street View) оваа пролет се враќаат во Македонија. Во наредниот период ќе се движат по јавните патишта низ државата, вклучувајќи ги Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Охрид и Струмица. Целта на ова возење е да се ажурираат фотографиите на „Гугл стрит вју“ од градовите, патиштата и автопатиштата во Северна Македонија на „Гул мапс“.
„Бидејќи инфраструктурата во градовите и меѓу нив се развива со текот на времето, неопходно е редовно ажурирање. Новите фотографии ќе им помогнат на корисниците да се движат поефикасно и да ги планираат своите патувања со поголема леснотија“, се наведува во соопштението.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Силен пад на нафтата на берзите, благо намалување на бензинските
Поевтинувањето на нафтата на светските берзи драстично не влијаеше на малопродажните цени ниту кај нас, ниту во земјите од регионот, а причината и во двата случаја е иста – давачките кон државата.
Набавната цена на деривати, според вчерашната пресметка на Регулатроната комисија изнесува 30,6 денари за литар БС 95, 32,4 денари за литар БС 98 и 31,5 денари за литар дизел.
Крајната цена е повеќе од двојно повисока, а се добива кога на набавната ќе се додадат фиксните давачки од кои највисока е акцизата, и на крај данокот на додадена вредност од 18 отсто.
Жешки цени на суровото какао во светот, во Македонија - замрзнати
Главниот аналитичар на „Блумберг Адрија“, Михаел Блажековиќ, потврдува дека цената на какаото покажува исклучителна нестабилност во последните месеци, честопати со дневни движења што надминуваат пет отсто.
Силниот раст на цената на суровината не се преслика на македонскиот пазар. Податоците покажуваат дека инфлацијата кај чоколадата во Србија надмина 40 отсто, во Хрватска стигна до 30 отсто, а во земјава 11 отсто.
Колку во земјава ќе се почувствува нестабилноста на цената на суровините ќе се види по завршувањето на овој месец, до кога важат владините мерки за замрзнување на цените за основните и за ограничување на маржите на дел од другите производи.
Како да инвестирате во злато
Инвестирањето во метал, дури и сјаен и гламурозен, не е без ризик. Додека цената на златото обично е одвоена од акциите или обврзниците - делумно во тоа се крие неговата привлечност - нестабилноста е присутна.
Дали треба да се обидете да инвестирате во најновиот златен бум?
Прво, разберете ги вашите опции и како би можеле да постапите за влез на пазарот. За оние што се љубопитни за златните прачки, физичките купувачи треба да обрнат внимание на квалитетот и трошоците за складирање. Пазарните купувачи, од друга страна, би било добро да запомнат дека иако златото може да биде сигурна стока, фондовите со кои се тргува на берза не се имуни на економските ветрови.
Производителите на сок од портокал се очајни за нов рецепт за успех
Кога сокот од портокал се појави на американскиот пазар, тој стана еден од најпопуларните производи благодарение на неговиот сладок вкус. Денес проблемот е токму во тоа што содржи шеќер.
Во време кога препораките за исхрана постојано се менуваат – во еден момент „јадете протеини!“, а во друг „ослободете се од црвената прехранбена боја!“, секој вид на храна може да излезе од мода. Сепак, оживувањето на популарноста на сокот од портокал е многу потешко.
Дури и ако индустријата успее во напорите да ја стимулира побарувачката со воведување нови производи, освежување на нејзиниот имиџ и користење онлајн маркетинг трикови, друг сериозен проблем чека разврска, а тоа е пред сè снабдувањето со доволни количества портокал.
Дорси и Маск: Да ја укинеме заштитата на интелектуалната сопственост
Кога Џек Дорси, поранешниот извршен директор на „Твитер“ (Twitter) и основач на финтек гигантот „Блок“ (Block), напиша „избришете ги сите закони за интелектуална сопственост“ на платформата X, тоа изгледаше како уште една ексцентрична провокација од Силициумската долина.
Но кога Илон Маск, сопственикот на таа платформа, првиот човек на „Тесла“ (Tesla), „Спејс екс“ (SpaceX), а во последните месеци и политички актер, јавно одговори „Се согласувам“, стана јасно дека не се работи само за техно-театар. Во заднината на оваа размена се крие подлабок идеолошки судир за тоа кој треба да има контрола врз иднината на знаењето, иновациите и креативноста – поединци, корпорации или држави.