Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики поддржани преку долгогодишната политика на фиксен девизен курс, има подобри показатели за управување во споредба со други земји со слични економски перформанси, како и посветеност на реформи во рамки на процесот на пристапување во ЕУ. Ова го констатира кредитната агенција „Фич“во последниот извештај со кој земјава го задржа кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Кога вештачката интелигенција станува сојузник на животот
Се случува револуција во медицината. Не онаа што доаѓа со големи зборови и ветувања за иднината, туку онаа што е веќе тука – тивка, но несопирлива. Лекарите, истражувачите и инженерите од целиот регион ги здружуваат силите со вештачката интелигенција за да го променат начинот на кој ги гледаме, разбираме и третираме болестите. Тоа веќе не е научна фантастика, туку реалност што спасува животи.
Словенија, на пример, користи вештачка интелигенција за да ги анализира скеновите на мозокот за подобро да ја разбере мултиплекс склерозата и развива биомаркери кои ќе им помогнат на онколозите да ја предвидат ефективноста на терапиите. Хрватските болнички центри ја воведуваат вештачката интелигенција во анализата на медицинската слика, додека иновативните стартапи развиваат алатки кои заштедуваат време на лекарите и ја зголемуваат точноста на дијагнозите. Во Македонија, хирурзите веќе оперираат користејќи 3Д модели обликувани од вештачка интелигенција.
Пред Велигден: Во светот недостиг од јајца, во Македонија има за извоз
Македонскиот пазар е стабилен и снабден со доволни количества квалитетни и безбедни консумни јајца, соопшти вчера Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија. Неделава компаниите од овој сектор имале состанок со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски и информирале дека „како традиционален производ што е дел од велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количества во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници“.
„Најголемите производители и извозници на јајца најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација“, се наведува во соопштението.
Трамп може да воведе царини за увоз на бакар за неколку недели
Американските царини за увоз на бакар би можеле да бидат воведени во наредните недели - неколку месеци пред истекот на рокот за донесување на оваа одлука, велат добро информирани извори.Цената на бакарот на њујоршката берза достигна рекордна вредност од 5,3740 долари по фунта, пред да опадне на околу 5,3005 долари по фунта.
Американскиот претседател Доналд Трамп во февруари му наложи на Министерството за трговија да истражи каков е потенцијалот за воведување царини на бакар и да поднесе извештај во рок од 270 дена. Сепак, се очекува ова прашање да биде решено многу порано, велат извори кои не сакаа да бидат именувани. Белата куќа одби да ги коментира овие наводи. Се чини дека истрагата е чиста формалност, бидејќи Трамп постојано зборува за воведување царини. Питер Наваро, трговски советник на Белата куќа, во февруари рече дека истрагата се одвива забрзано.
Дали е време за купување акции на „Тесла“ или компанијата на Маск е новата „Нокиа“
Акциите на „Тесла“ покажуваат знаци на закрепнување во последните неколку недели, што наведе многумина да се запрашаат дали е време да купуваат пред да го вратат својот поранешен сјај или тоа се последните обиди на компанијата чиј балон неповратно се издишува. За нешто повеќе од две недели, цената на „Teсла“ скокна за околу 15 отсто, а извршниот директор Илон Маск се труди максимално да ја врати довербата кај инвеститорите, откако пред неколку дена одржа состанок со сите вработени.
Тој им кажа дека иднината на компанијата е „неверојатно светла“ и ги повика да „ги задржат своите акции“ и покрај огромниот пад на продажбата, серијата безбедносни повлекувања на возила, сметководствените неправилности и бранот вандализам во САД и бунтовите на речиси сите големи пазари предизвикани од неговиот политички ангажман.
„Рајанер“ воведува програма за лојалност за помалку од 100 евра годишно
„Рајанер“ (Ryanair Holdings Plc) воведе програма за лојалност наменета за редовните патници, со што направи пресврт во однос на својот долгогодишен отпор кон концептот на членство што цели кон олеснувања за оние што често летаат. Програмата за членство „Прајм“ (Prime) чини 79 фунти (околу 92 евра) годишно. Програмата овозможува бесплатен избор на седишта, патничко осигурување и пристап до ексклузивни понуди за членовите, соопшти ирската нискобуџетна авиокомпанија.
„Рајанер“ претстави пресметки според кои патниците можат да остварат корист веќе по три патувања годишно. Главниот извршен директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, долго време го отфрлаше значењето на програмите за лојалност, фокусирајќи се на пристапни цени и точност на летовите, без дополнителни погодности. „Ако сакате лојалност, купете куче“, изјави тој за британски „Индипендент“ (Independent) во април минатата година.