„Опен еј-ај“ (OpenAI) го подготвува својот прв хардверски производ - пренослив паметен звучник без екран, кој компанијата го замислува како нов вид домашен компјутер во ерата на вештачката интелигенција.
Според извори запознаени со проектот, уредот е дизајниран да биде повеќе од обичен паметен звучник - дигитален придружник кој ќе комуницира со корисникот на природен начин, ќе ги предвидува неговите потреби и ќе му помага во секојдневните активности.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Во Охрид сѐ повеќе странски туристи, но престојуваат сѐ пократко
Анализирајќи ја државната статистика, забележуваме и дека бројот на ноќевања расте со побавна стапка во однос на бројот на туристи односно посети. На пример, ако во 2022 година просечниот број на ноќевања по турист бил 3,80, во 2025 година е веќе паднат на 3,14. Падот е поизразен кај странските гости, каде што во годините пред пандемијата просечниот број на ноќевања бил 2,57 во 2018 и 2,61 во 2019 година, додека од 2022 година наваму бројката паѓа од 2,52 на 1,95 во 2025 година. Познавачите на состојбите во туризмот велат дека главната причина за помалиот број ноќевања кај странските туристи е паднатиот број на аранжмани од седум или десет дена што беше карактеристично пред десетина години.
„Сега доминираат т.н. кружни тури, односно кога туристи од секаде во светот доаѓаат на Балканот и посетуваат неколку држави, а во Македонија ги посетуваат главно Скопје и Охрид, со по две-три ноќевања вкупно“, објаснува нашиот соговорник Влатко Сулев, генерален менаџер на „Балкан прајм турс“, компанија што организира тури низ Македонија и регионот за странски туристи.
Зошто инвеститорите го префрлаат капиталот од ВИ гигантите кон малите компании?
Во последните неколку години, американската берза имаше јасни фаворити. Неколку од најголемите технолошки компании, предводени од еуфоријата на вештачката интелигенција, го понесоа речиси целиот раст на пазарот, додека малите компании претежно останаа во нивна сенка. Оваа година, сликата се промени, и сега Russell 2000, индекс кој ги следи 2.000-те најмали компании од индексот Russell 3000, постигна речиси двојно поголем принос од S&P 500 од почетокот на годината и го отвори прашањето дали инвеститорите го префрлаат капиталот во помалите компании оваа година.
На прв поглед, може да се заклучи дека пазарот едноставно ги напушта големите технолошки компании поради изразениот страв дека вештачката интелигенција е на својот врв и чека момент на нејзин колапс. Сепак, реалноста е многу посложена, при што S&P 500 сè уште бележи двоцифрени добивки, што покажува дека инвеститорите не ја изгубиле довербата во најголемите компании, но дека начинот на кој го распределуваат капиталот се менува.
Бафет до 2034 година ќе го подари целиот свој удел во „Беркшир“
Легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет најави дека до крајот на 2034 година целосно ќе се ослободи од својот удел во „Беркшир Хатавеј“ (Berkshire Hathaway), вреден околу 140 милијарди долари, преку донации во добротворни цели. Воедно, за првпат по речиси две децении, дел од неговата редовна годишна донација нема да добие фондацијата на Бил Гејтс.
Во новото соопштение, 95-годишниот претседател на „Беркшир Хатавеј“ откри дека ќе конвертира 8.000 акции од класата А во 12 милиони акции од класата Б, кои ќе ги распределува меѓу фондациите поврзани со неговото семејство.
„Смртта е непредвидлива, но моите преостанати акции на еден или друг начин ќе бидат донирани до крајот на 2034 година“, порача Бафет.
Трговските тензии ја ослабеа кредитната активност во еврозоната
Трговските тензии и геополитичката неизвесност доведоа до намалена побарувачка за кредити и построги услови за финансирање на компаниите од еврозоната што извезуваат во САД, се наведува во блог-објава на вработени во Европската централна банка (ЕЦБ).
Европските производители на автомобили, кои се меѓу компаниите најсилно изложени на царините, се соочиле со построги кредитни стандарди, што дополнително ги продлабочува структурните проблеми со кои веќе се соочуваат, напишаа економистите предводени од Петра Келер-Улбрих во средата.
Во други случаи, банките не ги промениле условите за кредитирање, но го засилиле надзорот врз компаниите изложени на трговските тензии, наведуваат авторите. Според нивната оценка, влијанието на трговските тензии врз кредитната активност го достигнало врвот во периодот меѓу април и октомври 2025 година.
Ворш: Борбата со инфлацијата не е завршена
Претседателот на Федералните резерви (Фед), Кевин Ворш, изјави дека забавувањето на инфлацијата во јуни не значи дека борбата е завршена и првпат откако ја презеде функцијата навести како централната банка би можела да реагира во иднина.
Во текот на тричасовното сведочење пред Конгресот, законодавците го прашуваа како планира да го исполни своето повеќепати повторено ветување за враќање на ценовната стабилност, откако Фед со години не успева да ја постигне целната инфлација од два отсто.
Иако новиот претседател на Фед не навести директно построга монетарна политика, јасно стави до знаење дека меѓу опциите за ограничување на инфлацијата се и каматните стапки.