Марко Лазања вчера се врати во Загреб откако заврши како второпласиран на овогодишниот Евросонг кој викендов се одржа во Шведска. Хрватите, и покрај гласањето на публиката, ја изгубија можноста да го организираат настанот догодина поради гласовите на жирито, но сепак можноста за заработка останува.
Добро утро, ова се другите пет вести кои се важни за почеток на овој ден.
Елдорадото од фотонапонски централи може скапо да го платиме
Македонија е на прагот на стане енергетски независна држава, напиша претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во предговорот на годишниот извештај на РКЕ за 2023 година. По повеќе од 30 години независност, лани за првпат земјава од сопствено производство задоволила 97,25 отсто од потребите за струја. Увозот бил сведен на 2,75 отсто.
Зголеменото домашно производство на струја се должи пред сè на инвестициите во обновливи извори. Во 2023 година, земјава располагала со 1.155 електроцентрали, од кои 1.147 се од обновливи извори на енергија.
Ќе се подготви ли Македонија навреме за енергетското поврзување со ЕУ?
Преку Унгарија, српскиот пазар на електрична енергија ќе се интегрира со европскиот до крајот на 2026 година. Српските власти уверуваат дека и покрај отворените прашања, целиот процес ќе заврши навреме и српската енергетика пред земјата ќе стане дел од Европската Унија.
Во целиот процес на интеграција на Србија со европскиот пазар на електрична енергија помага и спојувањето на Унгарската берза за струја Хупекс со Адекс – првата регионална берза на електрична енергија во Централна и Југоисточна Европа, која во 2022 година ја формираа Србија и Словенија. Поврзувањето на Хупекс со Адекс треба да се случи во втората половина од годинава.
„Политико“: Македонската претседателка предизвика контроверзии на инаугурацијата
Бриселскиот портал „Политико“ во осврт за вчерашната инаугурација на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова коментира дека уште на самиот свечен чин во Собранието со неупотребата на уставното име таа предизвикала расправија со соседна Грција и многубројни реакции од Атина.
„Новоизбраната националистичка претседателка на Северна Македонија уште пред да положи заклетва во неделата предизвика дипломатска расправија со соседна Грција“, наведува „Политико“.
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и во согласност со европските вредности и начела, информираа вчера од кабинетот на претседателката, по низата критики од соседна Грција и од меѓународната јавност во однос на нејзината свечена изјава во Собранието.
В петок почнува продажбата на кинеските обврзници вредни 138 милијарди долари
Кина ќе започне со продажба на првата транша од еден трилион јуани (138 милијарди долари) долгорочни специјални државни обврзници оваа недела, бидејќи властите ги засилуваат напорите да ја поддржат втората светската економија.
Централната влада в петок ќе почне со издавање на 40 милијарди јуани 30 – годишни обврзници и е ова прва од серијата продажби кои се планирани за оваа година, се вели во соопштението на Министерството за финансии. Тоа стави крај на повеќемесечните шпекулации за тоа кога обврзниците – четврти од ваков вид во 26 години – ќе бидат пуштени во продажба, откако беше објавен широкиот план во март.
ЕУ подготвува нови санкции за Русија кои се однесуваат на гасот
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Европа и нејзините сојузници бараат начини да ги ограничат приходите кои Москва ги остварува од фосилните горива без да наметнуваат повисоки трошоци за енергија на сопствените граѓани. Најновиот план е забрана за користење на пристаништата на Европската унија за реекспорт на течен природен гас.
Рускиот производител „Новатек“ се потпира на постојки во ЕУ за пренос на гориво од Арктикот. Иако затворањето на пристапот за компанијата нема да спречи товарот да стигне до Европа – каде што увозот на ЛНГ од Русија всушност се зголеми по војната – ќе го отежне нивното испраќање понатаму, во трети земји во Азија, што потенцијално ќе ги налути клучните купувачи како Кина или Индија.