text size
Структурните проблеми во млекарството ќе бидат се’ повидливи во наредниот период, што ќе доведе до натамошно поскапување на млекото и млечните производи во околности кога инфлацијата е веќе значајно изразена, утврди аналитичкиот тим на Блумберг Адриа. Во оваа анализа ги следиме трендовите во млечната индустрија во регионот, состојбите и идните очекувања. Трендот на изразен недостиг на млеко прво се почувствува во Србија, каде што потрошувачите веќе со месеци се соочуваат со празни полици и со високи цени. Ја анализираме работата на најголемите млекарници во овој регион, а компаниите кои што се предмет на анализата се одбрани според пазарниот удел, присутноста на нивните производи на полиците и вкупната пазарна релевантност. Земени се предвид и големи и мали производители за да се добие подобра слика и проценка на пазарната динамика и подлабоко да се навлезе во предизвиците и проблемите со кои што се соочуваат компаниите од млечната индустрија. Големите производители на млеко, како што се „Имлек“, „Дукат“ и „Љубљанска млекара“, бележат стабилен раст. „Имлек“ е регионална компанија која работи во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Минатата година продале производи во вредност од речиси 200 милиони евра, што е за 20 милиони евра повеќе од „Љубљанска млекара“. Во однос на продажбата, поголем е само хрватскиот Дукат, кој лани остварил речиси 247 милиони евра приход од продажба.