text size
Шест пати поскапа струја, околу 20 проценти покачени цени на горивата, 16,8 отсто инфлација, исто толку поскап транспорт, војна на европско тло што предизвика прекин во ланецот на снабдување и недостиг од многу производи... И ако на сето ова додадеме две години пандемија, поради која што многу бизниси беа ограничени во својата работа или дури и целосно затворени во извесен период, што само по себе значеше економска криза од големи размери, може да заклучиме дека овие три години се можеби меѓу најтешките за водење бизнис. Иако веќе станува јасно од каде ќе почнуваат кратењата во вакви услови, ние анализираме директно во разговор со компании. Во текот на подготовката на овој текст и Стопанската комора направи анкета на над 1.600 компании кои купуваат струја на слободниот пазар. Анкетата покажала дека компаниите се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Изјавиле дека почнале да го намалуваат бројот на вработени, да го редуцираат производството, дел одлучиле и да ги затворат капацитетите.