Македонија

Овошје и зеленчук 'збогатени' со забранети пестициди завршуваат на трпеза?

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

21. Септември 2022, 07:00

Во Хрватска стопирана пратка со сливи која содржи материја штетна по невролошкиот развој кај децата

Штетната материја во ЕУ била забранета пред две години, кај нас во април годинава

ДИЗ не може да ги исконтролира сите 100.000 земјоделци во Македонија

Овошје и зеленчук 'збогатени' со забранети пестициди завршуваат на трпеза?

МИА

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

Сливи, грозје, зелка, корнишони – произведени во Македонија, годинава биле вратени назад од странство затоа што содржеле недозволени активни материи или материи над дозволените граници.

Последниот случај е од минатата недела. Пратка тешка 21.090 тони свежи сливи не ја помина хрвaтската граница. Преку RASFF системот (систем на Европската Унија во кој се внесуваат сите неправилности кои се утврдуваат во земјите членки на Европската Унија во однос на безбедноста на храна и храна за животните) на 13 септември била испратена нотификација дека сливите содржат резидуи (остатоци н.з.) од активната материја Chlorpyrifos. Пратката се уште не е вратена во земјава, а кога ќе се врати, производот ќе биде уништен.  

Сливите „збогатени“ со штетната материја се легално произведени во земјава

Според стручната литература, изложеноста на резидуи од активната материја chlorpyrifos во текот на бременоста и во детството е поврзана со помала родилна тежина и невролошки промени како што се забавен моторичен развој и проблеми со вниманието. Се покажало дека децата изложени на материјата имаат понизок коефициент на интелигенција и имаат поголеми шанси за равзој на аутизам, проблем со недостиг на внимание и нарушувања во развојот.

Пестицидот најмногу се користи во руралните области во Азија, а пред 20 години бил дозволен и во САД. По забраната за употреба бројот на пријавени инциденти нагло се намалил од над 200 во 2000 година, на помалку од 50 во 2003 година.

Во Европската Унија употребата на оваа активна материја chlorpyrifos целосно e забранета од април 2020 година, во земјава забраната почнала во април годинава. Ова значи дека сливите „збогатени“ со chlorpyrifos и пратени за Хрватска се легално одгледани.

„По добивање на информацијата за забраната за употреба во ЕУ согласно националното законодавство се издава преоден период за трошење на залихите од тие пестициди во времетраење од 18 месеци (12 месеци за продажба и 6 месеци за употреба на истите) за  оние количини кои веќе се наоѓаат во нашата држава. Процедурата за уништувањето претставува голем проблем како за нашата држава, така и за останатите земји. Уништувањето на пестицидите се врши во мал број депонии во Европа и истото има многу висока цена на чинење. Наведените пестициди веќе не можат да се најдат во продажба, но индивидуалните земјоделски производители можно е се уште да имаат на располагање од претходно набавените пестициди и да ги користат во заштитата на своите насади“, вели за Блумберг Адриа, вршител на должност директор на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), Јане Станкоски.

Bloomberg Mercury

Колку од штетните пестициди се користат во земјава, а производите завршуваат на трпеза?

Законот за безбедност на храна утврдува строги правила, а казните за прекршителите се движат од 600, па до 10.000 евра. Надзор на пазарот вршат инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство и целта е заштита на здравјето. 

Во случај како последниот со сливите кои не стигнаа до хрватскиот пазар, од Инспекторатот велат дека спроведуваат инспекциски надзори кај производителите на земјоделските производи во однос на правилна употреба на пестициди. Се проверува евиденцијата на употребени пестициди која ја водат производителите, се проверува дали користените пестициди се употребувани во согласност со законот, односно дали истите се дозволени за употреба на таа култура, дали се почитувани дозите препорачани од страна на производителот на пестицидот и дали е запазена „каренцата“, односно дали е запазен периодот од последната примена до берба и ставање во промет на земјоделскиот производ.  Исто така во одредени случаи се земаат примероци од насадите со цел да се потврди одредената неправилност со помош на лабораториски тестирања.

Покрај тоа, ДИЗ спроведува и годишен редовен мониториг за да се избегнат вакви ситуации, а се изрекуваат и казни согласно законот.  

„Сите овие активности се спроведуваат во насока на спречување на појава на небезбедна храна, како на домашниот пазар, така и во пратките наменети за извоз. Сепак потребно е да се напомене дека во нашата држава има повеќе од 100.000 производители на земјоделски производи од растително потекло и постојана контрола од страна на инспекциските служби на сите производители не е возможна, што претставува реалност како во нашата држава така и во развиените земји вклучително и земјите на ЕУ“, вели директорот Станкоски.

Во првата половина од оваа година, Инспекторатот извшил 23.466 надзори и дури 22.119 од нив биле вонредни. Утврдени се 420 неправилности при што се преземни законски мерки.

На граничните премини, во истиот период, фитосанитарните инспектори извршиле 21.235 контроли од нив 9.848 биле при извоз, а 7.824 при увоз на храна.

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра
Општо

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра

Зекири се товари дека спротивно на Законот и без спроведена постапка за јавна набавка склучил два договора за консултантски услуги за Пошта и Железници Транспорт вредни скоро 1,5 милиони евра.

пред 3 часа

Сите новости од рубриката Економија

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите
Адриа

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите

Тој вели дека во првата половина на годината има договори од една четвртина милијарда евра. Извозот во првото полугодие од зоните е за 11 отсто повисок во споредба со истиот период минатата година.

14.07.2022

Автор: Наташа Стојановска

Економија

сите новости од рубриката Економија