Затегнувањето на монетарната политика во Македонија почна да дава резултати, а најдобар показател за тоа се каматните стапки на новодоговорените кредити, кои во изминативе неколку месеци се искачија на највисоко ниво во последните три години. Просечната камата на новите станбени кредити се зголеми од 3,59 проценти во април годинава на над границата од шест проценти во мај и во јуни годинава.
Истовремено, зголемување има и на просечната камата на новите потрошувачки кредити, иако со послабо темпо отколку кај станбените. Имено, просечната камата на новите потрошувачки кредити на крајот од минатата година изнесуваше 5,05 проценти, а во периодот февруари-јуни годинава е над границата од шест проценти.
Ако се земе предвид дека Народната банка продолжи со заострување на монетарната политика и во текот на август годинава, станува извесно дека претстои понатамошно зголемување на каматите на кредитите и на депозитите во Македонија.
Прочитај повеќе
Раст на депозитите, пад на кредитите во јули
Намаленото кредитирањето на корпоративниот сектор
21.08.2023
НБРМ ја зголеми основната камата на највисоко ниво во последните 13 години
Референтната камата сега изнесува 6,15 отсто.
03.08.2023
Еуриборот стигнува до четири отсто, каде е врвот на нашите камати?
Оваа шестмесечна стапка е значајна и за каматите во Македонија, особено за кредитите што имаат променливи каматни стапки.
01.08.2023
Доаѓа време на банкроти, а има кандидати и во Македонија
Бројот на банкроти низ светот ќе се зголемува и во 2024 година.
31.07.2023
Пад на побарувачката за кредитирање на стопанството
Високите каматни стапки предизвикуваат и пад на побарувачката на кредитирање на стопанството.
28.07.2023
Низа нови мерки
На последната седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка во почетокот на август беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,15 п.п., до нивото од 6,15 проценти.
На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите прекуноќ и на седум дена ќе изнесуваат 4,05 и 4,10 проценти, соодветно.
„Одлуката за промена во каматните стапки е донесена во услови на постепена стабилизација, но и понатаму постојат ризици, поради што е оценето дека има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика“, соопшти тогаш Народната банка.
Оттаму додадоа дека при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), која на последниот состанок донесе одлука за дополнително зголемување на каматните стапки.
Монетарното затегнување започна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.
„Овие промени се поддржани и од измените во инструментот на задолжителна резерва, кои беа насочени кон зголемување на денаризацијата, каде што се забележуваат позитивни трендови“, информираа од централната банка.
Заради зајакнување на досегашните позитивни ефекти од овие мерки, Советот на Народната банка во август донесе дополнителни измени кај инструментот на задолжителна резерва. Заради натамошна поддршка на процесот на денаризација на билансите на банките беше донесена одлука за зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски од 19 на 20 проценти, зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во денари со девизна клаузула од 50 на 100 проценти, како и пораст на процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута што се исполнува во евра од 77 на 80 проценти.
Забавува растот на кредитирањето
Иако побавно од очекуваното, комерцијалните банки почнаа да ги следат сигналите од монетарната власт. Имено, растат каматите на депозитите и на кредитите, а има забавување и на кредитирањето.
Во јули годишниот раст на вкупните депозити изнесуваше 11,1 проценти, што се објаснува со зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на секторот домаќинства. Од друга страна, вкупните кредити забележаа месечно намалување од 0,2 процента, кое во целост произлегува од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор.
„Анализирано на годишна основа, растот изнесува 5,8 проценти под влијание на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства“, соопшти Народната банка.
Овој месец кај кредитите на корпоративниот сектор е забележано месечно намалување од 0,9 проценти под влијание на падот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута.
„Годишниот раст изнесува пет проценти и се должи на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес кон растот на кредитите во странска валута“, велат од Народната банка.
Инфлацијата забавува, но сè уште е висока
Инфлацијата во Македонија и натаму забавува и во јули 2023 година падна на 8,4 проценти. Според Народната банка, забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај сите три компоненти, при што најголем придонес за ваквата динамика имаат прехранбената и енергетската компонента. Сепак, оттаму неодамна укажаа дека инфлацијата е сѐ уште над историското ниво, а базичната инфлација упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и на храната сѐ уште не се целосно исцрпени.
Ефектите од затегнувањето допрва ќе се почувствуваат
Се исполнија очекувањата на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ од мај годинава дека Народната банка ќе ја зголеми основната камата до ниво од 6 проценти во месеците што доаѓаат. Всушност, Народната банка ја надмина оваа граница со последната одлука во август за зголемување на каматата до ниво од 6,15 проценти.
„Стапката на инфлација е во тренд на намалување од октомври 2022 година, што го ослободува притисокот централната банка да дејствува поагресивно. Очекуваме резултатите од монетарното затегнување дополнително да се видат во наредните месеци (бидејќи каматните стапки полека се приспособуваат), обезбедувајќи стабилен надолен тренд на стапката на инфлација“, соопштија тогаш нашите аналитичари.
Во интервју за телевизијата „Блумберг Адрија“, универзитетскиот професор и член на Советот на Народната банка, Марјан Петрески, неодамна соопшти дека е потребно понатамошно намалување на инфлацијата, која иако полека стивнува, сè уште е под ризик од геополитичките случувања и неизвесноста на глобално и европско тло.
„Во вакви околности, неопходно е монетарната политика и натаму да биде на линијата на затегнување“, рече Петрески.
Тој посочува дека е за очекување растот на референтната каматна стапка да се одрази врз каматните стапки и врз банкарскиот систем, но смета дека затегнувањето беше постепено и умерено и тоа оневозможи да дојде до некаков брз пораст на каматните стапки во банкарскиот систем, што, пак, особено неповолно би се одразило врз динамиката на економскиот раст.
„Во моментов растот на каматните стапи на кредитирањето се рефлектира со одредено забавување на растот на кредитната активност, меѓутоа забележете дека сè уште зборуваме за раст на кредитната активност и, во тој контекст, очекувам таа динамика со оваа поставеност на монетарната политика да се одржи во претстојниот период“, рече Петрески.
Тој додаде дека интензитетот на пораст на каматните стапки кај депозитите беше и во одредена мера сè уште генерално е послаб од тој на кредитите, што во генерална смисла можеби ја одразува пазарната структура на овој сектор.