Нов сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра, донесе Владата на денешната седница. Како што соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, со овие средства, севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра. Заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, нагласи премиерот, остануваат приоритет.
„Клучната порака денеска е дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно“, рече Ковачевски на прес-конференција по редовната 88. владина седница.
Премиерот подвлече дека мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани.
„Повторно менаџираме добро со Буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, посебно кај најранливите категории. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката,… Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата. Делуваме одлучно и преземаме мерки кои ја ублажуваат кризата“, истакна Ковачевски.
Тој соопшти дека се одлучиле за таргетирани мерки за субвенционирање на индустрии што произведуваат основни прехранбени производи да им се помогне со енергенси и струја што ја користат, но под услов ако се намали или не се зголемува цената на производите што излегуваат од нивните капацитети.
„Се надевам дека во наредните една-две недели ќе дојдеме до решение прифатливо за производителите што ќе овозможи субвенционирање на енергенсите за нив, а тие да ја намалат или да не ја зголемуваат цената на основните прехранбени производи“, рече Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека веќе е подготвена мерка за производителите на основните прехранбени производи, а нејзината операционализација треба да почне од 1 декември.
Како што истакна Бектеши, одговорајќи на прес-конференција во Владата, во соработка со Министерството за финансии се креираат мерки и за малите компании кои се на слободниот пазар.
Тој уште еднаш објасни дека целта е да се намали цената на инптутите за основните производи, за да се спречи нивно поскапување.
Ковачевски укажа дека освен постоечките мерки кои се веќе на сила, во новиот пакет се дизајнирани мерки за социјално ранливи категории на граѓани.
„Со овој сет антикризни мерки пред сѐ обезбедуваме по 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци, или вкупно 12.000 денари за скоро 42.0000 граѓани. (Тука спаѓаат лица кои користат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26 годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица). За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра“, соопшти Ковачевски.
Тој додаде дека директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари во наредните 4 месеци (1.500 денари месечно) ќе има и за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија односно за над 91.600 пензионери.
„Воедно, директна финансиска помош од вкупно 3.000 денари обезбедивме за пензионерите кои земаат пензија од 11.525-14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За оваа мерка, за нашите пензионери издвоивме над 12,2 милиони евра“, информира Ковачевски.
Во овој сет на мерки се обезбедува поддршка на јавни, образовни и здравствени установи.
„Така, ги вклучуваме основните и средните училишта на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, и обезбедуваме континуиран и непречен образовен процес. Поддржуваме вкупно 365 основни и 109 средни училишта и (за оваа цел одвоивме над милион евра). Овозможуваме снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ по далеку поповолна цена од пазарната цена. Обезбедуваме снабдување со електрична енергија на мерни станици за водни пумпи, преку ЕСМ продажба по поволна цена од берзанската цена (потребна електрична енергија од 34.000 MWh, субвенционирање на разлика во цена на електрична енергија - фин импликација 3,4 милиони евра), не смееме да дозволиме во општините каде што се снабдуваат со вода преку пумпи да останат граѓаните без вода“, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека се проширува опсегот на компании кои се корисници на кредитно - гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање за обезбедување на обртни средства за што се предвидени околу 5 милиони евра.
„Обезбедуваме директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековната состојба) како и ТП, занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход). Овозможуваме забрзан и зголемен поврат на ДДВ со помалку од 30 дена за поврат на ДДВ за што се одвоени вкупно скоро 160 милиони евра. Обезбедуваме на поволна консултантска поддршка за изработка на проекти / студии за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел полесен пристап до капитал. Продолжуваме со кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со структура на финансирање 60-40 проценти, за што се одвоени 10 милиони евра. Воедно, за набавка на енергенси, затоплување на Градот Скопје, поддршка за производство на евтина домашна струја за домаќинствата кои треба да ги операционализира ЕСМ преку кредит од ЕБРД од 100 милиони евра“, соопшти Ковачевски.