Банката на Англија се стреми да ја зачува улогата на традиционалните банкноти и монети во секојдневните трансакции, оставајќи ја како опција за потрошувачите иако расте популарноста на електронските форми на плаќање.
Сара Џон, главен касиер на Централната банка на Обединетото Кралство вели дека ќе помине „долго време“ пред општеството да биде подготвено да се ослободи од готовина, а во меѓувреме властите треба широко да циркулираат банкноти и монети.
„Важно е луѓето да имаат избор на начини на плаќање и да можат да изберат што е најдобро за нив“, вели Џон.
Помеѓу 2017 и 2019 година, бројот на луѓе кои користат готовина само еднаш месечно или помалку во Обединетото Кралство се удвои на 7,4 милиони, тренд забрзан од пандемијата „Ковид-19“. Кредитните и дебитните картички и другите форми на пари поддржани од приватни компании добиваат на сила.
Одржувањето на готовина е дел од пошироките напори на англиската централна банка да ги одржува платните системи на кралството во тек со технологијата и во чекор со барањата на потрошувачите. Официјалните лица, исто така, размислуваат за „дигитална валута на централната банка“ која ќе им даде на луѓето сигурност што не можат да ја добијат со криптовалутите.
Одржувањето на релевантноста на готовината и монетите е исто така приоритет. Банката на Англија започна да издава нови полимерни банкноти од 20 фунти во 2020 година, додека постепено ги укинува хартиените банкноти од 20 и 50 фунти. Новите банкноти се поиздржливи и потешки за фалсификување.
Старите ќе бидат повлечени како законско средство за плаќање од 30 септември. По тој датум, луѓето ќе мора лично да ги разменат книжните белешки во седиштето на банката во Лондон или преку поштата. Банката проценува дека 14,5 милијарди фунти од хартиените банкноти кои наскоро ќе бидат безвредни остануваат во оптек.
Слична е и состојбата и во Македонија. Иако има значителен раст на користењето на кредитни картички во изминативе години, сепак плаќањето во готовина се уште е секојдневие. Според податоците на Народната банка вкупниот број на плаќањата во земјата во 2021 година изнесувал 176 милиони трансакции и забележа годишен раст од 26,7 проценти, при истовремен раст од 63,3 проценти на нивната вредност која достигна 5.714 милијарди денари.
„Промените на навиките на граѓаните и компаниите, поточно сѐ почестото ползување на придобивките од дигитализацијата на пазарот на платежни услуги, во одреден обем произлезени од појавата на корона-кризата, и натаму се видливи преку зголеменото користење на платежните картички и дигиталните канали за извршување на плаќањата. Така, во 2021 година е забележан висок годишен раст од 29,1 проценти на бројот на трансакции со платежни картички што придонесе за зголемување на нивното учество од 1,1 п.п. во вкупниот број плаќања и достигна 58,1 проценти“, се вели во годишниот извештај на Народната банка за 2021.
Инаку, со состојба на 31.12.2021 година, вкупниот износ на издадените пари во оптек e 51.381 милион денари и во однос на крајот од 2020 година, тие бележат зголемување од 1.352 милиона денари, или 2,7 проценти. Структурата на парите во оптек укажува дека на крајот на годината, книжните пари учествуваат со 97,7 проценти, а кованите пари со 2,3 проценти од вкупната вредност. Од аспект на бројот на издадени пари во оптек, учеството на книжните пари изнесува 27,8 проценти (112,3 милиони парчиња), а на кованите пари 72,2 проценти (291,8 милиони парчиња).
Најголемо учество во вкупната вредност на емитираните книжни пари имаат книжните пари во апоен од 1.000 денари (45 проценти), 2,000 денари (38,3 проценти) и 500 денари (11,2 проценти). Останатите книжни пари учествуваат со 5,5 проценти во вкупната вредност.