Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, рече дека очекувањата за инфлацијата треба да останат закотвени и дека јавноста треба да знае оти порастот на цените ќе се врати на посакуваната цел.
„Со оглед на големата неизвесност, она што ние централните банкари треба да го направиме е да спроведеме монетарна политика што ги зацврстува очекувањата, односно тие да останат прикотвени на посакуваната цел“, рече таа во петокот во Бангкок.
Прочитајте повеќе: ББА прогноза: Инфлацијата ќе гори во Македонија и во 2023 година
„Треба да ѝ сигнализираме на јавноста, на набљудувачите, на коментаторите дека инфлацијата во сите сценарија благовремено ќе се врати на среднорочните цели. Ова е најдоброто што можеме да го направиме во сегашното опкружување“, рече Лагард на конференцијата организирана од Банката на Тајланд и Банката за меѓународни порамнувања.
Сите со нетрпение го очекуваат последниот состанок на ЕЦБ годинава на 14-15 декември, кога официјалните лица ќе одлучат дали ќе направат трето последователно зголемување на каматните стапки за 75 базични поени или ќе го олабават темпото на половина поен. Минатомесечното отчитување на инфлацијата даде основа за помал пораст, забавувајќи се првпат по година и половина.
Прочитајте повеќе: Инфлацијата во еврозоната конечно забавува, прв знак на надеж за ЕЦБ
Претходно неделава, Лагард рече дека би била изненадена ако зголемувањето на цените го достигнало својот врв. Во меѓувреме, некои од нејзините колеги кои се залагаат за повисоки стапки од страна на ЕЦБ предупредија прерано да не се прекинува кампањата за враќање на инфлацијата под контрола.
Лагард во Бангкок предупреди дека изгледите ќе останат неизвесни уште некое време. „Поминуваме низ многу предизвикувачки период кога се поместува земјата под нашите нозе“, нагласи таа.
Шефицата на ЕЦБ исто така посочи дека јачината на доларот има помало влијание врз еврозоната отколку врз економиите во развој.
Внимателно кон валутите
„Конвенционалната мудрост вели дека не таргетираме никаков девизен курс“, рече таа. „Очигледно, ние го следиме и сме многу внимателни кога станува збор за варијациите на девизните курсеви, а особено внимателно ја следиме апрецијацијата на доларот“.
Лагард истакна дека фискална политика која е привремена, насочена и приспособена може да игра важна улога во заштитата на Европа од енергетската криза.
„Тие три работи можат да помогнат да се ублажат енергетските шокови и да се ограничат инфлаторните очекувања“, посочи таа. „Фискалните политики што создаваат вишок побарувачка во економиите со ограничена понуда би можеле да ја принудат монетарната политика да се заостри повеќе отколку што е инаку потребно, а за жал, барем во моментот, некои од фискалните мерки што ги анализираме од многу влади на еврозоната укажуваат на второто сценарио, а не на првото“.